266/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 160 точка 13 во делот „и другите општи акти“; член 163 став 2; член 164 став 3; член 165 став 1 точка 3 во делот „во согласност со Владата“и точка 11 во делот„или другите општи акти“, и член 169 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000,5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009 и 156/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на наведените членови од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата членот 160 став 1 точка 13 во делот: „и другите општи акти“ на Фондот и членот 165 став 1 точка 11 од Законот во делот „или другите општи акти“ не биле во согласност со член 8 став 1 алинеа 3 и член 51 од Уставот, затоа што надлежностите на Фондот и на директорот на Фондот можеле да се определат само со закон или Статутот на Фондот, но не и со други општи акти, како што било предвидено во оспорените законски делови.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби и делови на одредбите 163 став 2, `164 став 3, 165 став 1 точка 3 и 169 став 3 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 91, алинеја 1 и 5 и член 96 од Уставот. Ова затоа што согласно членовите 8 и 9 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, Фондот имал својство на правно лице и дејноста на Фондот била од јавен интерес. Тоа според подносителот, значело дека Фондот бил самостоен и независен орган и не се наоѓал во состав на Министерството за труд и социјална политика, поради што немало уставен основ Управниот одбор на Фондот да го донесува Статутот и другите општи акти по претходно прибавено мислење од Министерствотот за труд и социјална политика, ниту,пак, Владата да дава согласност на Одлуката за именување на директорот односно заменикот на директорот на Фондот, согласност на актот за систематизација и на Статутот на Фондот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 160 точка 13 од Законот (подносителот ја означува како точка 12) е предвидено дека во фондот се вршат и други работи определени со закон, Статутот „и другите ошти акти на Фондот“ (оспорен дел)

Според оспорениот член 165 став 1 точка 11 од Законот, директорот на фондот во рамките на своите права и должности утврдени со овој закон, покрај другото врши и други работи кои со закон, статут, или другите општи акти се ставени во неговата надлежност.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законот. Секој е должен да го почитува уставот и законите.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјална заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјално осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според одредбите од членовите 8 и 9 од наведениот закон, правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој има својство на правно лице и како такво врши дејност од јавен интерес.

Во Глава IX „Фонд за пензиско и инвалидско осигурување“ од Законот, односно во членовите од 160 до 170 се уредени прашањата кои се однесуват на надлежностите на Фондот, органите на Фондот и нивните надлежности, изборот на органите, прашањата кои се уредуваат со статутот на Фондот и прашањето на надзор над работењето и законитоста на работата на Фондот, кој што го врши Министерството за труд и социјална политика.

Во членот 160 од Законот, покрај другите надлежности на Фондот во оспорената точка 13 е предвидено дека во Фондот се вршат други работи, определени со закон, Статутот и други општи акти на Фондот (оспорен дел).

Во членот 165, пак, од Законот се утврдени правата и должностите на директорот на Фондот при што во точката 11 е предвидено дека тој врши и други работи кои со закон, статутот или други општи акти се ставени во неговата надлежност.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, а посебно на членовите од 160 до 170 од Законот, наспрема наводите од иницијативата со кои се оспоруваат дел од член 160 точка 13 и член 165 точка 11 според Судот истите се неосновани.

Со оглед на фактот што согласно членовите 8 и 9 од наведениот закон, Фондот има својство на правно лице чија дејност е од јавен интерес како и фактот што според оспорените делови на членовите 160 и 165 од Законот, Фондот односно директорот на Фондот кој го претставува и застапува Фондот вршат работи утврдени со Статутот на Фондот или другите општи акти, произлегува дека оспорените делови по својата содржина се општи и упатувачки одредби. Притоа, според Судот со овој вид на акти во суштина треба да се уредуваат прашања кои се во насока на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, а не да се утврдуваат права на осигурениците.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови на член 160 точка 13 и член 165 став 1 точка 11 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

4. Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 163 став 2 од Законот, Статутот и другите општи акти од ставот 1 точка 1 на овој член ги донесува Управниот одбор на Фондот, по претходно прибавено мислење од Министерството за труд и социјална политика.

Според оспорениот член 164 став 3 од Законот согласност на одлуката за именување на директор, односно заменик директор на Фондот дава Владата на Република Македонија.

Според оспорениот член 165 став 1 точка 3 од Законот, (подносителот означува дека се работи за точка 2), директорот на Фондот, во рамките на своите права и должности утврдени со овој закон; донесува акти за организација и работа на Фондот и општ акт за систематизација на работите во Фондот во согласност со Владата.

Во оспорениот член 169 став 3 (подносителот го означува како став 2) од Законот е предвидено дека согласност на Статутот на Фондот дава Владата на Република Македонија.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеа 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите. Исто така, според алинејата 13 од истиот член од Уставот, Владата врши именување и разрешување на носителите на јавни и други функции утврдени со Уставот и со закон.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на одредбите од Законот за пензиско и инвалидското осигурување со кои се уредуваат прашањата на остварувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, а кои права се остваруваат преку Фондот на кого му се пренесени јавни овластувања, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Според Судот а поаѓајќи од утврдената законска положба на Фондот во процесот на остварување на правата од пензиското и инвалидското осигурување, како и од фактот што согласно членот 170 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, надзор над законитоста и работењето на Фондот врши Министерството за труд и социјална политика, со предвидената обврска Управниот одбор на Фондот Статутот и другите општи акти да може да ги донесе по претходно прибавено мислење од наведеното министерство не се доведува во прашање самостојноста и незавиноста на Фондот. Ова затоа што Фондот без оглед на фактот што не е орган во состав на Министерството за труд и социјална политика, тој врши дејности од јавен интерес од областа на социјалната заштита и не може да се гледа изолирано од целокупниот систем, а посебно од системот на социјалните права од оваа област. Оттука, оспорениот член 163 став 2 од Законот не може да биде доведен под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

По однос на наводите од иницијативата дека Владата немала уставен основ да дава согласност на Одлуката за именување на директорот односно на заменик директорот на Фондот, да дава согласност на актите за организација и работа на Фондот и согласност на Статутот на Фондот, исто така Судот оцени дека се неосновани. Имено, тргнувајќи од уставната поставеност на Владата, како носител на извршната власт која ја утврдува политиката на извршување на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, врши именување и разрешување на носители на јавни и други функции како и според законската поставеност на Фондот, Судот оцени дека постои уставна основа Владата да дава согласност на наведените одлуки.

Поаѓајќи од фактот што управувањето и одлучувањето во јавните установи што вршат дејност од јавен интерес и обезбедувањето на стручност и компетентност во истите спаѓа во доменот на надлежност на законодавецот кој согласно со наведеното во оспорените делови од членовите 164, 165 и 169 предвидел Владата да дава согласност на одлуката за именување на директор односно заменик директор да дава согласност на актот за организација на Фондот и согласноста на Статутот на Фондот, Судот не го постави прашањето за согласноста на ттие одредби од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.266/2009
23 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски