Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеja 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 мај 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 7, член 16, член 19, член 21, член 22, член 34-б став 2, член 25 и член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорените одредби со кои ингеренциите на Комората на медијаторите за организирање и спроведување на обуката за нови медијатори и за донесување Тарифник за награда и надоместок на трошоци на медијаторите, се пренесувале на Министерството за правда, се одземало веќе стекнатото законско право на Комората, како и се доведувала во прашање нејзината самостојност и независност, што било спротивно на основните уставни начела, како и општо прифатените норми на меѓународното право и значело повреда на принципот на поделба на власта, односно значело навлегување на извршната во законодавната власт. За ова прашање Уставниот суд веќе се произнел со своите одлуки У.бр. 117/2006 и У. бр. 34/2007.
Поради наведеното, оспорените одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4, 7 и 11, член 20, член 61 став 1, член 68 став 1 точка 2 и точка 17, член 75, и членовите 88, 89, 91, 95 и 96 од Уставот, како и на член 1 став 1, член 2 став 1 точка 5, член 5 и член 5-а, член 29 став 1 и член 34 од Законот за медијација, како и на Препораката П(99) 19 на Советот на Европа.
Подносителот на иницијативата, исто така, предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивно извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорените законски одредби се менуваат одредби на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006 и 22/2007).
Со член 7 од оспорениот закон, членот 11 од Законот се менува и гласи:
„1) Медијаторот мора да ги исполнува следниве услови:
1. да има стекнато универзитетска диплома за завршено високо образование VII/I или стекнати 300 кредити според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) во Република Македонија или нострифицирана диплома во странство со стекнати 300 кредити;
2. да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето;
3. да има сертификат издаден или признат од Министерството за правда за
завршена обука според Програмата за обука на медијатори и
4. да биде запишан во Именикот на медијатори кој го води Комората на
медијатори.
2) Обуката за медијатори ја организира Министерството за правда или друга институција овластена од министерот за правда, најмалку два пати во текот на една календарска година.
3) Трошоците за обука на медијатори ги сноси кандидатот кој ја посетува обуката за медијатори. Министерот за правда со подзаконски акт ја утврдува висината на реално направените трошоци за обука на медијатори и надоместокот за работата на обучувачите.
4) Во спорови со странски елемент, медијатор може да биде и странски државјанин доколку е овластен да врши медијација во матичната држава.
5) Министерот за правда со подзаконски акт го пропишува начинот и постапката на спроведување на обуката на медијатори.“
Со член 16 од оспорениот закон, во членот 24 од Законот, по ставот 4 се додаваат пет нови става 5, 6, 7, 8 и 9, а според оспорениот став 5 од овој член, тарифникот за награда и надоместок на трошоци на медијаторите го донесува министерот за правда по претходно прибавено мислење од Комората на медијатори.
Со член 20 од оспорениот закон, во членот 31 став 1 алинеја 11 од Законот, сврзникот „и“ се заменува со точка и запирка и се додава нова алинеја 12, која гласи: „одлучува за висината на членарината, начинот на нејзиното плаќање и користење и“.
Со член 21 од оспорениот закон, членот 32 од Законот се менува и гласи:
„1) Управниот одбор на Комората е извршен орган на Собранието.
2) Бројот на членовите на Управниот одбор се уредуваат со Статутот на Комората, а начинот на работа на Управниот одбор на Комората со Деловникот за работа на Управниот одбор.
3) Мандатот на членовите на Управниот одбор трае две години со можност за уште еден избор.
4) Управниот одбор:
– ги подготвува седниците на Собранието на Комората;
– утврдува предлог на Статутот;
– ја спроведува политиката, заклучоците и одлуките донесени од Собранието на Комората;
– се грижи за наплата на членарината;
– управува и одговара за средствата и имотот на Комората;
– составува предлог на периодична и годишна пресметка;
– донесува Правилник за дисциплинска одговорност на медијаторот, кој се објавува во „Службен весник на Република Македонија“, Кодекс за етичко однесување на медијаторот и други акти на Комората, по претходна согласност на министерот за правда и
– одлучува за други прашања кои се во негова надлежност согласно со закон или со статут.“
Со член 22 од оспорениот закон, во членот 33 став 4 од Законот, зборот „четири“ се заменува со зборот „две“.
Според член 34-б став 1 од оспорениот закон, медијаторoт кој има сертификат за завршена обука за медијација и ги исполнува условите согласно со членот 11 на овој закон се запишува во Именикот на медијатори, кој го води Комората на медијатори. Според став 2 на овој член, се смета дека уписот во Именикот на медијатори е извршен на денот кога медијаторот кој ги исполнува условите предвидени со овој закон ќе достави пријава за упис во Комората.
Со член 25 од оспорениот закон членот 35 од Законот се менува и гласи:
„1) Надзор на работата на Комората на медијатори кој се однесува на спроведувањето на одредбите од овој закон, врши министерот за правда.
2) За вршење на надзорот министерот за правда формира комисија составена од претставници на Министерството за правда. При вршењето на надзорот од страна на министерот за правда мора да биде присутен претседателот на Комората или лице овластено од него.
3) Претседателот на Комората е должен на министерот за правда или лица овластени од него, да му овозможи пристап до сите простории и увид во евиденцијата за медијација. Поради спреченост на претседателот на Комората, по негово овластување може да го заменува член на Управниот одбор.
4) За спроведениот надзор се прави извештај и се укажува за констатираните евентуални недостатоци и нивно отстранување.
5) Еден примерок од извештајот за спроведениот надзор, задолжително се
доставува до Комората на медијатори.“
Според член 27 став 1 од оспорениот закон, тарифникот за награда и надоместок на трошоците на медијаторот, министерот за правда ќе го донесе во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Според став 2 на истиот член, подзаконскиот акт од член 7 став 5 на овој закон министерот за правда ќе го донесе во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр. 231/2009 од 12 мај 2010 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка 1, точка 2 и точка 3, став 2, став 3 и став 5, член 24 став 5, член 31 став 1, член 32, член 33, член 34-б став 2 и член 35 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 60/2006, 22/2007 и 114/2009) и член 27 од Законот за изменување и дополнување на Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 114/2009).
Со оглед дека со оваа иницијатива се бара оцена на уставноста на истите одредби од Законот за медијација, од истите причини, Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.24/2010
26 мај 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски