Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 72 став 1 точките 1 и 4 и ставовите 2 и 3 и член 73 став 1 точките 1 и 4 и ставовите 2 и 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008 и 81/2009);
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби се правела разлика меѓу граѓаните во врска со стекнувањето на правото на семејна пензија така што (1) вдовицата го стекнувала тоа право на 45 години живот, а вдовецот на 55 години живот и (2) вдовицата под 45 години живот го немала тоа право за разлика од вдовицата над 45 години живот и вдовецот под 55 години го немал тоа право за разлика од вдовецот над 55 години живот, со што се создавала нееднаквост на граѓаните по основ на пол, како и правна несигурност на граѓаните, поради што означените законски одредби не биле во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9, член 30 став 1, член 34, член 35 став 1, член 40 став 1, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека содржината на оспорените одредби од член 72 на Законот е определена во Законот за пензиското и инвалидското осигурување од 1993 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993), содржината на член 73 став 1 точка 1 е определена во Законот од 1993 година, на точката 4 во Законот од 1993 и 1997 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993 и 32/1997), а на член 73 ставовите 2 и 3 во Законот од 1995 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/1995).
Во оспорениот член 72 став 1 од Законот се определува дека: „Вдовица стекнува право на семејна пензија ако:
1) до смртта на брачниот другар наполнила 45 години живот;
4) до смртта на брачниот другар имала наполнети 40 години, кога ќе наполни 45 години живот – или ако во тие години станала неспособна за работа“;
Оспорениот став 2 од истиот член на Законот предвидува дека: „Вдовицата која во текот на користењето на правото по основа на вршење на родителска должност (став 1 точка 3) стане неспособна за работа или наполни 45 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија“.
Оспорениот став 3 од истиот член на Законот определува дека: „Вдовицата која го загубила правото на семејна пензија по основа на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 45 години живот“.
Во оспорениот член 73 став 1 од Законот се предвидува дека: „Вдовец стекнува право на семејна пензија ако:
1) до смртта на брачната другарка наполнил 55 години живот;
4) вдовецот кој го стекнал правото на семејна пензија по основа на вршење на родителска должност по наполнети 50 години живот, се стекнува со право на семејна пензија кога ќе наполни 55 години живот“;
Оспорениот став 2 од истиот член на Законот предвидува дека: „Вдовецот кој во текот на користење на правото по основа на родителска должност стане неспособен за работа или наполни 55 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија“.
Оспорениот став 3 од истиот член на Законот определува дека: „Вдовецот кој го загубил правото на семејна пензија по основа на вршење на родителска должност по наполнети 50 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 55 години живот“.
4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1); граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).
Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.
Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност (став 1); Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.
Според член 40 став 1 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на правниот поредок на Република Македонија и дека тие вредности се операционализирани така што со Уставот се определува право на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување и обврска за Републиката да ја обезбеди социјалната сигурност на граѓаните врз основа на начелото на социјална праведност и во обем определен, покрај другото, со закон, при што Републиката има обврска посебно да води сметка за граѓаните кои се неспособни за работа, како и за семејството. Во тие рамки, законодавецот е должен да го обезбеди начелото на еднаквоста на граѓаните по основ на, покрај другото, пол, како и да ја оствари темелната вредност на владеењето на правото.
Со оспорените законски одредби се определува различна возраст за жените (45 години живот) и мажите (55 години живот) за стекнување на право на семејна пензија при истоветна ситуација (починат брачен другар-пензиски осигуреник), при што разликата не се заснова на објективна различност меѓу жената и мажот, нивната биолошка или функционална посебност во врска со работата како основ за стекнување на пензија, во кој случај би можело да се предвидат различни услови за стекнување на право на пензија и што е и направено за личната пензија (64 години маж, 62 години жена), туку разликата се заснова на тоа што брачниот другар на починатиот осигуреник-маж е жена и ништо друго, односно што брачниот другар на починатата осигуреничка-жена е маж и ништо друго. Покрај тоа, разликата од 10 години за стекнување на право на семејна пензија (55 години за вдовец, 45 години за вдовица), која е необјасниво голема, исто така претставува основа да се смета дека нема објективна причина да постои разлика меѓу вдовица и вдовец во стекнувањето на правото на семејна пензија. Поради тоа, пред Судот се постави прашањето дали таквите одредби не го доведуваат во прашање начелото на еднаквоста на граѓаните по основ на пол определено во член 9 од Уставот, како и социјалната и правната сигурност на граѓаните утврдени во членовите 8, 34 и 35 од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.83/2009
23 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски