У.бр.18/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 95 став 1 точка 1 од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.14/2006, 24/2007, 103/2008, 67/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била во спротивност со член 118 од Уставот на Република Македонија и со одредбите од Законот за ратификација на Мултилатералната спогодба помеѓу Европската заедница и нејзините земји членки, Рпеублика Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Црна Гора, Кралство Норвешка, Романија, Република Србија и мисијата на Обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европска заедничка воздухопловна област („Службен весник на Република Македонија – Меѓународни договори бр. 27/2007 и 98/2009), како и со член 55 од Уставот. Ова од причина што таа предвидувала дека оператор на воздухоплов може да биде државјанин на Република Македонија, а со споменатата спогодба се создавала заедничка воздухопловна област заснована на слободен пристап на пазарот и слобода на основање, еднакви услови за конкуренција и заеднички правила. Оттука, подносителот на иницијативата смета дека оператор на воздухоплов не може да биде само државјанин на Република Македонија, туку и странец.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеите 3, 7 и 11, член 29 став 1, член 31, член 51, член 55, член 58 и член 118 од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба од член 95 точка 1 од Законот за воздухопловство, воздухоплов може да се впише во регистарот на воздухоплови ако, меѓу другите, го исполнува и условот операторот на воздухопловот да е државјанин на Република Македонија, односно правното лице каде што мнозинскиот вложен капитал е во сопственост на државјани на Република Македонија со седиште во Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во текот на претходната постапка се утврди дека Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 12 мај 2010 година, го донело Законот за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство, во кој оспорената одредба, односно целината на членот 95 добила нова содржина која што гласи:

„Воздухоплов се запишува во регистарот на воздухоплови доколку:
– воздухопловот ги исполнува условите за пловидбеност пропишани со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон,
– операторот на воздухопловот е домашно физичко лице или странско физичко лице со регулиран престој во Република Македонија или е правно лице регистрирано и со седиште во Република Македонија,
– воздухопловот е избришан од странскиот регистар на воздухоплови во кој претходно бил запишан,
– воздухопловот кој е увезен од странство има увеерение за пловидбеност на воздухопловот за извоз што го издал надлежниот орган на земјата во која бил прертходно регистриран,
– воздухопловот ги исполнува пропишаните услови во поглед на буџавата и другите емисии согласно со овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон,
– операторот на воздухопловот има доказ за сопственост или одобрен договор за закуп односно лизинг на воздухопловот без екипаж и
– операторот кој не е сопственик на воздухопловот достави изјава со која сопсственикот се согласува истиот да се запише во регистарот на воздухоплови на Република Македонија“.

Законот за изменување и дополнување на Законот за воздухопловство е објавен во “Службен весник на Република Македонија”, број 67/2010, а влегол во сила осмиот ден од објавувањето, односно на 22 мај 2010 година.

Со оглед на тоа што оспорената одредба од членот 95 од Законот за воздухопловство престанала да важи и не е во правниот поредок, Уставниот суд утврди дека, согласно наведената деловничка одредба, се исполнети условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер – Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 18/2010
23 јуни 2010 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски