13/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 13 ставови 2 и 3 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/2005, 13/2007, 165/2008 и 146/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените ставови на членот 13 од Законот, не биле во практиката спроведливи, од причина што при откупувањето на становите и деловните простории, дворното земјиште не било купено, ниту пак некој имал стекнато право на користење на дворно место. Ова дотолку повеќе што и член 14 од истиот Закон предвидувал дека градежното земјиште можело да се приватизира во површина на стекнатото право на користење, а во рамките на градежната парцела чија површина била дефинирана со актот за урбанистичко планирање со кој се утврдувала градежната парцела.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9, член 30 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека член 13 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост е предвидено дека:

„(1) Градежното изградено и градежното неизградено земјиште на кое постојат сокориснички права евидентирани во катастарот на земјиште, односно запишани во катастарот на недвижности во идеални делови се приватизира сразмерно на големината на идеалниот дел од сокорисничкото право.

(2) Градежното изградено земиште на кое се изградени станови, деловни простории, визби, гаражи и други посебни делови од станбени и деловни згради што имаат два или повеќе станови, односно деловни простории и други посебни делови кои се во сопственост на различни физички или правни лица, а на кое земјиште во катастарот на земјиште не се евидентирани, односно во катастарот на недвижности не се запишани идеални делови од сокорисничкото право, се приватизира во заедничка сопственост на физичките или правните лица како етажни сопственици.

(3) Делот од надоместокот што го плаќа секој од етажните сопственици од ставот (2) на овој член, се определува сразмерно на површината на посебниот дел од зградата според вкупната површина на земјиштето предмет на приватизација, при што се воспоставуват односи меѓу етажните сопственици кои произлегуваат од правната содржина на правото на заедничка сопственост на градежно изградено земјиште согласно со Законот за градежно земјиште и Законот за сопственост и други стварни права. Сразмерот на површината на посебниот дел од зградата според вкупната површина на земјиштето предмет на приватизација за кој ќе треба да се определи висина на надоместокот, се утврдува со наод и мислење од вешто лице од областа на градежништвото на трошок на барателот.

(4) Кога не е извршена целосна приватизација на градежното земјиште од сите етажни сопственици, во Јавната книга за запишување на правата на недвижностите покрај етажните сопственици кои го приватизирале земјиштето останува запишана Република Македонија како заеднички сопственик на земјиштето се до целосна приватизација на земјиштето“.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од содржината на наводите во иницијативата, Судот оцени дека се оспорува уставноста на членот 13 ставови 2 и 3 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост само преку нумеричко набројување на норми од Уставот со кои овој член од Законот бил во несогласност, без аргументи за причините поради кои истиот е неуставен. Имено, оспорениот член од Законот, се оспорува поради тоа што подносителот на иницијативата смета дека истиот не бил спроведлив во практиката, без да наведе причини за неговата несогласност со цитираните уставни одредби во иницијативата, односно без посебно аргументирање во што се состоела неуставноста на оспорениот член од Законот и без посебни наводи во иницијативата.

Судот понатаму утврди дека не е надлежен да ја цени примената на Законот, на што посебно се укажува во иницијативата, од причина што Судот има надлежност да ја цени согласноста на законот со уставните одредби, а нема надлежност да ја цени неговата согласност со Уставот преку практичната примена на законот.

Од причина што Судот не е надлежен да ја цени практичната примена на Законот и при постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата поради неаргументирани наводи, Судот одлучи врз основа на наведените уставни норми и согласно членот 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата да ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.13/2010
9 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски