254/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 став 12 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр. 92/2007, 147/2008-исправка и 161/2009).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 98 став 11 во делот: „и трошковник“ и став 13 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорените законски
одредби било дадено законско овластување на извршната власт спротивно на Уставот. Освен тоа, овие одредби биле непотполни и непрецизни, затоа што не се знаело врз основа на кои законски критериуми и параметри министерот за транспорт и врски го донесувал трошковникот за работа на комисијата за посредување. Исто така, не се знаело и не можело да се разбере што се подразбирало под поимот „разумна и соодветна на значењето, обемот и сложеноста на прекршоците“, што биле тоа реални трошоци што ги имал органот потребни за обезбедување и работа на комисијата за посредување. Со тоа, се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеите 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 98 став 11 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, министерот за транспорт и врски донесува деловник и трошковник за работа на комисијата за посредување.

Според став 12 на овој член, членовите на комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот и сложеноста на прекршоците.

Согласно став 13 на истиот член, висината и видот на трошоците утврдени во трошковникот од ставот 11 на овој член се определува од реалните трошоци што ги има органот потребни за обезбедување на работа на комисијата за посредување.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 51 од Уставот е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно Амандман XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон. Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај се уредуваат условите и начинот на вршење на превоз на опасни материи во внатрешниот и меѓународниот патен и железнички сообраќај, условите кои треба да ги исполнуват амбалажата и превозните средства, должностите на лицата кои учествуваат во превозот на опасни материи, назначување на советник за безбедност, оспособување на лицата кои учествуваат во превозот на опасни материи, надлежностите на државните органи и надзор над спроведување на законот (член 1).

Согласно член 85 став 1 од овој закон, инспекцискиот надзор над извршувањето на овој закон, на прописите донесени врз основа на овој закон и на прописите наведени во членот 3 на овој закон, го врши Државниот инспекторат за транспорт преку државните инспектори за патен и железнички сообраќај и овластените службени лица од Министерството за внатрешни работи.

Според член 98 став 1 од истиот закон, за прекршоците од членовите 94, 95, 96 и 97 на овој закон, инспекторот на Државниот инспекторат за транспорт, овластеното службено лице од Министерството за внатрешни работи и инспекторот од Дирекцијата за радијациона сигурност можат на сторителот на прекршокот да му предложат посредување и постигнување на согласност со која сторителот на прекршокот треба да ја плати глобата, другите давачки или да ги отстрани последиците од прекршокот. Согласно став 4 на овој член, постапка за посредување се води пред комисија за посредување формирана од министерот за транспорт и врски. Комисијата е составена од три члена од кои еден ја врши функцијата на претседател. Според став 5 на овој член, членовите на комисијата се избираат од редот на државните службеници вработени во Министерството за транспорт и врски, од кои еден е дипломиран правник. Согласно став 11 на истиот член, министерот за транспорт и врски донесува деловник и трошковник за работа на комисијата. Според став 12 на овој член, членовите на комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот и сложеноста на прекршоците. Согласно став 13 на истиот член, висината и видот на трошоците утврдени во трошковникот од ставот 11 на овој член се определува од реалните трошоци што ги има органот потребни за обезбедување на работа на комисијата за посредување.

Со иницијативата се оспорува јасноста и прецизноста на член 98 став 12 од Законот, во делот кој се однесува на висината на наградата на членовите на комисијата за посредување, односно во делот: „која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот и сложеноста на прекршоците“, а не се оспорува правото на награда на членовите на оваа комисијата. Меѓутоа, имајќи предвид дека со Законот се утврдува право на награда на членовите на комисијата за посредување, кои се избираат од редот на државните службеници вработени во Министерството за транспорт и врски, според Судот, основано се поставува прашањето дали работата на оваа комисија е во рамките на редовната управна функција на Министерството за транспорт и врски, односно дали работата во Комисијата за посредување може да се смета за дополнителен ангажман на државните службеници во овој орган или пак тоа претставува нивна работна обврска согласно со Амандманот XX на Уставот, за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Ова особено имајќи предвид дека Судот, со својата Одлука У.бр. 20/2009, ги укина член 266-б став 4 точка 4 и став 8 и член 266-г став 12 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009), (според член 266-б став 8 на овој закон, членовите на Прекршочната комисијата имале право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува министерот надлежен за работите од областа на трудот, а според член 266-г став 12 од Законот, членовите на Комисијата за посредување имале право на награда за својата работа во комисијата што ја определува министерот надлежен за работите од областа на трудот), затоа што оцени дека, дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот. Според образложението на Одлуката, за Судот било спорно прашањето дали воопшто во Законот треба да биде предвидена награда на државните службеници членови на овие комисии. Имено, имајќи ја предвид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на управата им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттука произлегува дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност. Според тоа, вршењето на овие управни функции не може да се смета за дополнителна работа на органот и нешто што е надвор од неговите надлежности. Оттука и членувањето на државните службеници во Комисијата за прекршоци, осносно во Комисијата за посредување не може да се смета за дополнителен ангажман на државните службеници, туку претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Според оценката на Судот, дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот.

Во смисла на наведеното, доколку работата во комисијата за посредување согласно Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, претставува управна функција на Министерството за транспорт и врски која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност, основано се поставува прашањето за основаноста на дополнителната награда на вработените во Министерството кои се членови на оваа комисија, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена оцена, да го постави прашањето за согласноста на целината на член 98 став 12 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова затоа што доколку нема основ за исплата на награда за работа во комисијата за посредување, ирелевантни се одредбите за висината на таквата награда и тие самостојно не би можеле да опстојат во правниот поредок.

6. Наводите во иницијативата со кои се оспорува законското овластување на министерот за транспорт и врски да донесе трошковник за работа на комисијата за посредување, затоа што не било јасно врз основа на кои законски критериуми и параметри треба тоа да го стори и затоа што одредбите од Законот биле непотполни и непрецизни и не можело да се разбере што биле тоа реални трошоци што ги има органот потребни за обезбедување и работа на комисијата за посредување, поради што со таквата регулатива се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, Судот ги оцени како неосновани. Ова затоа што законодавецот утврдил обврска за министерот, при определувањето на висината и видот на трошоците за работа на комисијата за посредување, да води сметка видот и висината на трошоците да биде во рамките на реалните трошоци што ги има органот за обезбедување на работата на комисијата, поради што, реално направените трошоци претставуваат рамка според која министерот е должен да се раководи при донесувањето на наведениот трошковник, поради што Судот оцени дека ваквата регулатива не претставува повреда на уставно утврденото начело на владеењето на правото.

Од напред наведеното, произлегува дека овластувањето на министерот за транспорт и врски да ги определи видот и висината на трошоците за работа на комисијата за посредување, е во согласност со определбата од член 96 од Уставот, според која органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата, поради што ваквото овластување не може да се доведе под сомневање од аспект на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Прашањето дали во донесениот подзаконски акт министерот се движи токму во рамките на така даденото овластување и определените законски критериуми може да биде предмет на оцена единствено преку оценување на уставноста и законитоста на конкретниот подзаконски акт.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 98 став 11 во делот „ и трошковник“ и став 13 од Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеите 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.254/2009
23 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски