Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 9 јуни 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009).
2. Горѓи Наумов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на одредата од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одредба предвидувала повратно дејство на изменетите и дополнети одредби на Законот, иако истите, посебно во делот на членот 5 од Законот биле понеповолни за граѓаните. Ова од причина што претходно важечката содржина на членот 13 од Законот, за разлика од актуелната содржина на членот 13 од Законот била поповолна за граѓаните затоа што предвидувала дека сокорисниците на градежното земјиште можат да се договорат поинаку од пропишаното.
Од наведените причини, подносителот на иницијативата, смета дека оспорената одредба е спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 6 и член 52 став 4 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на осп орениот член 19 од Законот, започнатите постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите на овој закон.
4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 52 став 4 од Уставот законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.
Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост е донесен на седницата на Собранието на Република Македонија одржана на 12 јануари 2005 година, а е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005 од 17 јануари 2005 година. Овој Законот претрпел повеќе измени, а последна измена е направена со Закон за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр. 146/2009), кој влегол во сила на 15 декември 2009 година.
Оспорениот член 19 од Законот, предвидува дека започнатите постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон (15 декември 2009 година) ќе продолжат според одредбите на овој закон.
Во членот 13 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007 и 165/2008) беше предвидено дека, градежното изградено земјиште на кое постојат сокориснички права може да се приватизира сразмерно на големината на сопстве-ничкиот дел од обје ктот односно објектите, ако сокорисниците на градежното земјиште поинаку не се договорат (став 1). Градежното неизградено земјиште на кое постојат сокориснички права може да се приватизира сразмерно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право, ако сокорисниците поинаку не се договорат (став 2).
Со членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009) содржината на членот 13 од Законот е изменета и сега гласи:
Градежното изградено и градежното неизградено земјиште на кое постојат сокориснички права евидентирани во катастарот на земјиште, односно запишани во катастарот на недвижности во идеални делови се приватизира сразмерно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право (став 1).
Градежното изградено земјиште на кое се изградени станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови кои се во сопственост на различни физички или правни лица, а на кое земјиште во катастарот на земјиште не се евидентирани, односно во катастарот
на недвижности не се запишани идеални делови од сокорисничкото право, се приватизира во заедничка сопственост на физичките или правните лица како етажни сопственици (став 2).
Делот од надоместокот што го плаќа секој од етажните сопственици од ставот 2 на овој член, се определува сразмерно на површината на по себниот дел од зградата според вкупната површина на земјиштето предмет на приватизација, при што се воспоставуваат односи меѓу етажните сопственици кои произлегуваат од правната содржина на правото на заедничка сопственост на градежно изградено земјиште согласно со Законот за градежно земјиште и Законот за сопственост и други стварни права. Сразмерот на површината на посебниот дел од зградата според вкупната површина на земјиштето предмет на приватизација за кој ќе треба да се определи висина на надоместокот, се утврдува со наод и мислење од
вешто лице од областа на градежништвото на трошок на барателот (став 3).
Кога не е извршена целосна приватизација на градежното земјиште од сите етажни сопственици, во Јавната книга за запишување на правата на недвижностите покрај етажните сопственици кои го приватизирале земјиштето останува запишана Република Македонија како заеднички сопственик на земјиштето се до целосна приватизација на земјиштето (став 4).
Од анализата на наведените уставни и законски одредби, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, произлегува дека со оспорениот член од Законот не е пропишана ретроактивна примена на Законот која е понеповолна за граѓаните, поради што неможе да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член се повредуваат владеењето на правото и правната заштита на сопственоста, како и принципот на забрана на повратното дејство на законите, утврден во членот 52 став 4 од Уставот. Ова од причина што со оспорениот член се предвидува започнатите п остапки до 15 декември 2009 година, но не и завршени постапки до наведениот датум да продолжат (во иднина) според одредбите на Законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009) во што не може да се согледа повратно дејство на Законот кое е понеповолно за граѓаните. Ова од причина што новото уредување утврдено во последното изменување и дополнување на Законот се применува на постапките за привати-зација на градежно земјиште кои се уште немаат правна завршница, што значи не се однесува на односи кои се завршени или настанале пред влегувањето во сила на овој закон, во кој случај би можело да се зборува за дејство понеповолно за граѓаните. Напротив, овој член се однесува на незавршени постапки за приватизација од каде во прашање се постапки што се уште траат и со изменувањето и дополнувањето на Законот само се создава обврска на надлежните органи веќе започнатите постапки да ги продолжат со примена на измените на Законот кој се однесува на предметната материја.
Според Судот, треба да се има предвид и фактот што граѓаните со измената на законските одредби не се лишени од можноста да се договараат за поделба на земјиштето поинаква од сразмерната големината на сопственичкиот дел, по завршување на постапката за приватизација, според правилата на Законот за облигационите односи, Законот за сопственост и други стварни права, Законот за вонпарничната постапка и други закони.
Од наведеното јасно произлегува дека одредбите од овој закон се однесуват само на оние постапки кои се уште траат и немаат се уште своја завршница, поради што законската формулација на оспорениот Закон, според Судот, е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, односно со неа не се повредува принциот на владеењето на правото и истата нема повратно дејство, како што тврди подносителот на иницијативата.
Според оцена на Судот, примената на Законот е јасно определена со оспорениот член 19 од Законот, од каде од уставно-правен аспект не може да се проблематизира оспорената одредба во однос на нејзиното важење и примената која нема повратно дејство што е понеповолно за граѓаните.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.42/2010
9 јуни 2010 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски