У.бр.176/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 април 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008).

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на одредбата означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.176/2009 од 17 февруари 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

5. Судот на седницата утврди дека според членот 46 став 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009 и 130/2009), договор за вработување може да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години.

Според ставот 2 од овој член од Законот, договор за вработување на определено време за замена на привремено отсутен работник може да се склучи до враќање на привремено отсутниот работник.

Според ставот 3 од овој член од Законот, работниот однос заснован со договор за вработување на определено време, освен договорот за вработување за вршење на сезонска работа, се трансформира во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од ставот 1 на овој член, под услови и на начин утврдени со закон.

Со членот 31 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи е предвидено дека рокот од членот 46 се смета кај договори склучени по влегувањето во сила на овој закон.

6. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Законот за работните односи во членот 1 определил дека со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.

Законодавецот уште со донесувањето на овој закон во 2005 година го предвидел (со членот 46) правото на вработување на определено време со прекин или без прекин до четири години и правото, овој договорен однос да се трансформира во вработување на неопределено време, ако работникот продолжи да работи по истекот на рокот од четири години, под услови и на начин утврдени со закон.

Со измените и дополнувањата на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008 кој бил објавен на 27 август 2008 година кои влегле во сила на 5 септември 2008 година, членот 46 е изменет со погоренаведената содржина и како преодна одредба во истите измени на Законот е членот 31 кој утврдил дека рокот од членот 46 се смета кај договори склучени по влегувањето во сила на овој закон.

Судот од анализата на наведените законски одредби утврди дека уште со донесувањето на Законот за работните односи во 2005 година до неговите измени во Законот кој стапи на сила на 5 септември 2008 година, било регулирано правото на вработување на определено време, како и правото на негова трансформација во вработување на неопределено време, доколку истекол временски период од четири години на временото вработување и врз основа на овој законски основ се реализирала трансформацијата на работните односи.

Со законското решение во измените на Законот, влезени во сила од 5 септември 2008 година, исто така со членот 46, се предвидени и понатаму правото на вработување на определено време и правото на трансформација во неопределено време, меѓутоа е утврдено дека договорот за вработување можел да се склучи на определено време за вршење на исти работи, со прекин или без прекин до пет години и овој работен однос се трансформирал во работен однос на неопределено време, ако работникот продолжел да работи и по истекот на петте години, под услови и начин утврдени со закон.

Поаѓајќи од изнесеното Судот оцени дека после 5 септември 2008 година договорите за работни односи на определено време можат да се трансформираат во работни односи на неопределено време, само по истекот на петте години што е услов за тоа, меѓутоа овој рок се врзува единствено за договори склучени по 5 септември 2008 година.

За Судот неспорно е дека законскиот основ за правото на трансформација повторно е утврден и во изменетиот член 46 од Законот за работни односи. Меѓутоа, ова право со измените на Законот е резервирано само за идните договорни односи кои ќе настануваат по 5 септември 2008 година, бидејќи тоа е децидно уредено со преодната законска одредба од членот 31 според која: „рокот од членот 46 се смета кај договори склучени по влегувањето во сила на овој закон“.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека од 5 септември 2008 година е изменет членот 46 со кој се уредува правото на вработување на определено време и негова трансформација во вработување на неопределено време, но ова е поврзано со членот 31 од преодните одредби на измените на Законот со кои за да се оствари правото од членот 46 треба да постојат договори склучени по влегувањето во сила на овој закон, а со тоа правото е резервирано само за идните договорни односи склучени по 5 септември 2008 година.

Со преодната законска одредба од членот 31 од Законот не се дозволува правото на трансформација да се протега на започнатите работни односи договорени пред 5 септември 2008 година, за кои петте години ќе навршат после донесувањето на измените на Законот, односно правото на трансформација повеќе не важи за старите договори со кои работниот однос на определено време започнал да тече пред измените на Законот. Со ова се елиминира еден дел на работници да можат да го користат правото на трансформација на работниот однос од определено на неопределено време.

Од анализата на наведените одредби од Законот за работните односи, Судот утврди дека правото утврдено во членот 46 од Законот за работните односи еднакво се однесува на работниците со ист статус. Статусот на договорен работен однос на определено време да може да се трансформира во работен однос на неопределено време е право утврдено во Законот кој ги опфаќа еднакво сите под исти услови, имајќи притоа во предвид дека ист статус на договорен работен однос на определено време имаат и оние вработени кои склучиле договор пред и оние по 5 септември 2008 година. Статусот на вработен на определено време не е различен од оној кој е стекнат со договор пред или по 5 септември 2008 година, па оттука и не може тој да се разликува, во поглед на остварувањето на правото на трансформација уредено со членот 46 од Законот, туку вработените со овој статус треба еднакво да се третираат, меѓутоа оспорениот член 31 од Законот тоа го попречува. Со оглед на тоа Судот утврди дека членот 31 од наведениот закон не е во согласност со погоре наведените норми од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.176/2009
14 април 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски