Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27, член 28 и член 29 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (“Службен весник на Република Македонија” број 113/2007);
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 во делот: “и другите прописи, освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено ” од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група (“Службен весник на Република Македонија” број 113/2007);
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точките 1 и 2 од ова решение.
Во иницијативата подносителот наведува дека оспорениот дел од членот 4 став 2: “и другите прописи освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено”, не можел да постои, затоа што со други прописи не се одредувале права и обврски, туку тие се определувале со Уставот и законите. Според подносителот, тоа произлегувало од членот 8 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането и од членот 51 став 2 од Уставот, според кој секој е должен да ги почитува Уставот и законите, што значело не и другите прописи, како што било определено во оспорениот законски дел. Со оспорениот законски дел “освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено”, се создавала конфузија и непрецизност на целата одредба од член 4 став 2 од Законот. Поради тоа, смета дека со оспорениот законски дел “и другите прописи”, се повредувал членот 8 став 1 алинеја 3 и став 2 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.
Како причини за оспорување на членовите 27, 28 и 29 од Законот, иницијативата ја наведува одвоеноста на црквата, верската заедница и религиозната група од државата и дека тие биле слободни во основањето на верски училишта и на социјални и добротворни установи во постапка предвидена со закон, но одвоени од државата и нејзиното државно образование. Подносителот, во иницијативата се повикува и на Одлуката У.бр. 202/2008 од 15.04.2009 година, на околности дека членот 26 од Законот за основно образование, во кој било предвидено дека во основно училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет, бил укинат. Поради тоа, смета дека со овие оспорени законски одредби се повредувал член 8 став 2, член 9, член 16 став 1, член 19 ставовите 1 и 2, Амандаманот VII, член 20, член 44, член 45 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 4 став 2 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, е определено дека не е дозволена верска дискриминација и дека верското убедување не го ослободува граѓанинот од обврските што како граѓанин ги има според Уставот, законите и другите прописи, освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено.
Судот, утврди и дека оспорениот член 27 од Законот, определува дека во воспитнообразовните установи може да се организира верско образование како изборен предмет согласно со закон и дека при подготвувањето на наставниот план и програма со кои се утврдува изборниот предмет од областа на верското образование може преку органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници да бидат консултирани црквата, верската заедница и религиозната група.
Судот, исто така утврди дека со оспорениот член 28 од Законот, е определено дека верско образование како изборен предмет можат да изведуваат лица кои ги исполнуваат посебните услови предвидени за таа цел, а според оспорениот член 29 од Законот дека учениците помлади од 15 години можат да посетуваат верско образование како изборен предмет врз основа на согласност на родителите или старателите.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Уставот на Република Македонија во делот кој се однесува на граѓанските и политички слободи и права, со членот 9 утврдил дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со членот 16 став 1 од Уставот се гарантира слободата на уверувањето, а со членот 19 ставовите 1 и 2 од Уставот се гарантира слободата на вероисповеста и се гарантира слободното и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата.
Во делот на Уставот кој се однесува на економските, социјални и културни права, со членот 44 е утврдено дека секој има право на образование.
Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.
Во членот 45 од Уставот, е определено дека граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.
Поаѓајќи од содржината на изнесените одредби од Уставот, произлегува дека:
-граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата;
-секому му се гарантира слободно изразување на верата;
-верските заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот;
-тие се слободни во основањето на верски училишта и други социјални и добротворни установи;
-правото да се припаѓа на одредена вера подразбира и право да не се припаѓа на ниедна религија и да не се исповедува нејзиното учење;
-не постои државна религија која би била повластена и не се признаваат никакви привилегии на било која вера по било кој основ;
-постои слобода на здружување на граѓаните заради остварување на нивните уверувања врз основа на програми и дејствувања кои не се насочени, покрај другото и кон верска омраза и нетрпеливост.
Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 91 алинеја 1 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието, па во тој контекст согласно алинејата 4 од Уставот, донесува уредби и други прописи за извршување на законите.
Според членот 7 од Законот за средното образование (“Службен весник на Република Македонија” број 44/1995, 24/1996, 34/1996, 35/1997, 82/1999, 29/2002, 40/2003, 42/2003, 67/2004, 55/2005, 113/2005, 35/2006, 30/2007, 49/2007, 81/2008, 92/2008 и 33/2010), во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување. Во средното училиште не се дозволува организирање на верско образование.
6. Со членот 4 став 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, е утврдено начелото за забрана на верска дискриминација, што е всушност и уставен принцип, а со оспорениот ставот 2 од истиот член од Законот, е определено дека верското убедување не го ослободува граѓанинот од обврските што како граѓанин ги има според Уставот, законите и другите прописи, освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено.
Оспорениот член 4 став 2 од Законот, уредил начелна норма дека никој поради своето верско убедување, не може да биде ослободен од обврските што како граѓанин ги има според Уставот, законите и другите прописи. Наведеното упатува на граѓанската обврска за почитување на Уставот и законите. Законите, мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Уставно загарантираниот принцип на безусловно почитување на Уставот и законите од страна на граѓаните на Република Македонија, значи дека сите без оглед на личното верско убедување и чувство, имаат обврска и должност за почитување на нормите кои произлегуваат од Уставот и законите, но во одредбата на оспорениот член содржана е и обврска за почитување и на другите прописи. За непосредно и правилно извршување на законите, а со тоа и за непосредно остварување и извршување на правата и обврските на субјектите на кои се однесува одреден закон, со подзаконските прописи, се разработуваат одделни прашања, доколку во законот има овластување за тоа. Бидејќи, другите прописи се подзаконски општи правни норми, согласно со принципот на хиерархија и субординација, нужно е да се во согласност со основните правни акти, односно со Уставот и законите, верското убедување на граѓаните ги обврзува и на почитување и на сите други прописи секако кои се во согласност со Уставот и законите.
Оспорената одредба во останатиот дел од членот 4 став 2 “освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено”, определува исклучок од оваа обврска, но само доколку тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено. Со овој дел од оспорената одредба законодавецот дозволил извесна флексибилност која би морала законски да биде нормирана и која евентуално би ги рефлектирала спецификите на некоја верска заедница. Законодавецот определил дека “исклучокот”, мора да биде регулиран со закон, а прописот (или друг пропис) претставува практична опрерационализација на законот, со тоа што “другиот пропис” не може да го дерогира законот.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека терминот “и другите прописи, освен ако тоа со закон или друг пропис поинаку не е уредено” е соодветно употребен, односно дека не може од овој аспект да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.
7. Со оспорениот член 27 став 1 од Законот, се определува дека во воспитно образовните установи може да се организира верско образование како изборен предмет согласно со закон. Во ставот 2 од истиот член, е определено дека при подготвувањето на наставниот план и програма со кои се утврдува изборниот предмет од областа на верското образование може преку органот надлежен за работите во врска со односите меѓу државата и верските заедници да бидат консултирани црквата, верската заедница и религиозната група.
Според оспорениот член 28 од Законот, верско образование како изборен предмет можат да изведуваат лица кои ги исполнуваат посебните услови предвидени за таа цел, а според оспорениот член 28 од истиот закон, учениците помлади од 15 години можат да посетуваат верско образование како изборен предмет врз основа на согласност на родителите или старателот.
Оспорените членови 28 и 29, претставуваат доуредување на оспорениот член 27.
Од анализата на оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот, произлегува дека во сите воспитнообразовни установи може да се организира верското образование како изборен предмет, изведувано од лица кои исполнуваат посебни услови за таа цел, како и обврска за родителска, односно старателска согласност за посетување на верско образование за лица помлади од 15 години.
Тргнувајќи од содржината на членот 1 од Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозни групи, односно дека со овој закон се уредува основањето и правниот статус на црквата, верската заедница и религиозната група, уредување на богослужба, молитва и верски обред, верска поука и образовни дејности, приходи на црквата, верската заедница и религиозната група, како и други прашања. Црквата, верската заедница и религиозната група се одвоени од државата и се еднакви пред закон, Судот, утврди дека со членот 1 од Законот е определен предметот на уредување на овој закон во кој не е содржано прашањето кое се уредува со оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот и е надвор од предметната законска содржина.
Прашањата за образовните дејности кои впрочем го опфаќаат верското образование, се уредени со членот 22 од овој закон, каде е определено дека црквата, верската заедница и религиозната група имаат право да основаат верски образовни установи од сите степени на образование, освен од основното образование, за школување на свештени лица и верски службеници и дека верските образовни установи се изедначени со другите образовни установи. Имено, со одредбите од членот 22 од Законот, е исцрпено прашањето за верското образование и секое друго доуредување како во оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот, односно регулирањето на прашањето за верското образование и во останатите воспитнообразовни установи, излегува надвор од рамките на овој закон, и уредува прашања за кои не постои уставноправна основа.
Во контекст на наведеното е членот 7 од Законот за средното образование според кој во средното училиште е забрането секакво политичко и верско организирање и дејствување и дека во средното училиште не се дозволува организирање на верско образование, како и Одлуката на Уставниот суд У. бр. 202/2008 од 11 февруари 2009 година со кој е укинат членот 26 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/ 2008), со кој беше предвидено дека во основно училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет. Од овие причини, се доведува во прашање уставноправната издржаност и опстојувањето на овие оспорени законски одредби во правниот поредок.
Уставноправната оправданост на оспорените одредби од член 27, 28 и 29 од Законот, се доведува во прашање не само во основните училишта и средните училишта од причини наведени погоре, туку и во останатите воспитнообразовни установи (универзитети, високо стручни школи) кои како јавни установи кои вршат дејност во областа на образованието, вклучувајќи ги сите, односно јавните, приватните и мешовитите воспитнообразовни установи.
Судот ги ценеше наводите од мислењето дека државата има обврска не само да обезбеди право на образование на секого, туку и право на религиозно образование на секого, бидејќи со овозможување да се оствари ова право во училиштата, државата всушност ја извршувала својата обврска кон граѓаните, а не кон црквата, верските заедници и религиозно групи, но по однос на ова прашање овој суд веќе се произнел со Одлуката У.бр. 202/2008 од 15 април 2009 година, со која е укинат членот 26 од Законот за основното образование, бидејќи Судот оценил дека со укинатата одредба со која беше предвидено дека во основно училиште може да се остварува и верско образование како изборен предмет, се создава можност во основното образование да се воведе предмет во кој се изучува определена вера, со кој се врши воведување во правилата според кои треба да се однесува припадникот на определена вероисповед, или како што се нарекува – вероучение, верска поука или, најчесто, веронаука и дека ваквиот облик на верско образование што произлегува како можност од законот, го надминува академскиот и неутрален карактер на наставата, што инаку е карактеристика на јавното, државно образование и ја инволвира државата во организирањето на таква верска настава, наспроти изнесениот принцип на одвоеност на државата и црквата.
Согласно изнесеното, Судот, утврди дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 27, 28 и 29 од Законот со Уставот.
8. Врз основа на напред изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 104/2009
23 јуни 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски