200/2009-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 186 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” 80/1993, 3/1994, 14/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 5/2001, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009 и 156/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот повеќе не била одржлива во правниот поредок од уставно-правен аспект, бидејќи со членот 145-а од Законот, било определено дека правосилно решение со кое на осигуреникот му е признато право, кое според прописите од пензиското и инвалидското осигурување не му припаѓа, со ново решение се огласува за ништовно, целосно или делумно. Правните последици од огласувањето на решението за целосно или делумно ништовно, настапуваат од првиот ден на наредниот месец по донесувањето на решението со кое стекнатото право се губи, целосно или делумно.

Од наведените причини, според подносителот на иницијативата со оспорените одредби се повредувал членот 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот, на седницата утврди дека оспорениот член 186 е содржан во дел X. “Надоместок на штета” од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и тој определува дека лицето на кое му е извршена исплата на товар на Фондот на која немало право должно е да го врати примениот износ и да ја надомести сета друга штета, и тоа:

1) ако врз основа на неточни податоци за кои знаело или било должно да знае дека се неточни или на друг противправен начин остварило некое примање од Фондот на кое немало право или го остварило во поголем износ отколку што му припаѓало и

2) ако остварило примање поради тоа што не пријавило, или подоцна пријавило промени кои влијаат врз губењето, односно користењето на правото или на неговата висина, а знаело или било должно да знае за тие промени.

Лицето на кое му се вршени исплати во износ поголем од износот определен со решението, односно друга соодветна исправа, должно е да ги врати на фондот износите што не му припаѓаат, независно од вината на осигуреникот.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 34 од Уставот, на граѓаните на Република Македонија им се гарантираат правото на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а со членот 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон, и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Наведените уставни одредби го прокламираат и утврдуваат општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Уставот, исто така ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална праведност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата од социјалното осигурување, начинот, постапката и условите за остварувањето на овие права на граѓаните се резервирани за законодавната власт која ги уредува релевантните односи од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Пензиското и инвалидското осигурување како елемент на правото на социјалното осигурување е предмет на уредување со Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Со овој закон се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Во делот VIII. Остварување, користење и губење на правата, содржани се одредби од Законот кои се однесуваат на постапката на остварување на правата од пензиско и инвалидско осигурување и одредби со кои е регулирано користењето и губењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување.

Со членот 145 содржан во делот VIII. Остварување, користење и губење на правата, поднаслов 1. Остварување на правата, е пропишано дека правосилно решение, по барање на странката или по службена должност, може да се измени со ново решение, ако со правосилното решение е повреден законот или општ акт на Фондот на штета на странката. Ако со правосилното решение е повреден законот или општиот акт на Фондот на штета на странката, правото по новото решение припаѓа од денот кога се исполнети условите за стекнување со правото.

Според членот 145-а, содржан во истиот дел и поднаслов како и претходниот член од Законот, е пропишано дека правосилно решение со кое на осигуреникот му е признато право, кое според прописите од пензиското и инвалидското осигурување не му припаѓа, со ново решение се огласува за ништовно, целосно или делумно. Правните последици од огласувањето на решението за целосно или делумно ништовно, настапуваат од првиот ден на наредниот месец по донесувањето на решението со кое стекнатото право се губи, целосно или делумно.

Од анализата на изнесените одредби од Законот произлегува дека со членот 145 е регулирана постапката во случај кога со правосилно решение е повреден законот или општиот акт на Фондот на штета на странката, додека со членот 145-а е регулирана постапката во случај кога со правосилно решение, е повреден материјалниот закон на штета на Фондот.

Со оспорениот член 186 став 1 точките 1 и 2 од Законот се регулирани случаеви кога на одредено лице му била извршена исплата на товар на Фондот на која немало право, на кој начин Фондот е оштетен, поради што е утврдена и обврска за лицето да ја надомести таа штета со враќање на бесправно примениот износ и надоместување на сета друга штета. Во ставот 2 од истиот член од Законот, е утврдена обврска за лицето на кое му се вршени исплати во износ поголем од износот определен со решението, односно друга соодветна исправа, да ги врати на Фондот износите што не му припаѓаат, независно од вината на осигуреникот.

Тргнувајќи од анализата на уставните и законските одредби, а од аспект на наводите содржани во иницијативата, според кои оспорениот член 186 од Законот бил неодржлив во правниот поредок од уставно-правен аспект поради постоењето на законското решение од членот 145-а од Законот, Судот оцени дека тие наводи се неосновани. Имено содржината на законското решение од оспорениот член, не може да се подведе под сомнение од уставно-правен аспект заради дополнувањето на Законот со членот 145-а, поради следното:

Во Законот за пензиското и инвалидското осигурување со членот 145 е овозможено правосилно решение во секое време да се измени ако со него е повреден материјалниот закон на штета на странката, додека со дополнувањето на Законот со членот 145-а, е овозможено, органот да ги отстрани незаконитостите кои ги предизвикало правосилното решение во кое било утврдено право од пензиското и инвалидското осигурување кое не припаѓало на одредено лице. Во тој случај со ново решение се огласува правосилното решение за ништовно, целосно или делумно, односно бесправно утврденото право се губи целосно или делумно, така што доколку веќе е извршена исплата на износот утврден со претходно правосилниот акт, покрај губењето на самото право, за лицето произлегува и обврска за враќање на бесправно примениот износ.

Оспорениот член 186 од Законот, уредува случаи на предизвикана штета од бесправно извршена исплата на товар на Фондот, а со тоа и обврска за надоместување на таа штета предизвикана на начин како во став 1 точките 1 и 2 од оспорениот член, односно надоместување на штета заради извршена исплата во износ поголем од износот определен со решение или друга соодветна исправа. Неспорно е дека во случај на претрпена штета важат прописите од Законот за облигационите односи, но во конкретниот случај е регулиран конкретен должничко-доверителски однос, што се воспоставува помеѓу Фондот и лицето на кое бесправно му била извршена исплата. Притоа, околноста што со членот 145-а е уредено дека правните последици од огласувањето на решението за целосно или делумно за ништовно, настапуваат од првиот ден на наредниот месец по донесувањето на решението со кое стекнатото право се губи, целосно или делумно, според Судот, не ја доведува во прашање одржливоста на законското решение на оспорениот член 186 во правниот поредок, бидејќи овие две норми од Законот не се негираат една со друга, напротив се надополнуваат и регулираат причинско-последичен однос предизвикан со правосилно решение за признато право на лице, кое според прописите од пензиското и инвалидското осигурување, не му припаѓало. Законското решение од членот 145-а регулира само правно отстранување на незаконитости, а со оспорениот член 168 се регулира надоместок на причинета штета поради незаконито решение.

Тргнувајќи од наведеното, Судот утврди дека не постои основ за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот со членот 8 став 1 алинеите 3 и 8, членот 34, членот 35 став 1 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 200/2009
19 мај 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски