Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 април 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на
а) член 11 став 5 од Законот за оружјето („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005, 47/2006, 42/2007 и 86/2008), и
б) Решението за определување на здравствени установи во кои ќе се врши лекарски преглед на физичко лице заради утврдување на здравствената способност за поседување и носење на оружје, донесено од министерот за здравство, а во согласност со министерот за внатрешни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2007).
2. ПЗУ – Поликлиника „Медика Плус“ – преку полномошник Јованка Лешлова адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актите означени во точка 1 под а) и под б) од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со решението во оспорената законска одредба, како и во оспорениот подзаконски акт се повредувала една од економските основи утврдени во Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото, поради што истите биле во спротивност со член 55 од Уставот.
Имено, обврската на физичките лица да ги вршат лекарските прегледи заради утврдување на здравствената способност за поседување и носење оружје само во оние установи кои се определени во Решението за определување на здравствени установи во кои ќе се врши лекарски преглед на физичко лице, според подносителот на иницијативата не биле во согласност со економските основи утврдени во Уставот.
Оспорената законска одредба и подзаконскиот акт, според иницијативата, не обезбедувале слободна конкуренција, со што се повредувало основното начело на економските односи. На овој начин се ставале во нееднаква пложба останатите здравствени установи, кои, исто така, имале специјалистичка ординација по медицина на трудот, како и определените јавни здравствени установи.
Од наведените причини се предлага да се укинат оспорениот член од Законот за оружјето и оспорениот подзаконски акт.
3. Судот на седницата утврди дека во член 11 од Законот за оружјето е предвидено:
Здравствената способност за поседување и носење на оружје според членот 9 став 1 од овој закон се утврдува со лекарски преглед и се докажува со лекарско уверение.
Лекарското уверение од ставот 1 на овој член не може да биде постаро од една година.
Трошоците на лекарскиот преглед ги сноси физичкото лице.
Министерот за здравство во согласност со министерот за внатрешни работи ќе ги пропише видот и начинот на вршење на лекарскиот преглед за утврдување на здравствената способност за поседување и носење на оружје, листата на болести и здравствени состојби што го прават лицето неспособно за поседување и носење на оружје, како и начинот и постапката за издавање на лекарското уверение.
Лекарски преглед на физичкото лице заради утврдување на здравствената способност за поседување и носење оружје вршат установи од областа на здравството што ги определува министерот за здравство во согласност со министерот за внатрешни работи.
Оспореното Решение, пак, предвидува:
Лекарски преглед на физичко лице заради утврдување на здравствената способност за поседување и носење на оружје ќе се врши во следните здравствени установи:
1. Здравствен дом на Скопје – Скопје, Институт за медицина на трудот;
2. Здравствен дом на Скопје – Скопје, Поликлиника Букурешт РЕ Специјалистичко-консултативната служба;
3. Воена болница – Скопје, ИПМ Одделение за медицина на трудот;
4. Здравствен дом – Велес, Служба за медицина на трудот;
5. Здравствен дом – Прилеп, Служба за медицина на трудот;
6. Здравствен дом – Битола, Служба за медицина на трудот;
7. Здравствен дом – Охрид, Служба за медицина на трудот;
8. Здравствен дом – Куманово, Служба за медицина на трудот;
9. Здравствен дом – Тетово, Служба за медицина на трудот.
Ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 7 од Уставот, темелни ввредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништтвото.
Согласно член 55 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката превзема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон, единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.
Со Законот за оружјето се уредуваат условите за набавување, поседување, носење, чување, производство, поправање, онеспособување (деактивирање), промет, превоз и пренесување преку државна граница на оружје и муниција.
Одредбите на овој закон не се применуват на вооружувањето и воената опрема како и на оружјето и муницијата наменета за потребите на Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, казнено – поправните установи и другите државни органи и правни лица утврдени со посебни прописи (член 1).
Според член 9 став 1 точка 3 од Законот, одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје ако физичкото лице, меѓу другото, е и здравствено способно да поседува и носи оружје.
Со членот 11 став 1 од Законот за оружје се предвидува дека здравствената способност за поседување и носење на оружје според член 9 став 1 точка 1 од овој закон се утврдува со лекарски преглед и се докажува со лекарско уверение.
Оспорениот став 5 на членот 11 од истиот закон, предвидува дека лекарски преглед на физичкото лице заради утврдување на здравствената спобност за поседување и носење оружје вршат установи од областа на здравството што ги определува министерот за здравство во согласност со министерот за внатрешни работи.
Анализирајќи ги наведените уставни одредби во корелација со оспорениот член 11 став 5 од Законот, а во контекст на наводите во иницијативата, Судот оцени дека со Законот за оружје, поточно со оспорениот член 11 став 5 од овој закон не се повредува темелниот принцип на уставниот поредок на Република Македонија – предвиден во членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот – слободата на пазарот и претприемништвото, како една од основите на економските односи предвидено во член 55 од Уставот.
Од анализата на наведените уставни одредби јасно произлегува дека гарантираната слобода на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Републиката која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати како работа само на субјектите на пазарот бидејќи и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството.
Принципот на еднаквост на пазарните субјекти претпоставува еднаква правна положба на субјектите во вршењето на својата дејност. Имено, еднаквоста треба и мора да постои меѓу оние субјекти кои вршат идентична или комплементарна дејност. Во овој контекст државата е должна да презема определени мерки со цел да се спречи монополската положба и монополското однесување на пазарот, заштитувајќи ги на тој начин правилата на пазарот, конкуренцијата од една страна и обезбедување еднакви можности за сите субјекти да вршат определена дејност од друга страна.
Според оценката на Судот, а при тоа имајќи ги во вид наведените уставни одредби наспрема суштината и целта на Законот за оружјето, оспорената одредба, како и Законот во целина, се состои во нормирање на прашања кои претставуват основи, услови и процедури за поседување и носење оружје се со цел да се пресретнат потенцијалните опасности што ги носи поседувањето и употребата на оружјето (член 11 став 5, 12, 14 и др. од Законот). Наведените законски одредби, всушност се во функција и на заштитата на едно од основните човекови права утврдени во Уставот на Република Македонија (член 10) неприкосновеност на животот на човекот, а во поширока смисла на зборот и заштита на јавниот ред и мир. Оваа уставна и законска обврска државните органи во име на Република Македонија се должни доследно да ја спроведуваат, секој во рамките на своите надлежности. Во неможност да се спроведува утврдената законска надлежност на надлежните органи, законодавецот го применил инститтуот на доверување на вршење на јавното овластување. Имено, со оспорениот член 11 став 5 од Законот е пропишано министерот за здравство во согласност со министерот за внатрешни работи прегледот на физичките лица заради утврдување на здравствената способност за поседување и носење оружје да го вршат установи од областа на здравството. Врз основа на ваквото законско овластување (член 11 став 5 од Законот) Решението и Решението е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2007, со кое се утврдени здравствените установи во кои ќе се врши задолжителниот лекарски преглед кое е логична последица на остварување на законското овластување.
Јавното овластување како институт прифатен во правниот систем на Република Македонија произлегува токму од уставната и законската позиција на органите на државната управа и е во границите на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото.
Наводите во иницијативата дека оспореното законско решение не е во согласност односно е во спротивност со уставната слобода на пазарот и претприемништвото се неосновани (член 55 од Уставот на Република Македонија) од следните причини:
Имајќи ја во предвид суптилноста на проблематиката на оружјето, сфера која е најтесно поврзана со безбедноста на граѓаните на Република Македонија, според Судот, со оспорената законска одредба не се повредува член 8 и член 55 од Уставот на Република Македонија, односно темелните вредности на уставниот поредок или поконкретно владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото. Имено, основната интенција на законодавецот со предметните одредби од наведените закони и подзаконски акти е одговорната задача на утврдување на здравствена способност за поседување и носење на оружје детално да ја пропише, а нејзиното имплементирање во праксата да го довери на здравствени установи кои ги имаат потребните капацитети, а не да се создадат услови на пазарна конкуренција и натпревар помеѓу здравствените установи. Ова дотолку повеќе што државата има уставна обврска да врши во вакви случаи огграничување со цел заштита на животот и здравјето на луѓето, како и истовремено да врши контрола и има увид во податоците за тоа кои лица поседуваат оружје.
Со оспорената законска одредба, според Судот, не се навлегува во ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото, затоа што прашањето за утврдување на здравствената способност за поседување и носење на оружје не се слободни пазарни активности и слободно претприемништво, туку способност која се утврдува во здравствени установи кои вршат дејност од јавен интерес и според својата правна положба утврдена со горенаведените закони, не вршат профитна дејност.
Определувањето на одредени здравствени установи да вршат лекарски преглед на физичко лице заради утврдување на здравствената способност за поседување и носење оружје, според Судот не значи дека со ваквото законско решение се фаворизираат определени јавни здравствени установи, ниту пак се доведуваат во нееднаква положба останатите установи.
Напротив, оспореното решение е донесено во рамките на овластувањата на министрите доделени со закон и согласно законскиот критериум содржан во оспорениот член од Законот, според кој лекарските прегледи на физичкото лице заради утврдување на здравствената способност за поседување и носење оружје ги вршат „установи од областа на здравството“.
Со оспореното решение се определени здравствени установи кои, без исклучок, имаат организирано служби за медицина на трудот, затоа што располагаат со соодветен простор, опрема и кадар за вршење на наведената дејност. Службите по медицина на трудот, во рамките на установите во кои работат и на кои се однесува оспореното решение, имаат на располагање и други специјалистички служби (очни болести, оториноларингологија, психијатрија), како и други профили на здравствени соработници (психолози), потребни за целосно заокружување на соодветниот преглед, односно за целосно утврдување на здравствената состојба на граѓанинот.
Од наведеното јасно произлегува дека Уставот и дава право на државата да го контролира поседувањето на оружјето, а со цел за заштита на здравјето на луѓето, како и нивната безбедност. Оттука, недвосмислено стои правото на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство да ги определи здравствените институции за утврдување на оваа специфична состојба, односно психофизичката способност на лицето заради носење и поседување на оружје, поради што Судот оцени дека оспорената одредба од Законот и оспорениот подзаконски акт се во согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.277/2009
28 април 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски