31/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 12 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за систематизација на работните места на општинската администрација во општина Крива Паланка број 01-4513/1, донесен од Градоначалникот на општината на 25 декември 2009 година.

2. Слободан Додевски претседател на Синдикатот на општинската организација на општина Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилник означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот правилник не бил во согласност со член 3, член 3-а, член 7 став 3 алинеја 2 од Законот за државните службеници; со член 223 став 1 од Законот за работните односи; член 57 став 2 од Законот за локалната самоуправа; член 9 од Законот за управување со кризи; член 87 од Законот за превоз во патниот сообраќај; член 194 став 3 од Законот за животната средина; со член 99 став 1 од Статутот на општина Крива Паланка; со одредбите од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа во Република Македонија, како и со Правилникот за содржината и начинот на подготвувањето на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места, затоа што постоеле повеќе повреди на постапката во поглед на изготвувањето, а особено повреда на начелото на транспарентност.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 50 став 1 точка 12 од Законот за локалната самоуправа и член 17 од Уредбата за опис на звањето на државните службеници и член 23 точка 11 од Статутот на општина Крива Паланка, градоначалникот на општината донел Правилник за систематизација на работните места во општина Крива Паланка бр.01-4513/1 од 25 декември 2009 година.

Со овој правилник се утврдува вкупниот број на вработени потребни за вршење на работите од надлежност на општинската администрација, називот и распоредот на работните места, условите потребни за вршење на работите и задачите и описот на работните места.

Во членот 5 од Правилникот, поместен во делот „Опис на работните места“ се утврдени одделенија како организациони единици, називите на работните места и звањето и тоа: одделение за правни и општи работи; одделение за финансии, буџет и администрирање со донации и имот; одделение за јавни дејности, економски развој и информатичка технологија; одделение за урбанизам, сообраќај и заштита на животна средина; одделение за изградба и одржување на комунална инфраструктура; одделение за инспекциски надзор; одделение за човечки ресурси; одделение за внатрешна ревизија и територијална противпожарна единица.

Составен дел на Правилникот е и АНЕКС-1 – Табеларен преглед на работните места и звања.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис, поради што не е подобен за уставносудска оцена.

Според Судот, оспорениот правилник има карактер на интерен акт со кој се определуваат работните места во општинската администрација, се утврдуваат условите потребни за извршување на овие работни места и се утврдува описот на работите и задачите кои се извршуваат на секое работно место, со што се овозможува остварување на работите од надлежност на општина Крива Паланка, како единица на локалната самоуправа.

Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, за кој овој суд не е надлежен да ја оценува неговата согласност со Уставот и со закон, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.31/2010
12 мај 2010 година
С к о п ј е
лк.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски