У.бр.245/2009

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 3 и 4 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2009).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за:

– оценување на уставноста на член 24 став 1 во делот: „ висината на“ од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007 и 165/2008);

– оценување на уставноста и законитоста на насловот и во член 1 во делот „висината“, член 2 став 1 и член 2 став 2 во делот:„ висината на“ од Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007) и на член 1 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/2008) , и

– утврдување на ретроактивно важење на Уредбата определена во точка 2 од овој предлог, за утврдување на висината на надоместокот за приватизација на градежното земјиште со закон, наместо со подзаконски акт и за оценување на меѓусебната согласност на Уредбата означена во точка 2 на овој предлог, со одредбите на Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во Република Македонија.

3. Стамен Филипов од Скопје, Кирил Стевоски од Скопје, Горан Настевски и други 23 лица, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според Стамен Филипов, како подносител на иницијативата, со член 3 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2009), различно се третирале субјектите (физичките и правните лица) и објектите, за што немало уставна и законска основа. Според тоа, со оспорената одредба од Уредбата и Прегледот за висината на надоместот за приватизација на градежно земјиште се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 55 став 2 од Уставот и член 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост. Воедно, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одредба, бидејќи со нивно извршување би можеле да настанат тешко отстранливи правни последици.

Според Кирил Стевоски, како подносител на иницијативата, со даденото овластување согласно член 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, Владата на Република Македонија донела Уредба за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште, која била менувана повеќе пати, при што цената по м2 на градежното земјиште што граѓаните ја плаќале не била истата, со што граѓаните не биле еднакви пред Уставот. Цената по м2 земјиште не можела да биде иста за сите општини во Република Македонија, што било во спротивност со член 24 став 2 од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост, како и со Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 56/2005, 87/2007……). Поднесената иницијатива била во согласност со член 52 став 4 од Уставот, а заради еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, се предлага висината на надоместот за приватизација на градежното земјиште да се внесе во Законот, како што тоа било утврдено во законите за казните, односно глобите.

Според Горан Настевски и другите 23 подносители на иницијативата, новиот Преглед за висината на надоместот за приватизација на градежното земјиште, утврден со член 3 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште, во сите реони, зони и подзони во централното подрачје, вон централното подрачје и населените места за индивидуално домување, колективно домување, објекти за јавни инсталации, објекти за спорт и рекреација и инфраструктурни објекти изнесувала 61,00 денари од м2, со што било повредено основното уставно начело на еднаквост и рамноправност на граѓаните пред Уставот. Оваа измена на Уредбата не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 1 и со член 9 од Уставот. Со наведената измена граѓаните биле ставени во нееднаква положба, а чесните граѓани што го имале откупено земјиштето според претходната уредба биле казнети. Во оваа смисла, во иницијативата се наведува дека подносителите на истата, под притисок и заплашување од Министерството за финансии и Министерството за транспорт и врски, за тоа дека доколку не го приватизираат земјиштето во законскиот рок, ќе бидат должни да склучат договор за времен или долготраен закуп (известувања во печатените медиуми – весникот „Време“ од 27.12.2007 година), имале платено за приватизација на земјиштето и по неколку илјади евра за што подигале кредити од комерцијалните банки со доста високи камати или отуѓувале друг сопствен имот или позајмувале пари од други лица или ја трошеле долгогодишната заштеда. Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да покрене постапка за оценување на уставноста на член 3 од наведената уредба. Понатаму, подносителите бараат и за нив да биде пресметана цена по едно евро за м2 за откуп на дворните места, а остатокот од парите што тие претходно ги уплатиле по многу повисока цена, да им бидат вратени за да бидат еднакви со другите граѓани пред Уставот. Во спротивно, ќе биле приморани да станат „несовесни“ граѓани и да не го плаќаат годишниот данок на имот за куќите додека не си ги повратат парите што ги платиле повеќе од едно евро за м2.

4. Судот на седницата утврди дека Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2009), има пет члена.

Според член 1 од Уредбата, во Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007 и 26/2008), во членот 5 ставот 2 се менува и гласи: „ Висината на надоместот за приватизација на градежното земјиште определен во Прегледот од член 2 на оваа уредба, во сите реони, за сите зони, а во подзоните „В“ и „Г“, кој се плаќа во целост во денари, се намалува за 35%.“

Според член 3 од Уредбата, Прегледот за висината на надоместот за приватизација на градежното земјиште се заменува со Преглед, кој е составен дел на оваа уредба.

Согласно член 4 на истата уредба, на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместокот определена со Прегледот кој е составен дел на оваа уредба, доколку истиот е поповолен за странките.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 88 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт, која своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Според член 91 од Уставот, Владата на Република Македонија, покрај другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, утврдува начела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа и врши и други работи утврдени со Уставот и со закон.

Со 3аконот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија бр.4/05, 13/07 и 165/08 146/2009), се уредува приватизацијата, долготрајниот закуп, времениот закуп, одземањето и престанувањето на правото на користење на градежното земјиште во државна сопственост, на кое право на користење имаат физички и правни лица (член 1).

Според член 22 на овој закон, за градежното земјиште кое се приватизира со надомест се плаќа надомест под услови и на начин определени со овој закон.

Согласно член 24 став 1 од истиот закон, висината на надоместот за градежното земјиште што е предмет на приватизација, како и начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација, на предлог на министерот за финансии ги пропишува Владата на Република Македонија со посебен пропис. Според став 2 на овој член, висината на надоместот за градежното земјиште што е предмет на приватизација се утврдува во зависност од зоните утврдени во членот 83 од овој закон.

Според член 83 од овој закон, заради определување на висината на надоместот за приватизација, закупнина за долготраен закуп и времен закуп на градежното земјиште се врши реонизација на зоните на градовите и населените места во Република Македонија (став 1). Согласно став 2 на овој член, реонизацијата се врши според местоположбата и степенот на комунална уреденост на градежното земјиште, а според став 3 на истиот член, реонизацијата од ставот 1 на овој член ја определува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за транспорт и врски.

Врз основа на наведениот член 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, Владата на Република Македонија донела Уредба за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште.

Уставниот суд на Република Македонија ја ценел уставноста на наведената законска одредба која е основ за донесување на наведената уредба, како и уставноста и законитоста на самата уредба (“Службен весник на Република Македонија” бр.87/2007 и 26/2008), при што со Решение У.бр.185/2007 одлучил да не поведе постапка за оценување на уставноста на наведениот член од Законот и на уставноста и законитоста на Уредбата, затоа што оценил дека со овластувањето на Владата на Република Македонија утврдено во членот 24 став 1 од Законот не се утврдуваат права и обврски на граѓаните и правните лица, како што се наведува во иницијативата од причина што начинот на приватизацијата и условите за приватизација, како и тоа дека висината на надоместот за градежно земјиште што е предмет на приватизација се утврдени во самиот закон, а овластувањето на Владата на Република Македонија со свој пропис (уредба) да ја пропишува висината на надоместот е согласно нејзиното место и улога во организацијата на државната власт, која како носител на извршната власт е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на утврдување и извршување на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи врз основа и во рамките на Уставот и законите и има своја уставна основа во членот 91 од Уставот.

По донесувањето на наведената одлука на Уставниот суд на Република Македонија, Владата донела Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2009), со која извршила измени во висината на надоместотот за приватизација на градежното земјиште во државна соспственост, во која смисла донела нов Преглед за висината на надоместот за приватизација на градежно земјиште, според кој висината за приватизација на дворните места ( индивидуално домување) и за колективно домување за сите реони, општини и зони ја утврдила на 61,00 денар по м2, а за приватизација на комерцијални и деловни објекти во зоната на централното подрачје, определила различни висини ( на пр. 3.200,00 денари по м2 за Реон I (кој ги опфаќа скопските општини), 2.500,00 денари за реон II, 1.650,00 денари за реон III, 1.184,00 денари за реон IV и 340,00 денари за реон V. Според член 4 на оваа уредба, на постапките за приватизација на градежното земјиште започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба, ќе се применува висината на надоместокот определена со Прегледот кој е составен дел на оваа уредба, доколку истиот е поповолен за странките. Согласно член 5 на истата уредба, оваа уредба влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Според подносителите на иницијативите, со последните измени на Уредбата и намалувањето на цената за приватизација на индивидуалното и колективното домување на 61,00 денар за м2, граѓаните кои претходно ги имале откупено своите дворни места по значително повисока цена која била утврдена со претходно важечката уредба, биле ставени во нееднаква положба со граѓаните на кои им е овозможено приватизирање на таквите простори по сега важечката цена, со што било повредено начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, од една страна и што водело кон правна несигурност како елемент на владеењето на правото, од друга страна. Исто така, се наведува дека различното третирање на субјектите (физичките и правните лица) и објектите, немало уставна и законска основа.

Според Судот, ваквите наводи во иницијативата се неосновани. Ова од причина што овластувањето на Владата на Република Македонија со свој пропис (уредба) да ја пропишува висината на надоместот за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост е согласно нејзиното место и улога во организацијата на државната власт, која како носител на извршната власт е самостојна и независна во утврдувањето на политиката на утврдување и извршување на законите и другите прописи на Собранието, во донесувањето на прописи за извршување на законите и во вршење на другите работи врз основа и во рамките на Уставот и законите, што има своја уставна основа во членот 91 од Уставот. Во оваа смисла, Владата со наведената уредба, вклучително и со последните измени и дополнувања на истата, ја утврдила висината на надоместот за приватизација на градежно земјиште, и тоа по реони, општини и зони, како што налага член 83 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, поради што не може да се прифати дека станува збор за прашање кое во Уредбата е уредено спротивно на одредбите на Законот. Фактот што со последните измени на Уредбата, Владата ја намалила цената за приватизација на индивидуалното и колективното домување и ја изедначила во сите општини и зони, е прашање за чија целисходност е надлежна Владата, врз основа на анализите и проценките за оправданоста на определувањето на конкретната висина на надоместокот и тоа не е прашање од уставно-правен карактер. Притоа, значајно е што новоопределениот надоместок по м2 за приватизација на земјиштето се однесува на сите идни ситуации, по влегувањето во сила на Уредбата, при што, дадено е право, на постапките започнати пред денот на влегување во сила на оваа уредба, односно на постапките кои не се завршени, да се применува висината на надоместокот утврден со Прегледот кој е составен дел на оваа уредба, доколку е тоа поповолно за странките. Ваквата определба искажана во член 4 на Уредбата, е во согласност со член 52 од Уставот, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1) и истите не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните (став 4).

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на членовите 1, 3 и 4 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 115/2009) со член 9 и член 52 од Уставот и со член 24 став 2 од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост.

6. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеите 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето или ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според Судот, барањето искажано во една од иницијативите, измената на Уредбата да се однесува ретроактивно, на сите постапки за приватизација на земјиштето во државна сопственост, како решение кое е поповолно за граѓаните, ги надминува ингеренциите на Уставниот суд, односно, тоа е прашање за кое единствено е надлежна Владата, како орган на државната власт овластен да ја утврдува висината на наведениот надоместок. Уставниот суд е надлежен да ја цени уставноста и законитоста на прописите во текст во кој истите се донесени од страна на надлежниот орган, а не самиот да нормира решенија. Во иста насока, според Судот, треба да се цени и барањето искажано во истата иницијатива, висината на надоместокот за приватизација на градежното земјиште да биде конкретно утврдена со закон, а не Владата да биде овластена да ја утврдува висината на надоместокот, како што е случај со конкретниот Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост. И во овој случај, станува збор за прашање за кое е надлежен законодавецот, а не за прашање за кое може да одлучува Уставниот суд. Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативите во овој дел.

Наводите во иницијативата за несогласноста на оспорените членови од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште, со одредбите на Уредбата за определување на реонизација на зони на градовите и населените места во Република Македонија, всушност претставува барање за оцена на меѓусебната согласност на два подзаконски акти, со иста правна сила, што не спаѓа во надлежностите на Уставниот суд утврдени со член 110 од Уставот, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата и во овој дел.

Тргнувајќи од фактот дека Уставниот суд, со Решение У. бр. 185/2007, ја ценел уставноста на член 24 став 1 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/2003 и 72/2007) и уставноста и законитоста на Уредбата за висина на надомест за приватизација на градежно земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежно земјиште (“Службен весник на Република Македонија” бр.87/2007 и 26/2008), при што оценил дека не постои основ за изразување сомнеж во нивната уставност, односно уставност и законитост, а со сега поднесената иницијатива повторно се бара оцена на нивната уставност и законитост, во суштина поради истите причини, при што, според Судот, нема основ за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на член 24 став 1 во делот: „ висината на“ од Законот за приватизација и закуп на градежното земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2005, 13/2007 и 165/2008); насловот и во член 1 во делот „висината“, член 2 став 1 и член 2 став 2 во делот:„ висината на“ од Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007) и член 1 од Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за висината на надомест за приватизација на градежното земјиште што се приватизира, начинот и постапката за наплата на надоместот за приватизација на градежното земјиште („Службен весник на Република Македонија“ бр. 26/2008).

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.245/2009
23 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски