Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 мај 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на поднасловот “Интерен оглас” и членот 20 од Колективниот договор на Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” ц.о. Скопје, број 54/5 од 24.12.2005, склучен меѓу Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” ц.о. Скопје и Синдикалната организација на Јавното Претпријатие “Македонска пошта” ц.о. Скопје.
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот поднаслов и одредба од актот, означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспоренaта одредба од Колективниот договор, граѓаните се доведувале во нееднаква и нерамноправна положба, спротивно на уставниот принцип за достапноста на работното место секому под еднакви услови, поради што предлага да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот поднаслов и одредба од Колективниот договор како спротивни на член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 32 и член 51 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 20 содржан во поднасловот “интерен оглас” од Колективниот договор на Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” ц.о. Скопје, број 54/5 од 24.12.2005 година, склучен меѓу Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” ц.о. Скопје и Синдикалната организација на Јавното Претпријатие “Македонска пошта” ц.о. Скопје, е определено дека работодавачот може потребата од работници да ја задоволи со огласување преку институцијата “интерен оглас” (внатрешно огласување). Одлуката за спроведување на институтот “интерен оглас” ја носи директорот на Претпријатието и истата се објавува на огласните табли во Дирекцијата на Претпријатието, односно во подружниците каде е потребно да се пополни слободното работно место, а рокот за пријавување на интерниот оглас е ист како рокот предвиден во член 19 од овој Колективен договор.
Судот, исто така, утврди дека со член 11 од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” ц.о. Скопје од 21.12.2009 година, оспорениот поднаслов и одредба, се избришани.
4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, а според алинеја 2 од истиот член, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
После поднесувањето на иницијативите, била извршена измена и дополнување на Колективниот договор на Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” ц.о. Скопје, така што со член 11 од Колективниот договор за изменување и дополнување на Колективниот договор на Јавното претпријатие за поштенски сообраќај “Македонска пошта” ц.о. Скопје од 21.12.2009 година, оспорениот поднаслов и оспорениот член 20 од Колективниот договор, се избришани.
Со оглед дека оспорениот поднаслов и одредба од Колективниот договор, не се повеќе во правниот поредок, Судот, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 177/2009
12 мај 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски