У.бр.133/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 мај 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 153-ѕ став 2 точка 5 од Законот за здравствената заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/91, 46/93, 55/95, 10/2004, 4/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008 и 67/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.133/2009 од 3 март 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 153-ѕ став 2 точка 5, Лекарската, Стоматолошката, односно Фармацевтската комора може времено или трајно да ја одземе лиценцата за работа на здравствен работник со високо образование ако, покрај другото, со правосилна судска пресуда е осуден за кривично дело примање поткуп.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 11 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремената невработеност, и секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно член 138 од Законот за здравствената заштита (Службен весник на Република Македонија бр. 38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006 и 5/2007) здравствена заштита можат да укажуваат здравствени работници со соодветно стручно образование, завршен приправнички стаж, положен стручен испит, основна лиценца и лиценца за работа.

Според член 143 од Законот, по завршувањето на приправничкиот стаж здравствените работници полагаат стручен испит (став1), а врз основа на ставот 2 на истиот член, здравствените работници со средно, више и високо стручно образование во траење од три години, стручниот испит го полагаат пред испитни комисии кои министерот за здравство ги образува во јавните здравствени установи.

Здравствените работници со високо образование стручниот испит го полагаат пред испитни комисии кои ги образува Лекарската, Стоматолошката односно Фармацевтската комора од редот на лицата определени согласно член 142 став 2 на овој закон (став 3).

Положениот стручен испит од ставот 3 на овој член за здравствените работници со високо образование од областа на медицината и стоматологијата е услов за добивање на основна лиценца (став 4).

Условите за стекнување на основна лиценца и лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, условите за издавање на овие лиценци за странски државјани, условите за обновување на лиценците и за нивно времено или трајно одезмање се уредени во членовите 153–а до член 153-л од Законот, меѓу кои е и оспорената одредба на член 153-ѕ став 2 точка 5.

6. Oд анализата на оспорената одредба на член 153-ѕ став 2 точка 5 од Законот за здравствена заштита, Судот смета дека се пропишува правна последица од осуда за кривично дело поткуп што се состои во губење на веќе стекнатото право за добивање на лиценци за работа како и за нивното времено или трајно одземање по сила на закон. Поради тоа, пред Судот ваквата законска формулација која претставува основ за прекин на извршување на дејноста на здравствените работници како вршители на самостојна дејност при укажувањето на здравствените услуги, се проблематизира. Имено, Судот смета дека при оценувањето на уставноста на оспорената законска одредба основен критериум е постоењето на двата принципи на казненоправниот однос утврдени во членовите 13 став 1 и 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казненоправниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Судот утвди дека ако се има во предвид фактот дека со оспорената законска одредба се врши ограничување на правото за вршење на дејноста на здравствените работници при укажувањето на здравствените услуги, односно стекнување на основна лиценца и лиценца за работа за здравствените работници со високо образование од областа на медицината, стоматологијата и фармацијата, на лице кое било осудувано за кривично дело поткуп, ова ограничување не е последица што произлегува од извршувањето на изречената кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓаните ја трпат по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека оспорената одредба на член 153-ѕ став 2 точка 5 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 13 став 1, член 14 став 1 и членот 51 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.133/2009
12 мај 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски