Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 19 мај 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 80 став 2 од од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.80/1993, 3/1994, 11/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008, 81/2009 и 156/2009.)
2. Маргаритка Стојанова, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 на ова решение.
Според наводите во иницијативата, неспорно било правото на разведениот брачен другар, под услови определени со закон, да остварува право на семејна пензија, но во примената на овој член, произлегувало дека разведениот брачен другар го остварува правото на семејна пензија на терет на преживеаниот брачен другар. Тоа подносителката го илустрира со следниот пример: во моментот на смртта покојникот бил задолжен со правосилна судска пресуда да и плаќа на разведената брачна другарка издршка во износ од 20% од пензијата, што редовно го чинел за време на неговиот живот. Во моментот на смртта на покојникот, неговата законска сопруга, била корисник на лична пензија во износ од 6.000 денари. Семејната пензија која би и припаднала по смртта на сопругот е пресметана на 12.100 денари. Со примената на цитираната одредба семејната пензија за сопругата се дели на два еднакви дела, односно по 6.050 денари за неа и за разведената брачна другарка. Бидејќи целата лична пензија на преживеаниот брачен другар е поголема од половината од семејната пензија која би припаднала по смртта на сопругот, целата семејна пензија, во полн износ, се доделува на разведената брачна другарка, што според подносителот на иницијативата е апсурдна ситуација. Оттука, подносителката на иницијативата извлекува заклучок дека семејната пензија на разведената брачна другарка се исплаќа на терет на преживеаниот брачен другар. Обврската за плаќање издршка е лична обврска и таа престанува со моментот на смртта на обврзникот.
Поради наведеното, подносителката на иницијативата смета дека оспорената одредба од член 80 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е во директна спротивност на членовите 35 и 40 од Уставот, поради што на Уставниот суд му предлага да поведе постапка за оценување на неговата уставност и истиот да го поништи.
3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 80 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кога право на семејна пензија има и разведениот брачен другар, се одредува една семејна пензија за брачниот другар од новиот брак и за разведениот брачен другар во висина што припаѓа за еден член на семејството.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на првото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната правичност.
Според членот 40 од Уставот, Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството. Правните односи на бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.
Од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор за уредување на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.
Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).
Согласно членот 3 од овој закон, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа, смрт и телесно оштетување.
Правата од пензиското и инвалидското осигурување, согласно член 4 на овој закон, се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.
Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:
1) право на старосна пензија;
2) право на инвалидска пензија;
3) професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4) право на семејна пензија;
5) право на паричен надоместок за телесно оштетување и
6) право на најнизок износ на пензија.
Со член 6 од Законот е предвидено дека правата од пензиското и инвалидското осигурување се неотуѓиви, лични материјални права и не можат да се пренесуваат на други лица. Правата од пензиското и инвалидското осигурување не можат да застарат освен пристигнатите, а неисплатените износи на пензии на други парични примања, во случаите утврдени со овој закон. Користењето на правата од пензиското и инвалидското осигурување, остварени според овој закон може да престане или да се ограничи само во случаи и под услови предвидени со овој закон.
Правото на старосна пензија и правото на инвалидска пензија се лични права кои осигуреникот ги стекнува по основ на работа, врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност. Услов за остварување на овие права е престанок на работниот однос поради навршување на одредена возраст на осигуреникот, условена со остварување на минимален работен стаж, односно општа неспособност за работа на осигуреникот или намалена, односно преостаната работна способност. Така, пензиското осигурување во наведените случаи претставува всушност обезбедување на социјална сигурност на граѓаните по престанокот на нивното работно ангажирање.
Старосната и инвалидската пензија се индивидуални права кои зависат од работата на осигуреникот, при што не се земаат предвид неговите семејни обврски и одговорности. Пензиското право воспоставува директна врска, односно зависност на пензиските права со бракот и семејството, само преку институтот на семејна пензија. Бракот и обврската за издржување помеѓу брачните другари и членовите на семејството претставуваат услов за стекнување на семејната пензија.
Тргнувајќи од уставната определба од членот 40 од Уставот, законодавецот во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, меѓу другите прашања, го уредува и прашањето за семејната пензија, кое е едно од основните права во пензискиот систем. Имено, со задолжителното пензиско и инвалидско осигурување во случај на смрт на осигуреникот, односно корисникот на пензија, се обезбедува семејна пензија за брачниот другар, како и други членови на семејството што тој ги издржувал (децата, внуците, родителите на осигуреникот), како и брачниот другар од разведениот брак, доколку со судска одлука му е утврдено право на издржување.
Со членот 70 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување е утврден кругот на членовите на семејството кои можат да остварат право на семејна пензија. Според цитираната одредба од Законот, семејна пензија можат да остварат членовите на семејството:
1) брачниот другар;
2) децата (родени во брак или надвор од брак или посвоени, посиноци кои ги издржувал осигуреникот, внучињата и другите деца без родители кои ги издржувал осигуреникот) и
3) родителите (таткото и мајката, очувот и маќеата) и посвоителот, што ги издржувал осигуреникот.
Според ставот 2 на членот 70 од овој закон, семејна пензија може да оствари и брачниот другар од разведен брак, ако со судска одлука му е утврдено право на издржување.
Согласно членот 79 од Законот, семејната пензија се определува од старосната или инвалидската пензија што на осигуреникот би му припаднала во часот на смртта, односно од пензијата што на корисникот на пензијата му припаѓала во часот на смртта.
Според ставот 2 на овој член од Законот, семејната пензија од старосна пензија се определува од пензиската основа во проценти зависно од должината на пензискиот стаж утврден во член 193-б од ово закон.
Согласно ставот 3 на истиот член од Законот, висината на семејната пензија се определува во процент од основата што ја сочинуваат старосната или инвалидската пензија, и тоа 70% за еден член на семејството, а за секој нареден член уште по 10%, но не повеќе од 100% од основата.
Согласно членот 80 став 2, кога право на семејна пензија има и разведениот брачен другар, се одредува една семејна пензија за брачниот другар од новиот брак и за разведениот брачен другар во висина што припаѓа за еден член на семејството.
Од цитираните одредби од Законот кои го уредуваат кругот на лицата кои имаат право на семејна пензија и условите под кои тие го стекнуваат ова право, произлегува дека услов за стекнување на тоа право од страна на разведениот брачен другар, е со судска одлука да му е утврдено право на издржување.
Издршката меѓу брачните другари е уредена со Законот за семејството, кој предвидува дека тоа е право и должност на брачните другари. Имено, согласно член 185 од Законот за семејството, брачниот другар кој нема доволно средства за издржување и е неспособен за работа или е без работа без своја вина, има право на издржување од својот брачен другар сразмерно со неговите можности.
Правото на издршка не престанува со престанокот на бракот. Па така, согласно членот 186 од Законот, под условите од член 185 на овој закон необезбедениот брачен другар има право да бара, со пресудата со која бракот се разведува, да му се досуди извесен износ на име на издржување на товар на другиот брачен другар сразмерно со неговите можности.
Согласно членот 189 од Законот, правото на издршка на необезбедениот поранешен брачен другар трае најмногу пет години по разводот на бракот или по поништување на бракот. По барање на брачниот другар, судот може да го продолжи правото на издржување и по истекот на рокот од став 1 на овој член, ако утврди дека за тоа постојат оправдани причини, а особено ако необезбедениот брачен другар, ни по истекот на тој временски период , не ќе биде способен самиот да се издржува.
Согласно одредбата од членот 187 од Законот, судот може да го одбие барањето за издржување ако издржување бара брачен другар, кој без сериозен повод од страна на другиот брачен другар, грубо и недолично се однесувал во брачната заедница или ако неговото барање би претставувало очигледна неправда за другиот брачен другар.
Судот може да го одбие барањето за издржување, ако брачните другари во подолг период на одвоен живот, наполно самостојно, обезбедувале средства за своето издржување или ако од околностите на случајот, се утврди дека брачниот другар кој бара издржување, не е доведен во потешка материјална положба од онаа во која се наоѓал во моментот на склучување на бракот (член 188 од Законот).
Согласно член 191 од Законот, правото на поранешниот брачен другар на издржување престанува кога ќе престанат условите од член 185 на овој закон, кога ќе истече времето за кое е досудено издржувањето и кога поранешниот брачен другар кој добива издржување ќе склучи нов брак, односно ќе стапи во вонбрачна заедница.
Од анализата на наведените одредби од двата закони, произлегува дека издршката помеѓу брачните другари претставува нивно право и должност и дека истата не престанува со престанокот на бракот, односно со разводот на бракот. Од друга страна пак издршката на брачниот другар од разведениот брак не се подразбира во секој случај, односно истата се остварува под определени услови, а тоа се брачниот другар да нема доволно средства за издржување и да е неспособен за работа или е без работа без своја вина. Издршката на поранешниот брачен другар по правило, е временски ограничена на пет години по разводот на бракот, но може да се продолжи од страна на судот од оправдани причини, односно ако необезбедениот брачен другар, ни по истекот на тој временски период , не ќе биде способен самиот да се издржува. Издршката на поранешниот брачен другар, освен во другите случаи предвидени со законот, престанува и кога поранешниот брачен другар кој добива издржување ќе склучи нов брак, односно ќе стапи во вонбрачна заедница, бидејќи тогаш се смета дека обврската за издржување преминува на новиот брачен/вонбрачен другар.
Правото на издршка на разведениот брачен другар, кое право со смртта на осигуреникот се трансформира во право на семејна пензија на разведениот брачен другар, според мислењето на Судот, од уставно-правен аспект не може да се проблематизира, а од наводите на иницијативата произлегува дека тоа не го спори ниту подносителката на иницијативата.
Имено, наведените одредби, анализирани од гледна точка на уставното право, покажуваат дека бракот е комплексна правна институција. Иако во принцип, стапувањето во бракот е израз на слободата на поединецот, односно неговиот слободен избор, тоа од своја страна создава определени обврски и права за сопружниците, особено во поглед на финансиските, односно имотно-правните прашања и издржувањето. Обврската за взаемно помагање и поддршка на брачните другари, вклучувајќи ја и финансиската подршка е еден од основните елементи на бракот. Оттука, бракот претставува и еден вид на економско партнерство, во кое имотот и заработувачката се стекнуваат преку заедничите напори на обата брачни другари, дури и во случај кога еден од нив не е работно ангажиран надвор од домот, туку е ориентиран кон т.н. домашна сфера, односно грижата за децата и заедничкото домаќинство. Од друга страна, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија кои се загарантирани со член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот. Солидарноста кон другите е принцип кој има универзално значење и примена и неговото остварување во практиката зависи од врската што постои помеѓу лицата. Како што односите помеѓу сопружниците се темелат на взаемното помагање и солидарност, така законодавецот може да предвиди обврската за помагање и финасиска подршка да продолжи и по престанокот на бракот, преку обврска за издршка на брачниот другар од поранешниот брак кој нема средства за живот, односно не е способен за работа. Таквата обврска за издржување, со смртта на давателот на издржувањето се трансформира во право на издржуваното лице на семејна пензија и таа се однесува подеднакво на брачниот другар од, условно речено, новиот брак, децата, но и брачниот другар од поранешниот брак кој бил издржуван од осигуреникот.
Судот, притоа, укажува дека правото на семејна пензија на брачниот другар од поранешниот брак не е временски неограничено, туку е врзано со времетраењето на издршката утврдена со одлука на судот, така што со настапувањето на било кој од основите за престанок на правото на поранешниот брачен другар на издржување (член 191 од Законот за семејството), престанува и неговото право на семејна пензија.
Покрај тоа што самото право на семејна пензија на разведениот брачниот другар не е спорно од уставно-правен аспект, според Судот не може да се оспоруваат ниту одредбите кои се однесуваат на определување на висината на семејната пензија во случај кога на неа претендираат двата преживеани брачни другари (од разведениот и од новиот брак). Имено, со самиот факт што законодавецот, во оспорениот член 80 став 2 од Законот, предвидел дека во случај кога право на семејна пензија има и разведениот брачен другар, се одредува една семејна пензија за брачниот другар од новиот брак и за разведениот брачен другар во висина што припаѓа за еден член на семејството, односно во висина од 70% која потоа се дели на еднакви делови помеѓу нив, произлегува дека, законодавецот всушност обата преживеани брачни другари ги става во еднаква положба, обезбедувајќи им матерјална сигурност подеднакво, без да го фаворизира едниот или другиот, односно дека законодавецот не прави разлика помеѓу членовите на семејството од разведениот брак и од постоечкиот брак односно семејство. Од овие причини Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата дека, со тоа законодавецот дава посебна грижа и заштита на разведениот брак во однос на постоечкото семејство. Како пак оваа одредба се применува во практиката, особено во случај кога личната пензија на преживеаниот брачен другар е поголема од половината на семејната пензија, односно дали во тој случај целата семејна пензија му се доделува на разведениот брачен другар е прашање на примена на законот, што не е во надлежност на Уставниот суд. Доколку тоа е случај, според Судот, станува збор за неправилна примена на законот, бидејќи од самата одредба не произлегува дека целиот износ на пресметаната семејна пензија за обата брачни другари ќе му припадне само на брачниот другар од разведениот брак.
Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на одредбата од членот 80 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр. 269/2009
19 мај 2010
Скопје
тјт
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски