282/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 26 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 77 ставовите 1 и 2 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/2005 и 110/2008).

2. Илко Петров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата и појаснувањето на иницијативата подносителот на иницијативата го цитира членот 144 ставовите 1 и 2 од Законот за парничната постапка, со цел да укаже дека овој закон бил „подобар“, бидејќи дозволувал и фотокопирање на списи. За разлика од тоа оспорената одредба од Законот за општата управна постапка не била „добра“, бидејќи дозволувала само „препишување на свој трошок“, што било „смешна, невозможна работа“, особено кога биле во прашање цртежи, елаборати од геодетски друштва, проекти и така натаму. Препишувањето на цртежи со рака било невозможно, споро и скапо, а фотокопирањето било брза, прецизна и ефтина работа. Понатаму, се прави компарација помеѓу оправдан интерес (термин од членот 144 став 2 од Законот за парничната постапка), што било „добро“ и правен интерес (термин од оспорениот член 77 став 2 од Законот за општата управна постапка), што не било „добро“. Ова и од причина што во управната постапка била вклучена само една странка и службеното лице, кое без контрола од спротивната странка, лесно можело да го злоупотреби Законот.

Подносителот на иницијативата, вака изнесените наводи ги базира на личното искуство во контактите со управните органи, кога тој имал потреба од препис на конкретни списи, како и потешкотиите на кои наишол при барањето на препис на конкретни списи. Со оглед на тоа што не постоела лесна контрола од страна на сите граѓани „да видат“ како се применувале законите (членот 77 став 2 од Законот дозволувал препис, но не и фотокопирање на списи кога постои оправдан интерес за тоа) подносителот на иницијативата смета дека е повреден членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и предлага дополнителна контрола од поширок круг на граѓани кои би можеле да ја проверат правилната примена на законите кога имале оправдан интерес за тоа. Воедно, сугерира воведување на „принуда“ кон службените лица, како тие би работеле законито, а не „што сакаат да прават и да немаат одговорност-страв“.

Бидејќи оспорената одредба овозможувала за иста ситуација службеното лице на еден граѓанин да му издаде одобрение за препис, а на друг не, граѓаните се доведувале во нееднаква положба, што било спротивно на членот 9 од Уставот.

Подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба се повредувал и членот 15 од Уставот, бидејќи во него се гарантирало право на жалба за секој акт и тоа на секој граѓанин кој имал оправдан интерес за тоа, а управните органи не „давале“ фотокопии од бараните списи и уште барале постоење на оправдан интерес, кој во некои случаи тешко се докажувал. Поради тоа, доаѓало до ситуација „лицето да се жали на слепо, постапката да не биде фер, а жалбата да се отфрли поради немање на правен интерес“.

3. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 77 став 1 од Законот, странките имаат право да ги разгледуваат списите на предметот и на свој трошок да ги препишат потребните списи. Разгледувањето и препишувањето на списите се врши во присуство и под надзор на службено лице.

Според оспорениот член 77 став 2 од Законот, право да ги разгледува списите и на свој трошок да препише одделни списи има и секое друго лице кое ќе го стори веројатен својот правен интерес за тоа.

4. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од анализата на наводите од иницијатива по однос на оспорениот член 77 ставови 1 и 2 од Законот произлегува дека подносителот на иницијативата неуставноста на оспорената одредба ја согледува во „подоброто“ законско решение содржано во слична одредба од Законот за парничната постапка (член 144 став 1 и 2) што се сведува на компарација на две законски одредби од два различни закони. Ова во крајна линија води кон барање да се направи усогласување на одредбите од двата закона на начин како што смета подносителот на иницијативата, за што Уставниот суд нема надле-жност да постапува. Исто така, Судот нема надлежност да оценува дали некоја законска одредба наидува на потешкотии во примената, односно дали истата евентуално предизвикува злоупотреба во примената, како што наведува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.282/2009
26 мај 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски