Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 19 мај 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15 став 1 во делот
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од член 15 став 1 од Закионот, бил нејасен и непрецизен и не обезбедувал правна сигурност на граѓаните, што било еден од елементите на уставниот принцип на владеењето на правото.
Оспорениот став 3 на членот 16-б од Законот, исто така, според иницијативата, не бил прецизен и јасен, од причина што не се знаело врз основа на кои критериуми и параметри надлежната Комисија го утврдувала коефициентот за определување на платата на претседателот, заменик-претседател и членовите на Комисијата, со што се повредувал темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.
Со оспорените делови на член 18 став 1 алинеја 6 и на член 19 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека се ограничувало по сила на закон правото на едно лице да ја врши функцијата член на Комисијата. Оттука, формулацијата на овие две одредби, била непрецизна и нејасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека според член 15 став 1 од Законот, член на Комисијата не може да биде лице кое е член на орган на политичка партија, ниту лице кое е осудено со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеца или ако му е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.
Според член 16-б од истиот Закон, функцијата член на Комисијата се врши професионално.
Функцијата член на Комисијата е неспојлива со вршење на друга јавна функција, како и со вршење на друга професија, дејност или должност. Претседателот, заменик-претседателот и членовите на Комисијата не можат да бидат членови во органи и тела кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија или Владата на Република Македонија.
Коефициентот за определување на плата на претседателот, заменик-претседателот и членовите на Комисијата го утврдува Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.
Согласно член 18 став 1 алинеја 6 од Законот, својството на член на Комисијата престанува пред истекот на времето за кое е избран; ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеци.
Според член 19 став 1 од Законот, член на Комисијата не може да биде лице кое е член на орган на политичка партија, ниту лице кое е осудено со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеца или ако му е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, во целина, бил предмет на оценување на неговата согласност со Уставот на Република Македонија и со Решение У.бр.77/2008 од 27 јануари 2010 година, Уставниот суд на Република Македонија оценил дека истиот во целина не е во спротивност со одредбите на Уставот. Со сега поднесената иницијатива, подносителот ја оспорува уставноста на членовите 15, 16-б, 18 и 19 од Законот, по кои што посебно и поединечно, а во контекст на наводите и аспектите на кои сега се укажува во иницијативата, Уставниот суд не зазел став по однос на тоа прашање.
Оспорениот член 15 во делот „и професионален интегритет“, според Судот, не може да се доведе под сомнение со Уставот на Република Македонија. Ова од причина што членовите на Комисијата за верификација на фактите се носители на јавна функција утврдена со закон поради што припаѓаат во кругот на лица чие именување и разрешување, според Уставот е во надлежност на Собранието на Република Македонија. Оттука, Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт има право и обврска да ги определи и утврди условите кои членовите на оваа Комисија треба да ги исполнуваат. Еден од тие услови е исполнувањето и на условот „професионален интегритет“. Имено, посебната улога и значење на Комисијата за верификација на фактите, како и посебните услови утврдени за избор на членови на Комисијата, според Судот, укажуваат на специфичниот карактер на работите и задачите на членовите на Комисијата , од каде произлегува и утврдувањето на посебните услови, меѓу кои е и оспорениот дел на законската одредба на членот 15, „професионален интегритет“ на членот на Комисијата.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека ваквото законско решение не претставува повреда на начелото на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
5. Наводите во иницијативата дека Законот за определување на дополнителен услов за вршење јавна функција, не содржел критериуми и мерила за определување на коефициент за определување на плата на претседателот, заменикот претседател и членовите на Комисијата за верификација, кој истиот го утврдувал, според оспорениот член 16-б став 3, Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија, според Судот, се неосновани.
Со наведеното законско решение, не се повредува принципот на владеењето на правото, како што се тврди во иницијативата, од причина што Комисијата за избор и именување при определување на коефициентот на плата на претседателот, заменикот-претседател и членовите на Комисија за верификација на факти, ги применува критериумите и параметрите во Законот за плати на лица избрани и именувани од Собранието на Република Македонија, што е неспорно според член 15 дека тие се избираат од Собранието на Република Македонија, а според член 14 став 4 од Законот, средствата за работа на Комисијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија. Според наведеното, оспорената законска одредба на член 16-б од Законот е во согласност со принципот на владеењето на правото – член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
6. Оспорените одредби на членовите 18 став 1 алинеја 6 и 19 став 1 од Законот за определување на дополнителен услов за вршење јавна функција, според Судот, се во согласност со членовите 8 став 1 алинеи 3 и 4, 9 став 2, 13 став 1, 14 став 1, 23, 52 и 54 став 1 од Уставот на Република Македонија на што упатува иницијативата.
По однос на наводите содржани во иницијативата дека со оспорените делови од наведените членови од Законот, се ограничувало по сила на законот правото на едно лице да ја врши функцијата член на Комисијата, Уставниот суд на Република Македонија, во досегашната своја практика во повеќе свои одлуки (У.бр.109/2006, 134/2009, 63/2009, 66/2009) изградил гледиште не станува збор за повреда на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во член 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдени во член 14 став 1 од Уставот. Ова од причина што оспорените членови 18 став 1 алинеја 6 и оспорениот дел на членот 19 став 1 од Законот, се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата (член 18 став 1 алинеја 6) член на Комисијата и според која својството му престанува заради негово осудување во периодот додека ја врши функцијата. Оттука, ова претставува класичен услов за престанок на мандатот поради осуда со правосилна судска пресуда, бидејќи такво лице не може да дава гаранција дека Комисијата за верификација на фактите успешно ќе функционира. Имено, оспорената одредба е во функција на гаранција на успешно обавување на оваа јавна функција. Од овие причини во случајов не може да се прифати наводот во иницијативата дека оспорената законска одредба на член 18 став 1 алинеја 6 од Законот, не биле во согласност со утврдените принципи во членовите 13 и 14 од Уставот. Во конкретниот случај не се работи за правни последици осудата кои настапуваат по сила на закон, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата.
Членот 19 став 1 во оспорениот дел, според Судот, исто така, не може да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Ова од таму што во конкретниов случај не станува збор за правна последица од осудата која настапува по сила на законот, туку за два кумулативно предвидени услови: лицето да не е осудено со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеца и да не му е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност, при што предвидувањето на овие услови не може да се прифати како ограничување на правата и слободите на индивидуата.
Со оспорената одредба недвосмислено и јасно е утврден причинскиот однос на забраната на едно лице да биде избрано за член на Комисијата за верификација на фактите поради постоење на правосилна судска пресуда со која лицето е осудено на казна затвор над 6 месеци и казна забрана за вршење на професија, должност и дејност.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 18 став 1 алинеја 6 и член 19 став 1 во оспорениот дел, од Законот, со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението по однос на член 18 став 1 алинеја 6 и член 19 став 1, во оспорениот дел, од Законот, е донесено со мнозинство гласови.
У.бр.241/2009
19 мај 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски