Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 април 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 37 став 5 од Законот за бесплатна правна помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.161/2009).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 36 став 3 и член 37 став 3 од Законот означен во точка 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точка 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорените одредби од член 36 став 3 и член 37 став 3 од Законот за бесплатна правна помош биле неспроведливи во практиката затоа што во овој закон не биле предвидени одредби за вршење на надзор, ниту пак, одредби со кои би било предвидено во кои случаи доверената работа се вршела несовесно, нестручно и непрофесионално. Поради наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека наведените ставови од членовите 36 и 37 од Законот биле во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
Подносителот на иницијативата смета дека по однос на член 37 став 5 од Законот, овластувањето на министерот да ја донесе Тарифата за надоместок за трошоците на овластеното здружение на граѓани за дадената претходна правна помош, со Законот не биле содржани критериуми и мерила врз основа на кои министерот ќе ја определи наградата за дадена правна помош. Од овие причини, овој став на членот 37 од Законот, според иницијативата, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека според член 36 од Законот за бесплатна правна помош наградата на адвокатот за дадена правна помош се пресметува согласно трошковникот на адвокатот за обемот на извршената работа по секој предмет одделно, доставен до Министерството, а согласно со Тарифата за награди и надоместок на трошоците за работа на адвокатите намалена за 30%.
Адвокатот трошковникот го поднесува на пропишан образец.
Со решение Министерството нема да му исплати надоместок за конкретниот случај на адвокатот ако при вршење на редовен надзор утврди несовесно, нестручно и непрофесионално вршење на доверената работа.
Против решението од ставот (3) на овој член адвокатот може да поведе управен спор пред надлежен суд.
Содржината на образецот од ставот (2) на овој член ја пропишува министерот.
Според член 37 од истиот закон надоместокот за трошоците на овластеното здружение на граѓани за дадена претходна правна помош се пресметува согласно со трошковникот за обемот на извршената работа по секој предмет одделно за кој е донесено решение за одобрена правна помош, доставен до Министерството, а согласно со Тарифата за надоместок на трошоците за работа на здруженија на граѓани за вршење на работи на претходна правна помош.
Здружението трошковникот го поднесува на пропишан образец.
Со решение Министерството нема да му исплати надоместок за конкретниот случај на здружението ако при вршење на редовен надзор утврди несовесно, нестручно и непрофесионално вршење во работата.
Против решението од ставот 3 на овој член може да се поведе управен спор пред надлежен суд.
Тарифата од ставот 1 на овој член ја донесува министерот.
Содржината на образецот од ставот (2) на овој член ја пропишува министерот.
5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Во членот 96 од Уставот, се предвидува дека органите од државната управа од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Во конкретниов случај, подносителот на иницијативата ја оспорува согласноста на член 37 став 5 од Законот за бесплатна правна помош, од причини што смета дека во Законот не се содржани критериуми и мерила за определување на висината на наградата која ја определува министерот за дадена правна помош, поради што определеното овластување во наведената законска одредба не било во согласност со владеењето на правото, како една од темелните вредности предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Од направената анализа на одредбите од Законот за бесплатна правна помош, како целина, а со цел да се утврди дали подносителот на иницијативата основано тврди дека во Законот не биле содржани потребните критериуми и мерила врз основа на кои министерот ја донесува Тарифата за надоместок на трошоците за работа на здруженија на граѓани за вршење на работи на претходна правна помош, Судот го утврди следното:
Според член 6 став 1 од Законот бесплатна правна помош се остварува како претходна правна помош и правна помош во сите судски и управни постапки.
Претходната правна помош, според ставот 2 на членот 6 од Законот, опфаќа: иницијален правен совет за правата за користење на правната помош, општа правна информација и правна помош во комплетирање на барање за бесплатна правна помош.
Според став 3 на овој член од Законот, претходната правна помош се дава од овластено службено лице во подрачните одделенија на Министерството и од овластени здруженија на граѓани.
Според член 30 од Законот:
„(1) Здруженијата на граѓани кои се заинтересирани да даваат претходна правна помош, согласно со овој закон, поднесуваат барање за добивање на овластување до Министерството кон кое приложуваат документи согласно со членот 17 од овој закон, и тоа: актот за основање и статутот на здружението, доказ за вработено лице – дипломиран правник со положен правосуден испит, копија од полисата за осигурување и доказ дека се запишани во Централниот регистар на Република Македонија на здруженијата на граѓани.
(2) Министерот е должен по барањето во рок од 30 дена од денот на неговиот прием да одлучи со решение со кое го овластува здружението на граѓани да дава претходна правна помош и го запишува во Регистарот на здруженија на граѓани за претходна правна помош.
(3) Против решението на министерот со кое се одбива барањето за упис во Регистарот на здруженија на граѓани за претходна правна помош може да се поведе управен спор пред надлежен суд“.
Од анализата на наведените законски одредби произлегува дека законодавецот точно дефинирал кој може да дава претходна правна помош, што содржи, односно предмет на претходната правна помош, како и условите кои треба да ги исполнува здружението на граѓани кое е заинтересирано за давање претходна правна помош. Оттука, Судот утврди, дека во случајов станува збор за реални трошоци што се должат на подготовката, односно на иницирање на правото на користење на правната помош, за кои постои реална законска рамка во функција на операционализација на законските одредби, како што е определено во членот 96 од Уставот. Според тоа, неосновани се наводите во иницијативата дека во оспорениот закон немало критериуми и мерила за определување на висината на трошоците за извршената работа во претходната правна помош на здруженија на граѓани. Имено, даденото законско овластување, според Судот, е во функција на операционализација на законот, а во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 37 став 5 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 95 став 3 и член 96 од Уставот.
6. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
По однос на членовите 36 став 3 и 37 став 3 од Законот за бесплатна правна помош, подносителот на иницијативата наведува дека се неспроведливи во практиката, бидејќи во Законот не биле предвидени одредби за вршење на надзор, ниту пак одредби со кои би било предвидено во кои случаи доверената работа се врши несовесно, нестручно и непрофесионално.
Изнесените наводи во иницијативата по однос на наведените членови од Законот, според Судот, не покренуват прашања за кои Уставниот суд, според цитираната уставна одредба би имал надлежност да одлучува. Ова од причини што Уставниот суд нема надлежност да ја цени примената на законот, туку само неговата согласност со Уставот, што тоа во случајов со иницијативата не се бара.
По однос на наводите истакнати во иницијативата дека во Законот не биле содржани одредби какви подносителот на иницијативата смета дека Законот треба да содржи, Судот оцени дека во овој случај постојат процесни пречки Уставниот суд да одлучува поради што иницијативата во овој дел, согласно алинеја 3 на членот 28 од Деловникот, Судот ја отфрли.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.21/2010
21 април 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски