У.бр.169/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 април 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за забрана за поставување антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени и дислокација на веќе поставените во централното градско подрачје во Радовиш, број 07-991/1 од 29 мај 2009 година („Службен гласник на општина Радовиш“ број 10/2009), донесена од Советот на општина Радовиш.

2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива поднесена од Страхил Гавритов од Радовиш, со Решение У.бр.169/2009 од 3 февруари 2010 година поведе постапка за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со закон.

5. Судот на седницата утврди дека врз основа на членот 36 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија бр.5/2002) и членот 21 од Статутот на општината Радовиш, Советот на општина Радовиш на седница одржана на 29 мај 2009 година, донел Одлука за забрана за поставување антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени и дислокација на веќе поставените во централното градско подрачје во Радовиш.

Според членот 1 од оваа одлука, се забранува поставување антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени како и дислокација на веќе поставените антени во централното градско подрачје во Радовиш.

Со членот 2 од оваа одлука е утврдено дека таа треба да се достави до Министерството за транспорт и врски и Министерството за екологија и заштита на животната средина на Република Македонија за донесување решенија за дислокација на веќе поставените антени во централното градско подрачје и неиздавање на нови дозволи за поставување на истите.

Со членот 3 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Радовиш“.

6. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) во членот 36 ги определил надлежностите на советот на општината, во кои не е пропишана надлежност на советот да решава за поставувањето на телекомуникациони системи или да уредува со свои акти односи во врска со издавање на одобренија или забрани за поставување на антени и антенски столбови за мобилна телефонија и други намени, како што е тоа определено со оспорената одлука на Советот на општината Радовиш.

Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009), со одредбите во дел V„Одобрение за градење“, ги уредил прашањата за категоризација на градби каде телекомуникациските центри за прием на сателитски сигнали се градби од значење за Републиката и одобрение за градење издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, а електронските комуникациски мрежи и средства се во делот на градби од локално значење и одобрение за градење издава градоначалникот на општината односно градоначалниците на општините во градот Скопје. Имено, за овие градби не одлучува советот на општината, ниту тој има законско овластување со свои акти да ги уредува правата и обврските за поставување и користење на телекомуникациските градби и уреди.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со наведените закони.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2009
7 април 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски