У.бр.148/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 април 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 52 став 10 и членот 53 став 9 во деловите: „или оперативна инструкција донесена од страна на директорот“ и членот 55 став 2 од Законот за Царинската управа („Службен весник на Република Македонија“ број 46/2004, 81/2005, 107/2007, 103/2008, 64/2009 и 105/2009).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.148/2009 од 10 февруари 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека со одредбата од членот 52 од Законот е уредено дека вработувањето на царинските службеници се врши врз основа на јавен оглас за слободно работно место објавен во најмалку два дневни весника од кои на еден од јазикот кој го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, по претходно добиена согласност од министерот за финансии (став 1); содржината на јавниот оглас е определена во ставот 2; рокот за пријавување не треба да е пократок од 20 дена и да не е подолг од 30 дена (став 3); царинскиот службеник, со негова согласност, може да се вработи од еден во друг државен орган, без огласување на работното место, со преземање и склучување на договор за работа на работно место кое одговара на неговата стручна подготовка, односно квалификации, кога тоа го налага потребата на Царинската управа, по претходно мислење на министерот за финансии (став 4). Според ставот 5 од членот 52 од Законот е предвидено дека директорот го задржува правото да даде дозвола за необјавување на јавен оглас за слободно работно место врз основа на негова одлука за унапредување или прераспоредување на царински службеник на тоа работно место.

Со останатите ставови од 6 -10 од членот 52 од Законот, се уредени и другите прашања од постапката за вработување во Царинската управа и тоа дека таа ги собира, евидентира сите пријави и документи за кандидатите за царински службеник; директорот може да побара и други податоци за лицето од надлежните државни институции кои се овластени за водење на безбедносни податоци за евентуални пречки кои ја загрозуваат безбедноста на работењето на Царинската управа; директорот го врши изборот и работниот однос се заснова со склучување на договор за работа.

Со членот 52 став 10 од Законот за Царинската управа е предвидено дека прописите за проверката на работните способности и процедурите за започнување на вработувањето ќе се уредат со Колективниот договор или оперативна инструкција донесена од страна на директорот. Оспорен дел со иницијативата е: „или оперативна инструкција донесена од страна на директорот“.

Со членот 53 став 9 од Законот е предвидено дека Постапката поврзана за третманот на вработениот на пробна работа се уредува со колективен договор или оперативна инструкција донесена од страна на директорот, оспорен дел со иницијативата е: „или оперативна инструкција донесена од страна на директорот“.

Според наводите во иницијативата, оспорените делови од двете одредби од Законот немале уставна основа, затоа што начинот и постапката за проверката на работните способности и процедурите за започнување на вработувањето и третманот на вработениот на пробна работа, биле дел од прашањата поврзани со остварување на правата од работен однос, кои согласно членот 32 став 5 од Уставот, се уредувале само со закон и со колективни договори, а не со оперативни инструкции донесени од страна на директорот, како што тоа било предвидено со оспорените делови од наведените одредби од Законот. Од овие причини тие не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 32 став 5 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Судот, од анализата на оспорените одредби од Законот, утврди дека одредбата од ставот 10 на членот 52 се однесува на проверката на работните способности и процедури за започнување со работа на лицата кои се вработувале во Царинската управа, а одредбата од ставот 9 на членот 53 се однесува за третманот на вработениот на пробна работа во Управата, при што и за двете категории на вработени лица се предвидува дека со „оперативни инструкции“ донесени од страна на директорот ќе се уредувале прашања поврзани со постапки од работниот однос.

5. Согласно членот 32 став 5 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Во предвид на изнесеното, Судот утврди дека начинот и постапката за проверка на работните способности и процедурата за започнување на вработувањето како и третманот на привремено вработените, се дел од прашањата поврзани со остварување на правата од работен однос на вработените, кои согласно со Уставот, се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека, уредувањето на начинот и постапката за проверка на работните способности и процедурата за започнување на вработувањето во Царинската управа, како и третманот на привремено вработените во Управата, може да бидат предмет на уредување со закон и колективен договор, а не и со оперативни инструкции на директорот, односно со подзаконски акт донесен од директорот, поради што, директорот на Царинската управа нема уставна основа за донесување на наведените акти. Поради тоа, оспорените делови од членот 52 став 10 и членот 53 став 9 од Законот не се во согласност со членот 32 став 5 од Уставот.

Со членот 55 став 2 од Законот е предвидено дека ако царинскиот службеник е осуден со казна затвор помала од три месеца за кривично дело кое не е поврзано со надлежноста на Царинската управа, а ниту е направено на работа, ниту го руши угледот на Царинската управа, директорот може да одлучи царинскиот службеник да го врати на работа по издржувањето на казната, имајќи го предвид неговото претходно работење и однесување.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од Законот, му се давало дискреционо право на директорот на Царинската управа, преку овластувањето да одлучува за враќање или невраќање на работа на царински службеник, кој бил отсутен во период до три месеца од работата поради издржување на казна затвор, меѓутоа со ова овластување се овозможувало директорот да го злоупотребува правото на одлучување и различно да се однесува од случај до случај, со што можело да дојде до дискриминација на вработените бидејќи одредени лица можеле да имаат привилегии по овој основ и да бидат задржани на работа, а на други лица можел да им престане работниот однос, според оценката на директорот. Од овие причини оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот, утврди дека законодавецот пропишал овластување на директорот на Царинската управа да одлучува за права од работен однос на царинскиот службеник во определена ситуација кога е отсутен од работа, при што може да одлучи да не му престане или да му престане работниот однос на вработеното лице, а со тоа со Законот му се дава дискреционо право на директорот да решава за работниот статус на царинскиот службеник во услови на ситуација предвидена со одредбата. Меѓутоа, поаѓајќи од членот 50 од Законот за Царинската управа, за царинските службеници се применуваат правилата од Законот за работните односи.

Според членот 45 од Законот за работните односи во случај кога работникот заради издржување на казна или изречена воспитна или заштитна мерка, неможе да ја врши работата за период пократок од шест месеца, заради притвор и во други случаи определени со закон, времено престане да ја врши работата, договорот за вработување не престанува да важи и работодавачот не смее да го откаже освен ако е поведена постапка за престанување на работодавачот, за кој период договорот мирува. За време на мирување на договорот за вработување, мируваат договорните и другите права, како и обврските од работниот однос кои што се непосредно поврзани со вршењето на работата.

Работникот има право и должност да се врати на работа најдоцна во рок од пет дена од денот на престанувањето на причината за мирување на договорот. Со тој ден престанува мирувањето на договорот.

Според членот 99 од овој закон, работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување, ако на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна, заштитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеца или ќе мора поради издржување на затворска казна да биде отсутен од работа повеќе од шест месеца.

Со Законот за работните односи за отсуството на работникот до 6 месеци од работа во наведените случаи во членот 45, работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување, а воедно и според членот 99 од овој закон, работодавачот може да го откаже договорот заради отсуството од работа но само ако тоа отсуство е подолго од 6 месеци.

Со оспорената одредба од членот 55 став 2 од Законот за Царинската управа, е уредено дека за периодот до 3 месеца отсуство поради наведениот основ, работодавачот односно директорот ќе одлучувал за понатамошниот договорен однос за работа, дали ќе го задржи царинскиот службеник или ќе го откаже договорот. Самото ова право кое е уредено во оспорениот член од Законот за Царинската управа, содржи всушност право на одлучување на директорот, кое може да доведе до различна одлука по однос на продолжувањето на работењето на царинскиот службеник, односно директорот има право да го задржи на работа или не, лицето кое е отсутно до 3 месеца од работа поради издржување казна затвор, а со тоа му се намалува правото кое е веќе уредено со Законот за работни односи и изнесува за отсуство, не подолго од 6 месеца од работа.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, навидум поволното законско решение во оспорениот член 55 став 2 од Законот за Царинската управа, во суштина е помало право од она кое е уредено со општите прописи за работните односи, а кои се однесуваат и за царинските службеници.

Со оглед на изнесеното, Судот утврди дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, кој се однесува на владеењето на правото.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов,.

У.бр.148/2009
21 април 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски