280/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 54 став 3 во делот „висината и“ од Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 и 111/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 54 став 3 во делот „висината и“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, затоа што во оспорената законска одредба и во други одредби од Законот за јавно обвинителство немало критериуми врз основа на кои министерот би ја утврдил висината на надоместоци за зголемени трошоци за домување, на трошоци за превоз и за селидбени трошоци.

3. Судот на седницата утврди дека според член 54 став 1 од Законот за јавното обвинителство кога јавниот обвинител по потреба на службата времено е упатен функцијата јавен обвинител да ја врши надвор од местото на живеење има право на надоместок за зголемени трошоци за неговото домување или надоместок на трошоци за превоз.

Според ставот 2 на овој член Јавниот обвинител има право на надоместок за селидбени трошоци во случај од став 1 на овој член за него и за неговото семејство во случаите кога е избран или распореден во друго обвинителство.

Според ставот 3 на истиот член од Законот, „Министерот за правда ја утврдува висината и начинот на исплатата на надоместоци од ставовите 1 и 2 на овој член.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 91 алинеја 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000 и 44/2002), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон.

Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите што ги донесува министерот не може за граѓаните и правните лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Тргнувајќи од содржината на целината на членот 54 од Законот за јавното обвинителство произлегува дека во него се утврдени правото на надоместоците на јавните обвинители за зголемени трошоци за нивно домување или надоместок за превоз, односно правото на исплата на надоместок за селидбени трошоци, во случаи кога функцијата по потреба на службата времено ја врши надвор од местото на живеење, а министерот за правда ја утврдува висината и начинот на исплата на наведените надоместоци.

Со оглед на наведеното, Судот смета дека во конкретниов случај, оспорениот дел на законска одредба е во функција на извршување, односно разработка на законски определените права, а со цел за успешно извршување на јавно – обвинителската функција, Судот оцени дека право е на законодавецот да предвиди одредени надоместоци како предуслов за вршење на функцијата која лицето ја врши и во случаите кога тоа е надвор од местото на живеење.

Во поткрепа на гледиштето дека оспорената одредба не може да биде доведена под сомнение во однос на одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата зборува и фактот што прашањето за надоместок за селидбени трошоци, надоместок за закупнина на стан, односно зголемени трошоци за домување или надоместок за превоз се утврдени и во Законот за извршување на буџетот, кој се носи секоја година по донесување на Буџетот за наредната година.Во Законот за извршување на буџетот е утврдена и рамката за утврдување на можната висина на предвидените трошоци за избраните и именувани функционери кои користат буџетски средства.

Тргнувајќи од наведено, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел „висината и“ на член 54 став 3 од Законот со наведените уставни одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр280/2009
12 мај 2010 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски