8/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на

а) член 50 став 4, член 51 став 4, член 53 став 2, член 54 став 2 и член 55 став 7 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.79/2009; и уставноста и законитоста на:

б) член 3 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош, донесен од Министерот за труд и социјална политика („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 а) и уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 б) од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорените одредби од Законот се повредувал член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 3 и 8, член 34, член 35, член 51 и член 54 став 1 од Уставот. Ова затоа што со предвидувањето на институтот прекин на користење на социјална парична помош во наредните 6 или 12 месеца кое право корисникот повторно можел да го оствари, се доведувало во прашање социјалната функција на државата, односно таа функција била суспендирана за одреден временски период, а лицето кое било корисник бил социјален случај и понатаму, на кој начин се повредувале уставните одредби за карактерот на државата прокламирана како социјална држава и остварување на начелото на социјална заштита и социјална сигурност на човекот и граѓанинот.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба од член 3 од Правилникот не била во согласност со член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 8, член 34, член 35, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот со членовите 52, 56 и 189 од Законот за социјална заштита и со членовите 49 став 1, 55 став 1, 56 став 1 и 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа. Ова од причина што оспорениот член не произлегувал од членовите 45 до 56 од Законот за социјална заштита и министерот како доносител на актот со Законот не бил овластен да утврдува од кој имот и имотни права корисникот може да се издржува, односно да дава такво толкување.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 50 став 4 од Законот,ако носителот на правото на социјална помош не постапи согласно со ставовите 2 и 3 на овој член, правото на социјална помош престанува и не може да се оствари во наредните шест месеца.

Според оспорениот член 51 став 4 од Законот, „увидот од ставот 1 на овој член надлежниот центар го врши без претходно најавување. Ако на овластениот работник од Центарот не му се дозволи да направи увид во домот на домаќинството, правото на социјална помош не може да се оствари, односно престанува и истото не може да се оствари во наредните 12 месеца.

Според оспорениот член 53 став 2 од Законот,ако носителот на правото даде невистинити или нецелосни податоци, односно не извести за настанатата промена во материјалната, семејната и имотната состојба за себе и членовите на домаќинството, правото на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните 12 месеца.

Според оспорениот член 54 став 2 од Законот, лицето од ставот 1 алинеите 1 и 2 на овој член не може да користи социјална помош во период од шест месеца.

Според оспорениот член 55 став 7 од Законот, ако корисникот на социјална парична помош од ставот 1 на овој член неоправдано го одбие работното ангажирање, правото на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните 12 месеца.

4. Согласно член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Според член 8 став 1 алинеја 3, 4 и 8 од Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Согласно член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, меѓу другото, произлегува дека Уставот ја прокламира Република Македонија како социјална држава и утврдува дека Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност, за која цел законодавецот го донел Законот за социјална заштита.

Со Законот за социјална заштита се уредува системот и организацијата на социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјална заштита (став 1) . Социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита (член 2 став 1).

Според член 6 од Законот, врз основа на правото од социјална заштита, а под услови утврдени со овој закон, се преземаат мерки преку кои се остварува социјална превенција, вонинституционална и институционална заштита и парична помош од социјална заштита.

Правото од парична помош од социјална заштита како една од услугите и мерките од социјална помош согласно членот 44 од Законот опфаќа: социјална парична помош, постојана парична помош, парична помош на лице кое до 18 години возраст имале статус на дете без родители и родителска грижа, парична помош на мајка која родила четврто дете, паричен надоместок за помош и нега од друго лице, еднократна парична помош и помош во натура, надоместок од плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот, парична помош за социјално домување и право на здравствена заштита.

Правото на социјална парична помош е уредено во членовите од 45 до 56 од Законот, при што ова право може да го оствари лице способно за работа и домаќинство, материјално необезбедно и кое според други прописи може да обезбеди средства за егзистенција.

За материјално необезбедено лице се смета и домаќинство кое остварува приходи по сите основи пониски од износот на социјалната парична помош, утврден со овој закон и кое не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува.

Месечниот приход на лицето или домаќинството се определува според просечниот месечен приход на сите членови, остварен по сите основи во последните три месеца пред поднесување на барањето за остварување на право за социјална парична помош. Во членот 47 од Законот е утврдена висината на социјалната парична помош за носителот на правото која се зголемува за 0,37 за секој член на домаќинството, но најмногу до пет члена, начинот на усогласување на висината на социјалната парична помош како и тоа дека правото на социјална парична помош се исплатува како разлика меѓу утврдениот износ на социјалната парична помош и вкупните приходи по сите основи на сите членови на домаќинството, при што доколку износот на социјалната парична помош е понизок од 100 денари, тој не се исплатува.

Во членот 48 од Законот, е определена висината на социјалната парична помош која се утврдува во зависност од периодот на користење на ова право
.
Во членот 50 од Законот е предвидено дека Центарот го определува носителот на правото на социјална парична помош.

Носителот на правото на социјална парична помош е должен да ја потврди состојбата на месечните приходи за себе и сите членови на домаќинството при поднесување на барањето и во текот на користењето на правото.

Носителот на правото на социјална парична помош е должен еднаш годишно да поднесе документација за материјалната и бројната состојба на домаќинството.

Ако носителот на правото на социјална парична помош не постапи согласно ставовите 2 и 3 на овој член, правото на социјална парична помош престанува и не може да се остварува во наредните шест месеца.

Во членот 51 од Законот е предвидено дека Центарот за социјална работа (кој согласно член 133 од Законот врши јавни овластувања) врши непосреден увид заради утврдување на фактичката состојба на лицето и домаќинството.

Врз основа на направениот увид, Центарот може да го одбие барањето за остварување на правото на социјална парична помош, односно ќе одлучи истото право да престане ако утврди дека корисникот не е изложен на социјален ризик. Непосредниот увид се врши по оценка на органот, а најмногу еднаш во текот на годината.

Според оспорениот став 4 на член 51 од Законот, увидот од ставот 1 на овој член надлежниот орган го врши без претходно најавување. Ако на овластениот работник од центарот не му се дозволи да направи увид во домот на домаќинството, правото на социјална парична помош не може да се оствари, односно да се пресметува и истата не може да се оствари во наредните 12 месеца.

Во членот 53 став 1 од Законот е предвидено дека право на социјална парична помош не може да оствари, односно му престанува на лице или домаќинство кое дало нецелосни или невистинити податоци за семејната, материјалната состојба и состојба со имотот и имотните права.

Во оспорениот став 2 е предвидено дека ако носителот на правото даде невистинити или нецелосни податоци, односно не извести за настанатата промена во материјалната, семејната и имотната состојба за себе и членовите на домаќинството правата на социјална парична помош престанува и не може да се оствари во наредните 12 месеца.

Во членот 54 од Законот е предвидено дека право на социјална парична помош не може да користи лице кое одбило понуда за вработување, обука, преквалификација или доквалификација, заради вработување, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и лице на кое му престанал работниот однос по негова вина или на негово барање.

Во оспорениот став 2 е предвидено дека лицето од ставот 1 алинеја 1 и 2 на овој член не може да користи социјална помош во период од шест месеца.

Центарот за вработување еднаш месечно го известува надлежниот центар за лицата од ставот 1 алинеја 1 на овој член.

Во членот 55 ставовите 1 до 6 од Законот, е уредено прашањето за можноста корисниците на социјална помош да бидат ангажирани до пет дена во месецот за извршување на јавни, сезонски и други повремени работи од страна на градоначалникот на единицата на локалната самоуправа, од јавните претпријатија со исклучок на определена категорија на граѓани (бремени жени, инвалидни лица, ученици, студенти, лице во работен однос) за кој период правото на социјална помош не им престанува.

Доколку, корисникот на социјална помош е ангажиран повеќе од пет дена за сезонски и други работи, правото им мирува, а по престанок на работното ангажирање тоа право продолжува.

За време додека лицето е ангажирано до пет дена организаторот е должен да му обезбеди надоместок за трошоци за храна и превоз, а за ангажирање над пет дена им обезбедува и надоместок за ангажирањето.

Во оспорениот став 7 на членот 55 од Законот е предвидено дека ако корисникот на социјална парична помош од ставот 1 на овој член неоправдано го одбие работното ангажирање, правото на социјална парична помош, престанува и не може да се оствари во наредните 12 месеца.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, анализата на целината на Законот за социјална заштита како и анализата на одредбите од членовите од 45 до 55 од Законот, наспрема наводите во иницијативата Судот оцени дека истите не се основани.

Според Судот, оспорените делови од членовите 50, 51, 53, 54 и 55 од Законот не можат да се гледаат изолирано сами за себе, туку во целина на Законот и на членот чии составен дел се. Само ако оспорените делови на членовите се гледаат во целина се добива целосна слика, смисла и оправданост зошто законодавецот во точно определени случаи го предвидел институтот прекин на користење на правото на социјална парична помош за определен временски период. Притоа, до тој прекин доаѓа само во ситуациите кога корисникот на социјална парична помош нема да исполни некој од предвидените услови за остварување на правото, или поточно речено корисникот сам се доведува во ситуација да не може да го оствари тоа право.

Според тоа, Судот оцени дека законодавецот, сосема оправдано го предвидел институтот прекин на остварување на правото на социјална парична помош за лицата кои неодговорно се однесуваат кон државата која настојува во границите на можностите да ја ублажи нивната социјална положба и дека со уредувањето на ова прашање на ваков начин не се доведува во прашање нејзината социјална функција, ниту се повредува правото на социјална заштита и социјална сигурност на граѓанинот, поради што не го постави прашањето за согласноста на оспорените делови на членовите со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 3 од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош „Како имот и имотни права од кој корисникот на правото на постојана парична помош може да се издржува се смета:

1. друга семејна куќа или стан,
2. куќа во градба,
3. куќа за одмор и рекреација,
4. деловен простор,
5. регистрирано моторно возило, кое не го отуѓил во последните шест месеца, пред поднесување на барањето (патничко моторно возило, мотор над 50 см3, комбе, автобус, камион и комбајн),
6. обработливо земјиште во сопственост или под закуп или со договор за користење на земјоделското земјиште на плодоуживање, со површина поголема од 7.000 м2, во кое земјиште во 4 и 5 катастарска класа се засметува со 40% од фактичката површина, а земјиштето распоредено во 6, 7 или 8 катастарска класа кое се засметува со 20% од фактичката површина и
7. заштеди во вредност над 50.000,00 денари.

По исклучок од став 1 точка 5 на овој член, регистрирано патничко возило не се смета за имот, доколку истото го користи за превоз на инвалидно лице, кој е корисник на социјална парична помош или член на домаќинството.

Како имотни права се смета закупнината остварена од имотот од став 1 точките 1 до 6 на овој член.

Согласно член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Според член 52 од Законот, право на социјална парична помош не може да оствари лице кое: може само да се издржува, ако може да остварува приходи со продажба или со давање во закуп на имот кој тој и членовите на неговото семејство не го користат, за задоволување на минимална егзистенција; не побарало издржување од лицето кое е должно да го издржува врз основа на Законот за семејството, освен ако центарот за социјална работа утврди дека лицето кое според Законот е должно да го издржува би останало без минимум средства за егзистенција, пониски од висината на постојаната парична помош утврдена со овој закон; ако има склучен договор за доживотна издршка, а не покренало постапка за раскинување на тој договор и може да обезбеди издржување по друга основа.

Според член 56 од овој закон, министерот со општ акт го пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација.

Според членот 189 од Законот, право на парична помош од социјална заштита се остварува од денот на поднесувањето на барањето. Според став 2 од овој член, правото на парична помош од социјална заштита престанува со денот на престанокот на условите за користење на правото.

Според член 49 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Репуб­лика Македонија” бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот го претставува министерството организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите; донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон; одлучува за правата, должностите и одговорностите на државните службеници и други лица вработени во министерството кои немаат статус на државни службеници, доколку со закон поинаку не е определено.

Согласно член 55 став 1 од Законот, министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овла­стен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Врз основа на член 56 од Законот за социјална заштита, министерот за труд и социјална политика донел Правилник за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош.

Со наведениот Правилник според член 1 се пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош (член 1).

Во членот 2 став 1 од Правилникот е предвидено дека вкупните приходи на домаќинствата се остваруваат врз основа на примања остварени од плата, пензија, паричен надоместок и други примања, а во ставот 2 на наведениот член е утврдено што не се смета како приход врз основа на што се утврдуваат вкупните приходи на домаќинствата како што се детски додаток, постојана парична помош, еднократна парична помош и друго.

Во оспорениот член 3 од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош, како имот и имотно право од кој корисникот на правото на постојана парична помош може да се издржува се смета:

1. друга семејна куќа или стан,
2. куќа во градба,
3. куќа за одмор и рекреација,
4. деловен простор,
5. регистрирано моторно возило, кое не го отуѓил во последните шест месеца, пред поднесување на барањето (патничко моторно возило, мотор над 50 см3, комбе, автобус, камион и комбајн),
6. обработливо земјиште во сопственост или под закуп или со договор за користење на земјоделското земјиште на плодоуживање, со површина поголема од 7.000 м2, во кое земјиште во 4 и 5 катастарска класа се засметува со 40% од фактичката површина, а земјиштето распоредено во 6, 7 или 8 катастарска класа кое се засметува со 20% од фактичката површина и
7. заштеди во вредност над 50.000,00 денари.

По исклучок од став 1 точка 5 на овој член, регистрирано патничко возило не се смета за имот, доколку истото го користи за превоз на инвалидно лице, кој е корисник на социјална парична помош или член на домаќинството.

Како имотни права се смета закупнината остварена од имотот од став 1 точките 1,2,3,4,5 и 6 на овој член.

Во членот 4 од Правилникот е утврдено кои документи ги поднесува подносителот на барањето за остварување на социјална парична помош, а во членот 5 пак, е утврдено што поднесува барателот на социјална парична помош кој има статус на барател на право на азил, признат бегалец, лице под хуманитарна супсидијарна социјална заштита согласно Законот за азил и привремена заштита.

Во членот 6 од Правилникот е уредено како се определува редоследот на утврдување на носителот на правото на социјална парична помош.

Според членот 7, пак, од Правилникот, во текот на користењето на правото на социјална парична помош носителот на правото ја потврдува состојбата на приходите за себе и членовите на домаќинствата и тоа три месеца годишно или на определен датум одреден од Центарот во зависност од тоа дали е во работен однос, дали е корисник на пензија или не е вработен.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, Законот за организација и работа на органите на државната управа, Законот за социјална заштита како и анализата на целината на Правилникот и посебно на оспорениот член 3 Судот, оцени дека наводите во иницијативата не се основани.

Според Судот, министерот има законска основа, односно овластување со подзаконски акт да ги уреди предметните прашања и начинот како тие ќе се спроведуваат. Според тоа оспорената одредба од Правилникот во суштина е во насока на операционализација на законска норма, поради што во конкретниов случај не може да стане збор дека министерот излегол надвор од законските рамки како што наведува подносителот на иницијативата.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на членот 3 од Правилникот со Уставот и со законите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.8/2010
9 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски