Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 април 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 36 од Статутот на АД „Интермаркет“ Тетово, донесен на 14 декември 2008 година од Собранието на акционери на Акционерското друштво.
2. Адеми Ејуп од с.Челопек, општина Брвеница, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите од иницијативата, на 14 декември 2008 година било одржано Акционерско собрание на АД „Интермаркет“- Тетово на кое била извршена измена на одделни членови од Статутот на Друштвото и бил изготвен негов пречистен текст. Со направените измени и посебно со оспорениот член 36 од Статутот, било предвидено дека, одлуките на Собранието се донесуваат со двотретинско мнозинство од акциите со право на глас претставени во Собранието. Со вака донесениот Статут и оспорена одредба било целосно повредено правото на правна заштита на сопственоста и слободата на пазарот и претприемништвото, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Ова поради фактот што тој поседувал 56,554 % од вкупниот број на акции, но други тројца акционери кои поседувале 43,446% од акциите го довеле во прашање неговото поседување на мнозинство на акции и правото што тоа ги носи и го ставиле во позиција на зависност од малцинските акционери, со што директно се вршела мајоризација од страна на малцинските акционери кон мнозинскиот. Задолжителноста на донесувањето на одлуките со конзенсзус, според оспорената одредба, била спротивна на слободата на пазарот и претприемништвото и оневозможувала слободно користење на сопственоста и нејзина правна заштита.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на одредбите од Законот за трговските друштва, како и Статутот на Акционерското друштво за трговија и производство Интермаркет-Тетово бр.250/2005 од 12 јули 2005 година, Собранието на акционери на Друштвото, на седницата одржана на 14 декември 2008 година, донело пречистен текст на Статутот на АД „ Интермаркет “. Статутот содржи 132 членови систематизирани во посебни глави според материјата што се уредува со нив.
Во членот 36 од Статутот со наслов: „Мнозинство со кое се одлучува на Собаранието“ е предвидено дека, одлуките на Собранието се донесуваат со двотретинско (2/3) мнозинство од акциите со право на глас претставени во Собранието.“
4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, покрај другото, е надлежен да одлучува и за согласноста на прописите со Уставот и законите.
Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.
Во конкретниот случај, основ за донесување на Статутот на Друштвото е Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр.28/2004, 84/2005, 25/2007 и 87/2008). Во членот 3 став 1 од Статутот е определено дека, друштвото е правно лице со права, обврски и одговорности утврдени со закон и со овој статут.
Тргнувајќи од фактот дека со иницијативата се бара поведување на постапка за оценување на уставноста на статут на правно лице-трговско друштво, кој акт по својот карактер не е пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, затоа што не е донесен од орган на државната власт, ниту од организација или институција што врши јавни овластувања доверени со закон, туку е донесен од акционерско друштво и уредува прашања од интерен карактер на друштвото, ваквиот акт, според Судот не може да подлежи на уставно судско оценување.
Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, Судот оцени дека не е надлежен да одлучува за барањето во иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, иницијативата да се отфрли.
5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.35/2010
7 април 2010 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски