1/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 19 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницицијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 11/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009 и 156/2009.)

2. М-р Блаже Муратовски и м-р Владимир Ракочевиќ, адвокати од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот наведен во точката 1 на ова решение.

3. По цитирањето на оспорената одредба од член 154 од Законот, како и на претходно важечката одредба пред оваа измена, подносителите на иницијативата објаснуваат како оваа одредба се применувала од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, односно дека исплатата на пензиите врз основа на оваа одредба била запрена, пред Фондот да донесе поединечни решенија за запирањето на исплатата на пензијата, иако се уште биле во сила поединечните акти врз основа на кои оваа категорија на корисниците на пензијата се стекнале со правото на исплата на определен процент од пензијата и дека новите решенија се спроведуваат иако не биле конечни во управната постапка и ретроактивно од 1 јануари 2009 година, што било спротивно на одредбите од Законот за општата управна постапка.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била спротивна на член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, од причина што запирањето на исплатата на пензија не било поповолно за корисниците, отколку нејзиното примање, па стекнатото право на исплата на дел од пензијата за лицата кои по пензионирањето биле работно ангажирани не можело ретроактивно да се укинува како што било направено со оспорената одредба. Укинувањето на стекнатото право не било допуштено во правниот систем на Република Македонија, така што оспорената одредба од членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Закoнот за пензиското и инвалидското осигурување може да се однесува само за идни случаи, односно перспективно, а не и ретроактивно за оние корисници кои тоа право го стекнале порано.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба била спротивна на начелото на владеењето на правото од член 8 став 1 од Уставот, како и правото на социјална сигурност и социјално осигурување од член 34, бидејќи со оспорената одредба сериозно била доведена во прашање правната и социјалната сигурност на работно ангажираните пензионери.

Во дополнителниот поднесок со кој подносителите инсистираат Судот да одлучува по иницијативата, иако за тоа прашање веќе Судот се изјаснил, се наведува дека оваа иницијатива содржела пошироки аргументи од оние изнесени во претходно поднесените иницијативи и во решението за неповедување постапка донесено од Судот, така што постоел правен и логичен простор за поинакво одлучување. За подносителите на иницијативата неприфатливо било стојалиштето дека оспорената одредба немала повратно дејство, како и тоа дека со неа не се доведувало во прашање правото на пензија, туку само се запирала исплатата, со оглед на тоа што правото на пензија не било некаков фетиш, туку материјално право на сукцесивно месечно исплаќање на пензија како резултат на долгогодишни вложувања во пензискиот фонд.

Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста за оспорената одредба и истата да ја поништи, а се предлага и донесување на времена мерка согласно член 27 став 1 од Деловникот, за запирање од извршување на поединечните решенија на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за запирање на исплатата на пензијата.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, на корисник на пензијата, додека е во работен однос или додека врши самостојна дејност во Република Македонија или странство, му се запира исплатата на пензијата (став 1). Според ствот 2 на овој член од Законот, на корисникот на старосна пензија може да му се определи нов износ на пензија, ако навршил најмалку една година стаж на осигурување по остварувањето на право на старосна пензија. Новиот износ на старосна пензија ќе се утврди според вкупно навршениот пензиски стаж и остварени плати (став 3).

5. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Судот, со Решение У.бр.47/2009 од 9 септември 2009 година, по повод поднесена иницијатива, веќе одлучувал и не повел постапка за оценување на уставноста на членот 154 став 1 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Како и во предметната иницијатива, и во тогаш поднесената иницијатива, подносителот се повикувал на правото на пензија како стекнато право и на повратното дејство на Законот, па во однос на овие наводи Судот, во наведеното Решение У.бр. 47/2009 го изразил следниот став:

„Наводите во иницијативата дека користењето на правото на пензија е еднаш стекнато право, и не можело да се укинува со друг закон кој бил понеповолен за граѓаните бидејќи според новото законско решение истите го губеле еднаш стекнатото право покрај личниот доход да примаат и дел од пензијата и дека оспорената одредба имала повратно и понеповолно дејство за корисниците на пензија пред изменувањето на Законот, според Судот се неосновани. Законското решение кое се оспорува, не се однесува на укинување на стекнато право кое корисник на пензија го остварил при повторно вработување, од причини што само правото на пензија е стекнато право и истото според новото законско решение не се губи туку времено мирува додека корисникот на пензија е во работен однос односно врши самостојна дејност. Стекнувањето и користењето на пензијата, како една од формите преку кои се обезбедува правото на социјална сигурност на граѓаните, спаѓа во корпусот на права кои произлегуваат од сферата на работните односи, кои можат да бидат ограничени или да се изгубат, но според околности и услови утврдени со Устав или со закон и со колективен договор. Уставот му дал право на законодавецот, покрај другото, да ја уреди процедурата во која се остваруваат правата од пензиско и инвалидско осигурување, а во тие рамки и процедурата за престанок или ограничување на тие права. Тоа значи дека со закон и со колективни договори се определува постапката на остварување, ограничување и губење на правата од оваа област. Со временото запирање на користење на пензијата во случај кога корисникот на пензијата ќе заснова работен однос, односно ќе врши дејност од која ќе остварува дополнителен приход, како решение утврдено во постојниот член 154 став 1 од Законот не се задира во веќе стекнатото право на пензија што значи дека тие ниту се отуѓуваат ниту се одземаат, туку, како што е предвидено во член 6 став 3 од Законот, користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување остварени според овој закон, може да престане или да се ограничи само во случај и под услови предвидени со овој закон. Ова од причина што не постои уставна пречка со закон да се предвиди на лицата кои на друг начин ја обезбедуваат својата социјална сигурност, по стекнувањето право на лична пензија, а не со користење на пензијата, привремено да им мирува користењето на пензијата.

Според Судот, законското решение, со кое на пензионер додека е во работен однос, му се запира исплатата на пензијата поради тоа што остварува средства за егзистенција на друг начин (со ново работно ангажирање, за кое е задолжително осигуран по основ на пензиско и инвалидско осигурување), не излегува од уставните рамки според кои законодавецот ја уредува сферата на пензиското и инвалидското осигурување, водејќи сметка за социјалната сигурност и за социјалната правда на осигурениците, како и за обезбедување на одржлив и стабилен пензиски систем кој се заснова на начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, односно со истото не се повредуваат начелата на владеењето на правото и социјална праведност утврдени со член 8 став 1 алинеи 1 и 8 од Уставот. По однос на наводите во иницијативата дека оспорената одредба имала повратно дејство кое не е поповолно за лицата кои остварувале право согласно претходно пропишаната одредба од членот 154 од Законот, Судот оцени дека истите се неосновани бидејќи примената на законското решение од членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување (“Службен весник на РМ” број 161/08), со кој е изменет членот 154 од Законот, се применува после неговото донесување односно сметано од 1 јануари 2009 година, па во иднина и право на законодавецот е да го уреди воспоставувањето на правниот режим уреден со Законот кој важи по, а не пред неговото донесување и влегување во сила еднакво за сите корисници на пензии додека се во работен однос или додека вршат самостојна дејност во Република Македонија или странство. Повратното дејство би постоело доколку една норма би се однесувала на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, што тука не е случај, а нема повратно дејство ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек. Поради гореизнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 8 алинеи 3 и 8 и член 52 став 4 од Уставот“.

Уставниот суд, исто така, постапувајќи по предметот У.бр. 82/2009, со Решение од 18 ноември 2009 година ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на член 154 став 1 од овој закон.

Имајќи предвид дека во предметната иницијатива не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот оцени дека наводите во иницијативата не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметот У.бр. 47/2009, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Наводите во иницијативата во однос на истовременото постоење на поединечните решенија на Фондот за исплата на дел од пензијата односно за запирање на исплатата на пензијата на оваа категорија на пензионери, покренуваат прашања за практичната примена на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, што не е во надлежност на Уставниот суд кој врши апстракна уставно-судска контрола на нормите, така што и тие наводи не се основ за поинакво одлучување.

Поради наведеното, Судот одлучи дека во случајов се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 1/2010
19 мај 2010
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски