Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 7 април 2010 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ УКИНУВААТ членот 131 став 4 во делот: „условите“, членот 154 алинеја 5 и членот 176 став 1 алинеја 4 во делот: „како и за кривично дело сторено во вршење или во врска со вршење на дејноста“ од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.165/2009 од 27 јануари 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на дел од членот 131 став 4, членот 154 алинеја 5 и дел од членот 176 став 1 алинеја 4 од Законот за социјалната заштита, означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со одредбите од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека, според содржината на член 131 став 4 од Законот, министерот со општ акт поблиску ги уредува условите, начинот и постапката за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните лица во установите за социјална заштита, висината на трошокот за издавање на лиценца, формата, содржината и образецот на лиценцата за работа.
Од оваа одредба делот: „условите“ беше ставен под сомнение по однос на неговата согласност со одредбите од Уставот.
Согласно членот 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.
Според член 91 алинеите 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот точно и прецизно се дефинирани и утврдени носителите на законодавната, извршната и судската власт и јасно е направена разлика во поделбата на власта, при што со Уставот не е допуштено мешање на една во друга власт, туку власта е поставена како структура на самостојни релативно поделени власти чии статус, надлежности и односи се утврдени и гарантирани со Уставот.
Од анализата на членовите 110, 129, 130 и 131 од Законот за социјалната заштита произлегува дека точно дефинирани високообразовани стручни работници можат да вршат стручна работа во установите за социјална заштита и тоа само доколку имаат лиценца за работа, согласно со наведениот закон. Организирањето и спроведувањето на облиците на едукација на стручните работници, изготвувањето на стандардите и нормативите за работа на кадрите, изготвувањето на методолошкото упатство за работа на стручните лица, според законските одредби е надлежност на Заводот за социјални дејности, кој се основа од Владата на Република Македонија и кој има статус на јавна установа.
Заводот, исто така е надлежен да дава и одзема лиценци за работа на стручните лица, да води регистар на издадени и одземени лиценци, да спроведува континуирана едукација и да врши проверка на стручното знаење. Истиот формира Комисија за лиценцирање која е составена од претставници на Заводот за социјални дејности, Министерството, Институт за социјална работа и социјална политика и други соодветни факултети и институции. Против одлуката на Комисијата за лиценцирање за издадена, односно одземена лиценца за работа може да се изјави жалба до министерот. Комисијата за лиценцирање носи свои акти како што се: Програма и Деловник за работа и Кодекс за стручните лица во установите за социјална заштита. Во останатите законски одредби не е содржано друго поблиско уредување по однос на условите за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните лица во установите за социјална заштита.
Имајќи ги во вид наведените уставни и законски одредби во корелација со содржината на оспорениот дел: „условите“ од членот 131 став 4 од Законот, според оцена на Судот, овластувањето на министерот со општ акт да ги уреди условите за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните лица во установите за социјална заштита, нема уставна и законска основа. Ваквата констатација се заснова, пред се врз фактот што во Законот не е содржано уредување по однос на тоа под кои услови стручните лица ја добиваат, односно под кои услови се одзема лиценца за работа, за колкав временски период се издава истата и под кои услови се продолжува. Според тоа, даденото овластување министерот со општ акт да ги уреди условите, за издавање, продолжување, обновување и одземање на лиценцата за работа на стручните лица во установите за социјална заштита, според оцена на Судот, значи навлегување во надлежност на законодавната власт.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорениот дел од членот 131 став 4 од Законот не е во согласност со членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5 и член 96 од Уставот на Република Македонија.
5. Судот на седницата утврди дека, според оспорениот член 154 алинеја 5 од Законот, во регистарот се впишува здружението, кое покрај условите предвидени со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите и членот 153 на овој закон, го исполнува и условот-да има потврда од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.
Од изнесените уставни одредби јасно произлегува дека Уставот го гарантира правото на работа, слободниот избор на вработување и го промовира принципот за достапност секому, под еднакви услови на секое работно место. Исто така, граѓаните се должни да плаќааат данок, при што, начинот на плаќање се уредува со закон, од каде секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување.
Според мислење на Судот, а поаѓајќи од наведената уставна одредба, содржината на оспорените член како и наводите од иницијативата, пропишувањето на условот во регистарот да се впише здружението, кое покрај условите предвидени со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите и членот 153 на овој закон, го исполнува и условот-да има потврда од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки излегува надвор од соодветните законски механизми. Тоа доведува до состојба исполнувањето на обврската на лицето од одреден статус да влијае на остварувањето на право од друг статус што е уставно недопуштено, а секако тоа води кон стеснување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека оспорениот член 154 алинеја 5 од Законот не е во согласност со член 32 став 2 и член 33 од Уставот.
6. Судот на седницата, исто така, утврди дека, според содржината на оспорениот член 176 став 1 алинеја 4 од Законот, дозволата на физичкото лице за самостојно вршење на работи од социјална заштита како професионална дејност престанува да важи по сила на закон, ако со правосилна судска пресуда е осуден за кривично дело на казна затвор над шест месеца или му е изречена санкција за забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и за кривично дело сторено во вршење или во врска со вршење на дејноста.
Од оваа одредба делот: „како и за кривично дело сторено во вршење или во врска со вршење на дејноста.“ беше ставен под сомнение по однос на неговата согласност со одредбите од Уставот.
Согласно членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според членот 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според став 3 на истиот член, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Со Амандманот XXV на Уставот се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија. Според наведениот Амандман, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Тргнувајќи од анализата на членовите 165 до 180 од Законот за социјалната заштита, произлегува дека законодавецот ги уредил условите под кои физичко лице може самостојно да врши работи од социјална заштита како професионална дејност, кои се однесуваат на советувалишна работа, домашна нега и помош на поединец и семејство и сместување лица во згрижувачко семејство. По повод поднесено барање за вршење на дејност, а врз основа на прибавените потребни мислења дозволата за вршење на работите ја издава министерот, по што лицето склучува договор со месно надлежниот центар за вршење на самостојната професионална дејност, во кој поблиску се уредуваат начинот, видот и обемот на услугите кои им се обезбедуваат на корисниците на социјалната заштита, упатени преку центарот. Според одредбите од Законот наведените лица, меѓу другото, (член 173 алинеја 2) се должни да ја почитуваат личноста на корисникот, неговото достоинство и неповредливоста на личниот и семејниот живот и да ја чуваат службената и професионалната тајна.
Дозволата на физичкото лице за самостојно вршење на социјалната заштита како професионална дејност престанува да важи по сила на закон поради децидно наведени причини, меѓу кои и поради причините од оспорената одредба, за што согласно член 176 став 2 од Законот министерот донесува решение за престанок на важење на дозволата, против кое е дозволена жалба до Комисијата на Владата, а конечното решение се доставува до Централниот регистар заради бришење од соодветниот регистар.
По однос на законското решение за престанување на важењето на дозволата на физичкото лице за самостојно вршење на работи од социјална заштита како професионална дејност поради кривично дело сторено во вршење или во врска со вршење на дејноста, Судот оцени, дека не се во согласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата. Имено, делот: „како и за кривично дело сторено во вршење или во врска со вршење на дејноста“ од членот 176 став 1 алинеја 4 од Законот, според оцена на Судот, преставува недоволно јасно, непрецизно нормирање, со недоволен опис за каков вид на кривично дело станува збор, каква казна треба да биде изречена и дали одземањето на дозволата треба да настане во судска постапка, со донесена правосилна пресуда во која ќе биде утврдено дека лицето сторило дело во врска со вршење на дејноста или одземањето на дозволата следува непосредно по извршување на делото.
Со оглед на тоа што означениот дел од одредбата не е доволно јасно нормиран и со него се предвидува правна последица на осудата што настапувала по сила на закон, што е недозволиво, бидејќи казнено-поправниот однос се исцрпува на релацијата на казнивото дело и судски изречената казна за неговиот сторител, а натамошни последици од неговото извршување, односно осудата кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се дозволени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот, Судот оцени дека не е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорениот дел од одредбата не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 13 став 1 и член 14, член 54 и Амандманот XXV на Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.165/2009
7 април 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски