Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 јуни 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 5 став 1 точка 5, членот 129 став 1 и членот 213-б од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 16/2010-пречистен текст, 50/2010 и 52/2010).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 189 став 1, членот 204 став 2 и членот 212 став 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Сојузот на синдикатите на Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот наведени во точките 1 и 2 од ова решение.
Законот за работните односи во членот 5 го дефинирал значењето на одделни изрази употребени со овој закон и во ставот 1 точка 5 определил дека „работно време“ е секој период во кој работникот работи и е на располагање на работодавачот за извршување на работите и работните задачи согласно со закон.
Според наводите во иницијативата, неправилно било дефинирано значењето на изразот „работно време“ во оспорената одредба од Законот, поради тоа што со непотребното употребување на терминот „располагање“ се определувало право на работодавачот неограничено да располага со работниците во неопределен период од работењето, меѓутоа работното време не можело да има ваква квалификација и да биде неопределено и во обем кој исклучиво ќе го диктирал работодавачот. На овој начин, со дефинирањето на изразот „работно време“ се овозможувало работодавачот да го злоупотребува работното време со нарушување на демократските принципи на основните човекови слободи и права во кои спаѓаат и правата на работниците од работен однос. Од овие причини членот 5 став 1 точка 5 од Законот не бил во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, според кои владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија и не бил во согласност со членот 9 став 2 од Уставот според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот утврди дека законодавецот непрецизно и широко го дефинирал изразот „работно време“ определувајќи го неговото значење како право на работодавачот да располага со работникот кој работи, со што се создава можност работодавачот во димензионирањето на работните активности да ги повреди уставно гарантираните човекови слободи и права во кои се и правата од работен однос и интегритетот на работникот. Имено, располагањето на рабодавачот во контекст на одредбата, ги надминува рамките на дефиницијата за опредено „работно време“ и изразот добива значење на неопределено по обем работење и искористување на работникот во вршењето на работните задачи од страна на работодавачот, со што дефиницијата остава простор длабоко да се допре до личноста и интегритетот на работникот во остварувањето на работите од работниот однос, а со тоа да се загрозат неговите слободи и права утврдени во Уставот.Со оглед на тоа, за оспорената одредба од Законот основано може да се постави прашањето за нејзината согласност со членот 32 од Уставот, според кој секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1); секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2); секој вработен има право на соодветна заработувачка (став 3); секој вработен има право на платен, дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат (став 4); и остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).
4. Понатаму, членот 129 од Законот има наслов „Ограничувања на работата ноќно време“. Во оспорениот став 1 од овој член од Законот е предвидено дека работното време на работникот кој работи ноќно време не смее да трае просечно повеќе од осум часа на секои 24 часа.
Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба, претходно, пред измените на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009), гласела делумно поинаку и имала наслов „Ограничување на работата ноќе“. Поранешната одредба од ставот 1 на членот 129 од Законот гласела: „работното време на работникот кој работи ноќе до четири месеца не смее да трае просечно повеќе од осум часа дневно“. Меѓутоа, според наводите во иницијативата законодавецот со измените и дополнувањата на Законот, во оспорената одредба наместо терминот „ноќе“ го употребил терминот „ноќно време“, а сепак насловот не го променил и останал како „Ограничувања на работата ноќе“, па оттука имало контрадикција на насловот со одредбата. Понатаму, според иницијативата, со оспорената законска одредба веќе немало ограничување дека работникот можел да работи ноќно време само до четири месеци, односно немало ограничување ниту до некој друг определен период, всушност немало никакво временско ограничување за работа во ноќно време, со што се доведувале во прашање хуманоста, социјалната правда и солидарноста определени како темелна вредност на уставниот поредок во членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот. Ова посебно поради тоа што работникот со оспорената законска одредба бил доведен во ситуација работодавачот да можел со дадените работни обврски во текот на ноќната работа во неограничен период да биде психички и физички оптеретен во преголема мера со што ќе се довеле во прашање и квалитетот на извршувањето на работните обврски и безбедноста на работникот и работната средина. Според наводите во иницијативата, законодавецот бил должен да утврди работата во ноќно време колку би требала да трае во текот на еден месец, шест месеци и во текот на една година.
Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот, утврди дека со измените и дополнувањата на Законот, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009), во насловот на членот 129 зборот „ноќе“ е заменет со зборовите „ноќно време“, терминот „ноќе“ во членот бил изменет во „ноќно време“, па оттука нема никаква терминолошка контрадиција во насловот и одредбата од Законот, на што се приговара во иницијативата и овој навод е неоснован. Понатаму, Законот за работните односи со одредбите од членовите 127-131 ги уредил прашањата кои се однесуваат за: ноќна работа, права на работниците кои работат ноќно време, ограничување на работата ноќно време, консултирање со синдикатот и ноќна работа на жените во индустријата и градежништвото.
Од анализата на оспорената одредба од Законот, Судот, исто така, утврди дека законодавецот само со ограничувањето на работното време на работникот кој работи ноќно време да не смее да трае просечно повеќе од осум часа на секои 24 часа, без да го регулира временското ограничување на ноќното работење во колкав период од годината, односно воопшто во колкав временски период тоа може да се извршува, дозволил ноќната работа да може да трае без временски лимити, а со тоа допуштил работодавачот да го употребува работниот ангажаман на работниците за ноќна работа постојано или како што тој смета дека е потребно, на штета на правата и интересите на работниците кои произлегуват од работниот однос спротивно на членот 32 од Уставот и се доведува во прашање хуманоста, социјалната правда и солидарноста определени како темелни вредности на уставниот поредок во членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот. Од овие причини за оспорената одредба од членот 129 став 1 од Законот пред Судот се постави прашањето на согласноста со одредбите од Уставот.
5. Со членот 213-а од Законот е определено дека репрезентативност на синдикат, односно на здружение на работодавачи на ниво на Република Македонија, на ниво на јавен сектор, на ниво на приватен сектор од областа на стопанството и на ниво на гранка, односно оддел согласно Националната класификација на дејности, ја утврдува министерот надлежен за работите од областа на трудот, на предлог на Комисија за утврдување на репрезентативноста во согласност со овој закон.
Со оспорениот член 213-б од Законот е уреден составот и начинот на работа на Комисијата. Според ставот 1 од овој член од Законот е предвидено дека Комисијата е составена од девет члена, од кои по три претставника на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и Министерството за економија.
Според ставот 2 од овој член од Законот, регистрирани синдикати и здруженија на работодавачи на национално ниво можат да определат свој претставник кој ќе присуствува при работата на Комисијата.
Во ставот 3 од овој член од Законот е уредено дека претставниците на министерствата од ставот 1 на овој член ги именува Владата на Република Македонија на предлог на министерот за труд и социјална политика.
Според ставот 4 од овој член од Законот, административно-стручните работи за работа на Комисијата ги врши Министерството за труд и социјална политика.
Според ставот 5 од овој член, начинот на работа на Комисијата се определува со Деловник за работа на Комисијата.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 213-б од Законот било предвидено Комисијата за утврдување на репрезентативност на синдикат да биде составена од 9 члена, од кои по 3 претставника на три министерства кои се наведени во одредбата од Законот, што значело дека исклучиво Владата на Република Македонија ќе ја формирала Комисијата без учество на работодавачите и синдикатите. Имено, трипартитниот однос на Владата, работодавачите и синдикатите се остварувал во рамките на Економско-социјалниот совет утврден во членовите 246 и 247 од Законот. Наспроти тоа, со оспорениот член 213-б од Законот се елиминирале улогата и целите на Економско-социјалниот совет кои биле уредени со Законот, и фактички постоењето на овој Совет се доведувал во прашање, бидејќи Владата, согласно членот 213-б од Законот, самостојно решавала за стекнување на статусот на репрезентативност на синдикатот, а тоа прашање според иницијаторот требало да го одлучува надлежната Комисија со трипартитен состав, односно со соодветна застапеност и на социјалните партнери – работодавачите и синдикатите. Со оглед дека со оспорениот член 213-б од Законот, не била запазена соодветната застапеност на социјалните партнери во составот на членовите на Комисијата за утврдување на репрезентативност, според иницијативата оспорениот член од Законот бил во спротивност на членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, кои се однесувале на владеењето на правото и на хуманизмот, социјалната правда и солидарноста како темелни вредности на на уставниот поредок на Република Македонија.
Од анализата на оспорената одредба од Законот, произлегува дека законодавецот со закон ги утврдил прашањата за условите и критериумите за определување на репрезентативност на синдикатот и на работодавачите, како и постапката по барањето за репрезентативност, каде Комисијата за утврдување на репрезентативност донесува решение против кое може да се поднесе жалба до Владата на Република Македонија и може да се заведе управен спор пред надлежниот суд. Репрезентативноста се определува за временски период од три години, а воедно синдикатот и здружението на работодавачи може да поднесат барање за преиспитување на репрезентативноста, по истекот на периодот од една година од денот на донесувањето на решението. Решението за репрезентативноста се објавува во „Службен весник на Република Макекдонија“.
Согласно членот 211 од Законот, репрезентативноста на синдикатот за територијата на Република Македонија односно здружение на работодавачи за територијата на Република Македонија се определува заради учество во трипартитни тела за социјално партнерство и трипартитни делегации на социјалните партнери.
Репрезентативност на синдикат на ниво на јавен сектор се определува заради учество во колективното договарње на ниво на јавен сектор, а репрезентативност на синдикат и здружение на работодавачи на ниво на приватен сектор од областа на стопанството, се определува заради учество во колективно договарање на ниво на приватен сектор од областа на стопанството.
Репрезентативноста на синдикат и здружение на работодавачи на ниво на гранки се определува заради учество во колективното договарање на ниво на гранка (оддел).
Репрезентативност на синдикат на ниво на работодавач се определува заради учество во колективно договарање на ниво на работодавач.
Комисијата е орган што одлучува во постапка по барања и врз основа на со закон определени услови и критериуми кои треба да ги исполнуват барателите.
Од анализата на оспорените одредби од членот 213-б од Законот, Судот оцени дека законодавецот не обезбедил Комисијата да ја сочинуваат претставници на Владата на Република Македонија како и претставници на работодавачите и синдикатите, соодветно на трипартитниот однос на овие претставници кој се остарувал во рамките на Економско-социјалниот совет утврден во одредбите од Законот. Имено, со оспореното законско решение со кое Комисијата е составена само од претставници на министерствата, е овозможено за статусот на репрезентативност на синдикатот, односно на здружение на работодавачи да се одлучува во Комисија која нема во својот состав претставници токму на синдикат или работодавачи, од кои се избира односно одлучува за статусот на репрезентативност, а со тоа одлуките за изборот на Комисијата по својата суштина не се одраз на објективизиран пристап во одлучувањето на социјалните партнери во трипартитниот однос во економско-социјалната сфера во општеството. Со оглед на тоа и за членот 213-б од Законот Судот оцени дека може да се постави прашањето на согласноста со членот 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, според која хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
6. Во XVIII дел од Законот, со наслов „Синдикати и здруженија на работодавачи“ е предвиден членот 189 со кој се уредува правната способност на синдикатите, односно здруженијата на работодавачите.
Со оспорената одредба од ставот 1 на членот 189 од Законот е уредно дека синдикална организација на ниво на работодавач стекнува својство на правно лице со денот на упис во Централниот регистар на Република Македонија.
Според ставот 2 од овој член од Законот, синдикат на повисоко ниво, односно здружение на работодавачите на повиско ниво, стекнува својство на правно лице со денот на упис на Централниот регистар на Република Македонија, по претходен упис во регистарот на синдикати, односно регистарот на здруженија на работодавачи.
Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од ставот 1 на членот 189 од Законот, со која, според подносителот, се наложувало да се формираат синдикални организации и се наложувало како синдикатот да се организира, се навлегувало во синдикалните слободи и права, спротивно на членот 37 од Уставот на Република Македонија и спротивно на Конвенцијата број 87 за синдикалните слободи и заштита на синдикалните права, донесена од Меѓународната организација на трудот, каде во членот 3 било утврдено дека работниците имале право на донесување на статут и други административни правила и слободно ги избирале своите претставници и ја утврдувале структурата на својот синдикат, слободно управувале со синдикатот и донесувале други документи.
Судот оцени дека анализата на оспорената одредба од Законот е поврзана со другите одредби со кои се уредени прашањата за слободниот избор на работниците да основаат синдикат и во него да се зачленуваат под условите пропишани со статутот и правилата на синдикатот кој е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси. Работодавачите, исто така, имаат право по свој слободен избор да основаат здружение под услови пропишани со статутот или правилата на здружението, кое е самостојна, демократска и независна организација во која работодавачите доброволно стапуваат заради претставување и заштита на своите економски и други интереси. Синдикатите и здруженијата на работодавачите можат да се основаат без какво било претходно одобрување. Со одредбите од членовите 184-202 од Законот, детално се уредени статусот, правата и обврските на синдикатите и здруженијата на работодавачите. Во тие рамки, меѓу другото е уредено дека синдикатите односно здруженијата на работодавачите можат да се здружуваат на повисоко ниво, како сојузи или други облици на здружување.
Со членот 189 од Законот е уредена правната способност на синдикатите, односно здруженијата на работодавачите, со тоа што во оспорениот став 1 од овој член е уредено дека со уписот во Централниот регистар на Република Македонија се стекнува синдикалната организација на ниво на работодавач со својство на правно лице, а според ставот 2 од овој член, исто така, со уписот во Централниот регистар на Република Македонија, а по претходен упис во регистар на синдикати односно регистар на здруженија на работодавачи, се стекнува синдикатот на повисоко ниво, односно здружението на работодавачи на повисоко ниво, со својство на правно лице.
Според Судот, со членот 189 од Законот, не се уредува организациската поставеност, ниту други статусни прашања со кои се ограничуваат правата на субјектите кои ги организирале синдикатите или здруженијата на работодавачите, туку единствено е уредено прашањето за нивното регистрирање со упис во Централниот регистар заради потребата од легитимитет во делувањето во општеството за остварување на нивните цели поради кои се организирале. Со оглед на тоа, со оспорениот став 1 на членот 189 од Законот посебно не се регулираат права и обврски со кои се ограничувале слободите и правата на работниците за синдикално здружување гарантирани со членот 37 од Уставот. Имено, со оспорената одредба од Законот со ништо не се повредува членот 37 став 1 од Уставот со кој е утврдено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Според ставот 2 од овој член од Уставот, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата. Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не може уставно да се проблематизира од причините изнесени со иницијативата, ниту оспорената одредба од Законот по својата содржина и прашањето кое го уредува е во спротивност со членот 37 од Уставот, кој го декларира правото на синдикално организирање.
7. Во дел XIX насловен како „Колективни договори“ со одредбите од членовите 203-235 од Законот, се уредени видовите на колективни договори, учесниците во склучувањето на колективните договори, предметот на колективното договарање и други прашања во врска со колективните договори.
Според членот 203 од Законот, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка, односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.
Според ставот 1 на членот 204 од Законот, на ниво на Република Македонија се склучува: општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството и општ колективен договор за јавниот сектор.
Според ставот 2 од овој член од Законот, кој се оспорува со иницијативата, општиот колективен договор за јавниот сектор се однесува на органите на државната власт и други државни органи, органите на единиците на локалната самоуправа, установите, јавните претпријатија, заводите, агенциите, фондовите и други правни лица кои вршат дејност од јавен интерес.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од ставот 2 на членот 204 од Законот била неуставна затоа што како субјекти на кои се однесувал општиот колективен договор за јавниот сектор ги вклучувал и оние кои обавувале дејност од јавен интерес, но не биле финансирани од Буџетот на државата, како што бил случајот со јавните претпријатија или агенции за хигиена, водовод, топлификација и други субјекти со дејности од јавен интерес, а кои имале приватен капитал и кои своето финансирање го вршеле преку наплата од граѓаните. Според наводите во иницијативата, за овие правни субјекти, не би требало да важи тоа што било договорено во општиот колективен договор за јавниот сектор, поради способноста тие самостојно да си обезбедуваат сопствено финансирање, па општиот колективен договор ги спречувал во можноста за зголемување на платата на вработените, со тоа се ограничувале, односно намалувале правата по однос на плата и други примања и преку оспорената одредба од Законот, државата практично се мешала, односно навлегувала во слободата на пазарот и претприемништвото и ги ограничувала правата на работниците и работодавачите. Од овие причини, во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, според која слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија и не била во согласнот со членот 32 став 5 од Уставот, според кој остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот, имајќи ги предвид и другите одредби од Законот со кои се уредени колективните договори, оцени дека законодавецот предвидел два вида на општи колективни договори и тоа од областа на стопанството и од областа на јавниот сектор во кој посебно определил на кои органи, институции, установи, заводи, јавни претпријатија, фондови и други правни субјекти се однесува јавниот сектор поаѓајќи од определбата дека неговата природа е дирекно насочена кон граѓаните преку давање на услуги од јавен карактер. Правните субјекти во јавниот сектор, без оглед на државниот или приватен капитал со кој статусно се определени во функционирањето, се бават со надлежности кои се со законите определени како дејности од јавен интерес за граѓаните за задоволување на потреби, како и на обврски определени за задолжителни за граѓаните заради нивниот облигаторен карактер утврден со закон, но токму тие видови на услуги значат сигурно и континуирано обезбедување на работа и баратели на услуги (клиенти), што не е елемент на слободното пазарно стопанство и претприемништво. Оттука, не може да се поистоветат сите правни субјекти само по основ на основачкиот или друг капитал на кој статусно функционираат, за да се определи дека токму тоа би требало да биде параметар дали на нив треба да се однесува општиот колективен договор за јавниот сектор или не, на што се однесуваат наводите во иницијативата. Притоа, треба да се има предвид дека Законот посебно ги уредил и прашањата, меѓу другото дека со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор со кои се уредуваат работните односи.
Општите колективни договори се применуваат непосредно и се задолжителни. Законот, со тоа дал обврска за нивно склучување и нивно спроведување и не е прашање на кое учесниците во склучувањето ќе се однесуваат со одвојување, автонимија и негирање на Договорот, кој со Законот е утврден како општ акт. Учесници во склучувањето на општиот колективен договор за јавниот сектор се од една страна работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите, а од друга страна репрезентативниот синдикат на вработените. Во општиот колективен договор за јавниот сектор се поаѓа од дејностите кои се обавуваат како јавен сектор и од тој аспект со договорот се уредуваат работните односи во врска со јавниот сектор. Во тој контекст законодавецот, во оспорената одредба од Законот, само ги набројал институциите кои вршат јавни дејности и на кои еднакво се однесува договорот со правата и обврските кои се договорени и важат за работодавачите и вработените кои вршат дејности во јавниот сектор, со што не се негира нивниот статус, туку се воведува врска на сите субјекти од јавниот сектор во рамките на општото колективно договарање. Со оглед на изнесеното Судот оцени дека одредбата од членот 204 став 2 од Законот не може уставно да се проблематизира.
8. Во делот од Законот кој се однесува на колективните договори, исто така е содржан и членот 212 со кој се уредени условите за определување на репрезентативност на синдикатот. Со одредбите од овој член од Законот е уредено дека репрезентативен синдикат за територијата на Република Македонија е синдикат кој ги исполнува следниве услови: да е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот, во него да членуваат најмалку 10% од вкупниот број на вработени во Република Македонија кои плаќаат членарина на синдикатот, да здружува најмалку три синдикати на национално ниво од различни гранки, односно оддели, согласно Националната класификација на дејности, кои се запишани во Регистарот на синдикати, да дејствува на национално ниво и да имаат регистрирано членки во најмалкму 1/5 од општините во Република Македонија, да дејствува во согласност со својот статут и демократските принципи, и во него да членуваат синдикати кои потпишале или пристапиле на најмалку три колективни договори на ниво на гранка, односно оддел.
Според ставот 2 на членот 212 од Законот, репрезентативен синдикат на ниво на јавен сектор е синдикатот кој е запишан во регистарот на синдикати кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени во јавниот сектор и кои плаќаат членарина.
Во ставовите 3 и 4 од овој член од Законот, се определени репрезентативните синдикати на ниво на приватен сектор и на ниво на гранка.
Според оспорената одредба од ставот 5 на членот 212 од Законот е определено дека репрезентативен синдикат на ниво на работодавач е синдикат во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработени кај работодавачот и кои плаќаат членарина.
Според наводите во иницијативата постоела терминолошка неусогласеност на зборовите „синдикална организација“ во членот 189 и „синдикат на ниво на работодавач“ во членот 212 став 5 од Законот, наместо да се употребувал еден термин со истото значење, поради што оспорената одредба од членот 212 став 5 од Законот била непрецизна и нејасна. Понатаму, во иницијативата се наведува дека неправилно било законодавецот самостојно да уредувал со кој лимит на процент од зачленети работници во синдикатите ќе се сметал за репрезентативен синдикатот на ниво на работодавач. Од овие причини се предлага за оспорената одреба од Законот да се поведе постапка како несогласна со членот 37 од Уставот.
Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот, во контекст и на останатите одредби со кои законодавецот комплексно ги уредил прашањата кои се однесуваат на синдикатите и колективното договарање, оцени дека законодавецот воопшто не отстапил од суштинската определба во членовите 189 и 212 од истиот Закон, кога станува збор за синдикат односно синдикална организација на ниво на работодавач и не постојат непрецизности со кои би се довеле во прашање уставноста на законските одредби од тој аспект, туку во иницијативата се употребува формален пристап за оспорување на членот 212 став 5. Неоснован е и наводот во иницијативата дека законодавецот немал уставен основ да го пропишува лимитот на процент на вработените кај работодавачот кои би го сочинувале репрезентативниот синдикат на ниво на работодавач, со оглед дека репрезентативноста на синдикатите на ниво на јавен сектор, на ниво на приватен сектор, на ниво на гранка, односно оддел и на ниво на работодавач е соодветно за сите на ист начин уредено со процентуален лимит како потреба да се издвојат оние со статус на репрезентативни заради обезбедување легитимност во застапувањето на интересите на поголемиот дел од работниците во синдикатот кој меѓу другото учествува во колективното договарање со работодавачот. Во случајов со оспорената одредба од Законот, тоа е уредено на предвидениот начин кој еднакво важи за сите во истите услови и е во насока на остварување на целите на репрезентативниот синдикат на ниво на работодавач, кои не би можеле соодветно да се остваруваат од оние кои го немаат процентуалниот лимит на работници во синдикалната организација.
Тргнувајќи од наведените причини, Судот оцени дека ниту за оспорената одредба од членот 212 став 5 од Законот неможе основано да се постави прашањето на согласноста со членот 37 од Уставот.
9. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.263/2009
2 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски