283/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 12 мај 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 159 од Законот за катастар на недвижностите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2008)

2. Јован Каролијевски од Ресен, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот наведен во точката 1 на ова решение.

Во иницијативата подносителот го објаснува неговиот проблем, кој се состоел во тоа што во постапката за систематско запишување на правото на недвижен имот – негова куќа со помошни простории, стекната дел врз основа на наследство, а дел врз основа на купопродажба, неговото право врз имотот останало незапишано, иако имотот бил претходно уредно спроведен во катастарска евиденција. Тука, според него, се гледала незаконитоста и нееднаквоста на граѓаните, особено оние кои имаат уредна документација, а останале со незапишано право и кои сега требало да се изложуваат повторно на трошоци за изготвување на геодетски елаборат. Ова било спротивно со член 30 од Уставот, бидејќи значело ограничување на сопственоста, на член 9 и на член 55 став 2 од Уставот, бидејќи со ваквото постапување на надлежните органи не само што се ограничувале и узурпирале правата гарантирани со Уставот, туку неосновано се привилегирале и збогатувале одделни лица, под покритие за собирање на средства и приходи.

Според подносителот на иницијативата, иако изготвувањето на геодетски елаборат било нужно, барањето за негово повторно изготување и приложување во секоја постапка, предизвикувало спротивни ефекти, што се состоеле во ограничување на прометот како и своевидна трка по странки од новопојавените геодетски работници.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 159 од Законот, запишување на правата на недвижности кои во систематското запишување останале незапишани, по востановувањето на катастарот на недвижности се врши со поднесување на пријава за запишување од странка, кон која се прилага правен основ за запишување и геодетски елаборат (став 1). Според ставот 2 на овој член, запишувањето од ставот 1 на овој член се врши согласно со одредбите од членовите 145 до 150 на овој закон кои се однесуваат на постапката на систематско запишување на правата на недвижностите. Во ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека Агенцијата е должна да го изврши бараното запишување на промената или да ја одбие пријавата за запишување во рок не подолг од 15 дена од денот на приемот на пријавата за запишување.

4. Согласно членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 30 ставови 1 и 3 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување и никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Во членот 1 од Законот за катастар на недвижности, е определено дека со наведениот закон се уредуваат основните геодетски работи, премерот на недвижностите во функција на катастарот на недвижностите, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, државните топографски карти, регистарот на просторни единици, содржината и управувањето со податоците од Геодетско-катастарскиот информационен систем на Република Македонија, воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци, како и основањето на Агенција за катастар на недвижности.

Согласно член 2 став 1 точка 2 од Законот, “Катастар на недвижности” е јавна книга во која се врши запишување на правото на сопственост и на другите стварни права на недвижностите, на податоците за недвижностите, како и на други права и факти чие запишување е утврдено со закон;

Согласно точка 16 на истиот член од Законот, “геодетски елаборат” е техничка документација за извршените основни геодетски работи, премерот на недвижностите во функција на востановување и одржување на катастарот на недвижностите, за извршените геодетски работи за посебни намени кои се од влијание за одржување на катастарот на недвижностите и за геодетските работи во функција на изготвување на топографските карти, прибрани на лице место.

Во точката 24 на овој член од Законот е определено дека “запишување по службена должност” е запишување на правата на недвижностите по пат на систематско запишување при востановување на катастар на недвижности, како и запишување на права на недвижностите во корист на Република Македонија.

Согласно членот 3 од Законот, востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите, управувањето со Геодетско-катастарскиот информационен систем, како и воспоставувањето, одржувањето и јавниот пристап до Националната инфраструктура на просторните податоци се работи од јавен интерес.

Со членот 8 од Законот, се определени надлежностите на Агенцијата за катастар на недвижности, меѓу кои е и востановувањето и одржувањето на катастарот на недвижностите.

Востановувањето на катастар на недвижностите е регулирано во Глава IX од Законот, каде се регулирани и начините за востановување на катастар на недвижности.

Согласно членот 138 од Законот, катастарот на недвижности се востановува при:
– систематско запишување на правата на недвижностите,
– поединечно запишување на правата на недвижносите,
– запишување на незапишани права на недвижности по востановен катастар на недвижности, и
– конверзија на податоци од катастар на земјиште во катастар на недвижности. Востановувањето на катастарот на недвижности, се спроведува без одржување на расправа и без сослушување на странки.

Согласно членот 139 од Законот, систематско запишување на правата на недвижностите е запишување на правата на недвижностите по службена должност кое се спроведува за цела катастарска општина или за дел од катастарска општина. Систематското запишување се состои од увид на заинтересираните лица во податоците прибрани со премерот, пријавување за запишување на носителите на правата на недвижностите и
запишување на правата на недвижностите во катастарот на недвижностите.

Во натамошните одредби од Законот, дадена е постапката за систематско запишување на правата на недвижностите која започнува со јавен оглас (член 140), увид во податоците од извршениот премер и пријава за запишување (член 143), се уредува постапувањето на органот по пријавата (член 144), споредувањето на податоците содржани во пријавата за запишување со податоците во правниот основ, податоците прибрани со премерот содржани во геодетскиот елаборат (член 145), дозволените отстапувања во површините на катастарските парцели (член 146), отстапувањата во катастарските парцели кои се поголеми од дозволените (член 147), издавањето на потврди за запишување и за одбивање и доставувањето на потврди (член 149 и член 150)

Согласно членот 151 од Законот, во случај странката да не се јави во периодот определен со јавниот оглас од членот 140 на овој закон, недвижноста која е евидентирана во катастарот на земјиште ќе се запише врз основа на податоците од катастарот на земјиште согласно со членовите 128 ставови 2 и 3, 146 и 147 од овој закон со забелешка дека тоа се податоци преземени од катастарот на земјиште во однос на кои поголема правна сила имаат податоците за носителите на правата од исправите за правниот основ или актите на надлежните органи, а недвижноста која не е евидентирана во катастарот на земјиште ќе остане со незапишано право.

Поединечното запишување на правата на недвижностите е уредено во член 155 од Законот, во чиј став 1 е определено дека поединечно запишување на правата на недвижностите се врши со поднесување на пријава за запишување од странка, за недвижности во премерени и непремерени катастарски општини каде што е во примена катастар на земјиште. Согласно ставот 2 на овој член од Законот, кон пријавата за запишување од ставот 1 на овој член се приложува геодетски елаборат од извршениот премер за поединечно запишување, правен основ и изјава на идентификација од членот 67 став 4 на овој закон.

Според член 156 став 1, при поединечното запишување на правата на недвижностите во премерените катастарски општини, податоците за земјиштето се преземаат од постојниот катастар на земјиште, а податоците за зградите се прибираат со увид и премер на самото место. Во непремерените катастарски општини, податоците за
земјиштето и зградите се прибираат со увид и премер на самото место (став 2). За прибраните податоци од ставовите 1 и 2 на овој член се
изготвува геодетски елаборат (став 3).

Понатаму, во членот 157 од Законот е определено дека врз основа на податоците содржани во пријавата за запишување, геодетскиот елаборат од членот 156 став 3 на овој закон и во исправите за правниот основ или актите на надлежните органи, се врши поединечно запишување на правата на недвижностите. Агенцијата е должна да го изврши бараното запишување на промената или да ја одбие пријавата за запишување во рок не подолг од
15 дена од денот на приемот на пријавата за запишување.

Како и кај систематското запишување на правата на недвижностите, и за поединечното запишување на правата односно за одбивањето на запишувањето на странката и се издава потврда (член 158).

Оспорениот член 159 од Законот, го уредува начинот на запишување на незапишани права на недвижности по востановен катастар на недвижности. Согласно ставот 1 на овој член, запишување на правата на недвижности кои во систематското запишување останале незапишани, по востановувањето на катастарот на недвижности се врши со поднесување на пријава за запишување од странка, кон која се прилага правен основ за запишување и геодетски елаборат. Во ставот 2 на овој член од Законот, е предвидено дека запишувањето од ставот 1 на овој член се врши согласно со одредбите од членовите 145 до 150 на овој закон кои се однесуваат на постапката на систематско запишување на правата на недвижностите. Агенцијата е должна да го изврши бараното запишување на промената или да ја одбие пријавата за запишување во рок не подолг од 15 дена од денот на приемот на пријавата за запишување (став 3).

Прашањето за надоместокот на трошоците за запишување е регулирано со член 136 од Законот, согласно кој правата на недвижностите во катастарот на недвижностите се запишуваат по претходно плаќање на надоместокот. По исклучок од ставот 1 на овој член во постапката на систематско запишување на правата на недвижностите не се плаќа надоместок за запишувањето, а трошоците за систематското запишување на правата на недвижностите се намируваат со средства од Буџетот на Република Македонија. Надоместокот од ставот 1 на овој член го плаќа подносителот на пријавата за запишување или стекнувачот на правото на недвижноста за кое надлежниот орган по службена должност го доставил правниот основ за запишувањето, односно лицето во чија корист се врши запишувањето. Доказот за платен надоместок подносителот на пријавата за
запишување го прилага кон пријавата за запишување.

Од наведените одредби од Законот за катастар на недвижностите, произлегува дека систематското запишување на правата на недвижностите претставува основен начин на востановување на катастарот на недвижностите, кое се спроведува по службена должност за цела катастарска општина или нејзин дел. Систематското запишување на правата на недвижностите се врши по законски утврдена постапка во која е дадена можност на секој заинтересиран граѓанин да учествува преку увид во податоците, поднесување пријава за запишување врз основа на приложени правни основи за запишување. Дури и во случај странката да не се јави на јавниот оглас, Законот предвидува недвижноста да се запише во катастарот врз основа на податоците содржани во катастарот на земјиште, а само по исклучок, кога недвижноста воопшто не е евидентирана во катастарот на земјиште, таа останува со незапишано право, бидејќи всушност и не постојат податоци, односно каква и да било евиденција за да може таквата недвижност да биде запишана. Според тоа, при систематското запишување на правата на недвижностите, не се врши запишување на правата на недвижностите во секој случај, туку за тоа треба да бидат исполнети условите предвидени во законот. При тоа законодавецот дал можност, по востановувањето на катастарот на недвижности и овие недвижности кои останале со незапишано право да се запишат по барање на странката, што е предмет на уредување на оспорениот член 159 од Законот.

Од наводите во иницијативата не може да се заклучи од кои причини недвижноста на подносителот на иницијативата останала со незапишано право, кој факт и не е релевантен за уставно-судската оцена на оспорената одредба бидејќи станува збор за фактичко прашање поврзано со примената на законот во конкретен случај, што е надвор од надлежноста на Уставниот суд. За уставно-судската анализа е значајно што одредбите од Законот не создаваат нееднаквост на граѓаните, бидејќи станува збор всушност за различни начини на воспоставување на катастарот на недвижностите – по службена должност (кај систематското запишување на правата на недвижностите) и на барање на странката (кај поединечното запишување на правата и кај запишувањето на незапишаните права), поради што и законодавецот предвидел различни решенија во однос на тоа на чиј товар паѓаат трошоците за изготвување на геодетски елаборат. Прашањето, пак, за тоа дали е оправдано да се бара изготвување на геодетски елаборат за пооделни работи предвидени во Законот, е прашање што го цени законодавецот и не е во надлежност на Уставниот суд.

Од наведените причини, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 159 од Законот за катастар на недвижностите со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова – Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 283/2009
12 мај 2010
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски