Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 19 мај 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 35 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Маке-донија“ бр.80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009 и 156/2009).
2. Младен Николовски од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата поднесена до Уставниот суд на 26 ноември 2009 година, се оспоруваат членовите 34 и 35 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, бидејќи подносителот на иницијативата смета дека истите создавале чувство на неправда, создавале проблеми во примената, за што зборувала и околноста што тој водел долгогодишен спор за самостојно засметување на пензискиот стаж остварен во Германија, но од страна на Второсте-пената Комисија при Владата на Република Македонија за решавање по жалби во втор степен по прашањата за пензиско и инвалидско осигурување бил обесправен со неизвршувањето на одлуките донесени од страна на Врховниот суд на Република Македонија и Управниот суд. Од овие причини подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби не биле во согласност со Уставот и предлага нивно поништување.
Во појаснувањето на иницијативата од 10 декември 2009 година, подносителот на иницијативата го оспорува само членот 35 од Законот и наведува дека оваа одредба доведувала до состојба на понеповолна и нееднаква положба на осигурениците кои имале стаж од странска пензија со оние кои оствариле минимален стаж на осигурување од 15 години исклучиво со работа во Република Македонија. Имено, тој по однос на наведените осигуреници оства-рувал помала пензија од најнискиот износ, а како се „собирал“ износот на „македонската пензија“ и износот на „германската пензија“, што како решение било неусогласено и спротивно на европските критериуми за самостојни пензии, според меѓународните конвенции. Според него оваа одредба требала да се однесува само на сразмерниот дел, кога македонскиот стаж бил под 15 години. Според тоа оспорениот член 35 од Уставот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 35 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека, според содржината на оспорениот член 35 од Законот, осигуреникот кој ќе оствари дел од пензијата според меѓународен договор стекнува право на најнизок износ на старосна пензија ако износот на пензијата определена според овој закон и странската пензија пресметана според важечкиот девизен курс е помал од износот од кој се определува најнискиот износ на пензија од член 34 на овој закон.
4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Оспорената одредба од Законот за пензиското и инвалидското осигурување веќе била предмет на уставно-судска оценка. Имено, Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.3/1997 од 23 април 1997 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на членот 35 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95 и 71/96).
Подносителот на иницијативата ја оспорувал уставноста на член 46 став 3 од Статутот на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија (“Службен весник на Република Македонија бр.50/94). Според наводите во иницијативата Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Македонија, врз основа на оспорената одредба, донесувал решенија со кои го ускратувал правото на најнизок износ на старосна пензија стекната со примена на конвенциите за социјално осигурување склучени со Германија, Франција, Швајцарија и други земји, односно на корисниците на старосна пензија, со што се повредувале основните права утврдени со Уставот на Република Македонија.
Судот на седницата ја утврдил содржината на оспорената статутарна одредба и нашол дека не може да се постави прашањето за нејзината уставност и законитост, а по однос ,пак, на прашањето за правото на најнискиот износ на старосната пензија кое е уредено со Законот за пензиското и инвалидското осигурување и од содржината на наводите во иницијативата Судот оценил дека, всушност се оспорува одредбата содржана во членот 35 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според оваа одредба, осигуреникот кој ќе оствари дел од пензијата според меѓународен договор стекнува право на најнизок износ на старосна пензија ако износот на пензијата определена според овој закон и странската пензија засметана според важечкиот девизен курс е помала од износот од кој се определува најнискиот износ на пензија од член 34 на овој закон за утврдување на процентот на најнискиот износ на пензијата не се зема стажот на осигурување навршен во странство.
Според гледиштето на Судот, кое поаѓа од содржината на членот 34 и членот 35 став 1 од Уставот, уставната гаранција за социјалното осигурување и социјалната сигурност претставува битен елемент на вкупната социјална сигурност на човекот, која во себе го опфаќа и пензиското и инвалидското осигурување и тоа во сите случаи и во секоја состојба во која може да се најде човекот. Притоа, најнискиот износ на пензија е еден од елементите што ја обезбедува социјалната сигурност на граѓаните. Во таа смисла и одредбата од член 35 од Законот го обезбедува минимумот на пензија на осигуреникот кој остварил право на дел од пензијата според меѓународен договор на тој начин што, оваа категорија на осигуре-ници го имаат тоа право ако износот на пензијата определен според овој закон и странската пензија не го надминува износот на најниската пензија определена според член 34 од истиот Закон, односно ако вкупниот износ на пензијата не го обезбедува минимумот на социјалната сигурност утврден со Законот.
Тргнувајќи од уставната определба дека обемот на правата од пензиското и инвалидското осигурување се утврдуваат со закон и колективен договор Судот утврдил дека законодавецот е овластен да ги определи и условите и износот на најниската пензија и за осигурениците што оствариле дел од пензијата согласно конвенци-ите за социјално осигурување поради што оценил дека оваа одредба од Законот е во согласност со наведените уставни одредби (член 34 и член 35 став 1 од Уставот).
Врз основа на наведеното произлегува дека Судот веќе ја оценувал оспорената законска одредба по однос на нејзината согласност со членот 34 и членот 35 од Уставот.
Со оглед на тоа што со предметната иницијатива се бара оспорената одредба да се стави под сомение и по однос на нејзината согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот се направи анализа и по однос на нејзината согласност со наведените уставни одредби.
Имено, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата националното и социјалното потекло, политичко и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 34 од Законот, (одредба на која се повикува оспорениот член 35 од Законот), најнизок износ на старосната пензија остварена од задолжителното пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност и пензијата остварена од задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување не може да изнесува помалку од утврдената просечна плата за сите вработени во Република Македонија во 2002 година, и тоа:
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), во висина од 41%;
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно над 20 години (жена), во висина од 38% и
– за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж), односно до 20 години (жена), во висина од 35%.
Пензијата од став 1 на овој член се усогласува со процентот со кој се усогласуваат другите пензии.
Од анализата на оспорениот член 35 и цитираниот член 34 од Законот произлегува дека во Република Македонија се гарантира најнизок износ на старосна пензија во висина која не може да изнесува помалку од: 41% за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (маж), односно над 30 години (жена), 38% за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (маж), односно над 20 години (жена) и 35% за корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (маж), односно до 20 години (жена) и тоа за трите категории сметано врз основа на утврдената просечна плата за сите вработени во Република Македонија во 2002 година.
Според тоа со оспорениот член 35 од Законот, разгле-дуван поврзано со членот 34 став 1 алинеја 3 од Законот се гарантира за сите осигуреници кои имаат пензиски стаж до 25 години (маж), односно до 20 години (жена), што значи и оние што имаат минимален пензиски стаж од 15 години, на кои укажува подносителот на иницијативата, пензија која не може да биде помала од 35% од утврдената просечна плата за сите вработени во Република Македонија во 2002 година, што преставува операционализација на принципот на генерациска солидарност.
Прашањето пак, дали заради вака прокламираниот принцип осигуреникот кој остварил дел од пензијата според меѓународен договор, ќе има еднаква, повисока или пониска пензија од осигуреникот кој има 15 години пензиски стаж е фактичко прашање кое зависи од нивните пензиски основи кои се валоризираат според законски утврден начин, за кое прашање Уставниот суд не е надлежен да одлучува. Овде е од значење само обезбедувањето на минимален износ на пензија, кога вкупниот износ на пензијата (остварена според домашното законодавство и остварена според меѓународен договор) не го обезбедува минимумот на социјалната сигурност утврден со Законот, под кој минимум не може да биде исплаќања пензија, независно каде пензискиот стаж е остварен.
Врз основа на наведеното, според Судот, оспорената одредба е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот и не ги повредува принципот на владеењето на правото и принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.
Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената одредба и не наоѓа основи за поинакво одлучување Судот ја отфрли иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот.
При одлучувањето, Судот, исто така, имаше предвид дека содржината на оспорената одредба не се променила со измените и дополнувањата на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009 и 156/2009, сметано од денот на донесу-вање на наведеното решение на Судот (23 април 1997 година) до денот на одлучување по конкретната иницијатива.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.275/2009
19 мај 2010 година
С к о п ј е
м.л.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски