У.бр.259/2009

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 268 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/2005 и 110/2008).

2. Чедомир Поповски од Куманово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 268 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорената законска одредба се повредувале со Устав загарантираните права на сопственост и наследување утврдени во член 30 од Уставот, како и правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите утврдено во член 9 став 2.

Подносителот на иницијативата незадоволен од текот на постапката и нејзиниот исход по основ на барање за денационализација, односно за враќање на имот одземен од неговиот предок, смета дека оспорената одредба според која во секое време без ограничување, да се поништи едно решение со кое тој и неговата сестра се стекнале со имот, односно имотот им бил вратен, можеле да претставува основ за злоупотреба од страна на државен орган и странките, при што ваква одредба немало во ниеден позитивен пропис во правниот поредок на Република Македонија.

Подносителот на иницијативата наведува дека по негово барање и по барање на неговата сестра за враќање во сопственост на земјоделско земјиште одземено по основ на експропријација, министерот за финансии преку Комисијата за одлучување по барање за денационализација во Куманово донел Решение Д.Н.бр.17-1218/188 од 14.01.2002 година со кое им бил вратен одземен имот во површина од 8309 м2.

Комисијата за одлучување по барање за денационализација во општина Куманово на 14.01.2009 година, по службена должност, а врз основа на член 268 став 1 од Законот за општата управна постапка, донела Решение со кое правосилното решение од 14.01.2002 година, го огласила за ништавно, и со Заклучок определила дека за правната работа за која било одлучено со правосилното решение, ќе се одлучи со посебно решение. Потоа, донесен е и привремен заклучок со кој се забранува на Чедомир Поповски (подносител на иницијативата) и Билјана Спиридоновска да вршат отуѓување, оптеретување, било какво располагање, користење, градење, односно промени на недвижниот имот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 268 став 1 од Законот за општата управна постапка: „Решението може во секое време да се огласи за ништавно по службена должност или по предлог од странката или од Јавниот обвинител на Република Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 30 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му идат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 4). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Во Глава XVI од Законот за општата управна постапка „Особени случаи на поништување, укинување и менување на решение“ односно во членот 263 се предвидени случаите кога решението што е конечно во управната постапка надлежниот орган ќе го поништи по правото на надзор.

Во членот 267, пак, од Законот „Огласување на решението за ништавно“ се предвидени случаите кога решението се огласува за ништавно и тоа: кое во управната постапка е донесено во работа од судска надлежност или во работа за која воопшто не може да се донесе решение во управна постапка, кое со своето извршување би можело да предизвика некое дело казниво според Кривичниот законик и во други закони; чие извршување воопшто не е можно; што го донел орган без претходно барање на странката (член 129), а со кое решение странката дополнително изрично или молкум не се согласила и што содржи неправилност, која според некоја изречна законска одредба е предвидена како причина за ништавност.

Во оспорениот член 268 став 1 од Законот е предвидено дека решението може во секое време да се огласи за ништавно по службена должност или по предлог од странката или од јавниот обвинител на Република Македонија. Во ставовите 2 и 3 на членот 268 од Законот е предвидено дека решението може да се огласи за ништавно во целост или делумно, при што решението го огласува за ништавно органот што го донел или второстепениот орган, а ако нема второстепен орган што со закон е овластен да врши надзор над работата на органот, органот што го донел решението. Во ставот 4, пак, од наведениот член е предвидено кога е допуштена жалба против решението со кое некое решение е огласено за ништавно или е одбиен предлогот за огласување на решението за ништавно, како и правото на тужба.

Во членот 269 од Законот, се утврдени правните последици од поништувањето и укинувањето на решението, при што со поништување на решението и со огласување на решението за ништавно се поништуваат и правните последици што ги предизвикало таквото решение и пред да биде поништено и огласено за ништавно.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, одредбите од Законот за општата управна постапка во кои се предвидени случаите кога решението се огласува за ништавно, правните последици од поништувањето на решението (членови 267 и 269) како и содржината на оспорениот член, наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека тие се неосновани. Ова од причини што според Судот оспорениот член 268 став 1 не може да се гледа изолирано сам за себе, туку напротив за да се свати неговата суштина тој треба да се гледа во корелација со член 267 од истиот Закон, во кој мошне конкретно и јасно се утврдени случаите кога решението донесено во управната постапка се огласува за ништавно. Имено, од анализата на членот 267 од Законот, произлегува дека за да едно решение биде прогласено за ништавно треба да постојат сериозни прекршувања на Законот, поради што тоа решение не може да опстои во правниот поредок.

Според Судот, ништавните решенија содржат тешки повреди на законот, поради што тие не можат да се конвалидираат односно да опстојат во правниот поредок како такви, од каде во секое време, односно без временско ограничување, тие можат да се огласат за ништавни.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека отстранувањето на ништавното решение од правниот поредок, односно непризнавањето на неговата правна важност во правото не се врши само во интерес на странките, туку и во јавен интерес, односно во интерес на заедницата, на кој начин се овозможувало почитување на начелото на владеењето на правото кое начело во конкретниов случај, оправдано го надминува принципот на правната сигурност на граѓаните.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 268 став 1 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Наводите во иницијативата дека во правниот систем на Република Македонија, односно во ниедна законска одредба не бил уреден институтот на „ништавност“, Судот оцени дека исто така се неосновани. Ова од причини што овој институт е познат во правната наука и во практиката и се применува во граѓанско правните, облигационите и другите односи, кога се одлучува за права и обврски за граѓаните.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.259/2009
26 мај 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски