173/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 24 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 19 став 3 и членот 20 став 1 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 2 став 1 алинеја 8 во делот: „катна гаража“, членот 19 став 2 во делот: „15 дена“, целината на членот 20 став 1, членот 22 ставови 1 и 2 во деловите: „конечноста“ и членот 38 став 1 во делот: „конечноста“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 20 ставови 2 до 11 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Фани Михајловска, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги цитира член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот и наведува дека во Уставот не било дефинирано што се подразбира под терминот „јавен интерес“, ниту пак биле определени критериумите врз основа на кои со закон ќе се утврдувало што преставува јавен интерес. Но, тоа сигурно не значело апсолутна слобода за законодавецот во утврдувањето на јавниот интерес, туку морало да постои граница, односно морале да постојат разумни и прифатливи причини што ја наметнувале потребата преку експропријација да се одземе правото на сопственост, а за оства-рување на јавниот интерес. Понатаму, се цитира содржината на членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008) и се наведува дека немало ниту разумна ниту прифатлива причина што ја наметнувала потребата, со експропријацијата да се навлезе во приватната сфера за да се изгради катна гаража, која била комерцијален објект, а тоа можело да се види преку конкретен пример. Имено, по предлог на Државниот правобранител, а за потребите на државата била поведена постапка за експропријација на сопствена куќа во Скопје, а експропријацијата се вршела за изградба на катна гаража, но изградбата на катна гаража не можела да биде потреба на државата за која требала да се изврши експропријацијата, што се гледало од членот 3 од Законот за експропријација. Дека конкретната експропријација не се вршела за потребите на државата се гледало и од фактот што градежната парцела на која била предвидена изградба на катна гаража, Министерството за транспорт и врски ќе ја дало на јавна продажба, што значело дека под закрила на “јавен интрес“, правото на сопственост ќе било одземено во интерес на економски моќни корисници за да се остварувал профит. Според тоа, со предвидувањето на изградба на катна гаража како јавен интрес сериозно се доведувала во прашање уставната гаранција на сопственоста.

Од содржината на овој дел од иницијативата, како и содржината на оспорената одредба, произлегува дека предмет на интерес на иницијативата всушност е членот 2 став 1 алинеја 8 во делот: „катна гаража“ од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр.33/1995, 20/1998, 40/1999, 31/2003, 46/2005-укинат, 10/2008 и 106/2008), кој е предмет на анализа во оваа постапка.

Подносителот на иницијативата, понатаму наведува дека Законот за експропријација не содржел потполна правна заштита на сопственикот на недвижноста која е предмет на експропријација, бидејќи во претходниот систем, кога Уставот на Социјалистичка Република Македонија не го гарантирал правото на сопственост, решенијата за експропријација, според тогашните закон, се извршувале кога ќе станеле правосилни, а тоа значело кога ќе ја поминеле и судската заштита. Денес, при состојба кога Уставот го гарантирал правото на сопственост и судската заштита на законитоста на поединечните акти што ги донесуваат државните органи, Законот за експропријација предвидувал одземањето на сопственоста да се изврши пред да стане решението правосилно, значи пред да биде искористена судската заштита, а во некои одредби се предвидувало корисникот на експропријацијата да се стекне со владение на недвижноста по донесување на првостепеното решение. Притоа, како причини не се наведувале само случаите на итност, туку и реализација на усвоен детален урбанистички план, реализација на годишна програма, утврдени рокови за градба и така натаму. Можело слободно да се каже дека од уставно загара-нтираното право на сопственост, во Законот имало сосем малку. Од наведените причини, подносителот на иницијативата бара Судот да поведе постапка и да ги поништи следните одредби:

– членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македо-нија“ бр.40/1999) и

– член 3 став 2 (затоа што предвидувал рок за тужба до Управниот суд различен од рокот предвиден во Законот за управните спорови, кој закон се донесувал со двотретинско мнозинство), и ставот 3, член 4, член 5 и член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008).

Од содржината на овој дел од иницијативата, како и содржината на оспорените одредби, јасно произлегува дека предмет на интерес на иницијативата всушност се членот 19 став 2 во делот: „15 дена“ и ставот 3, членот 20 во целина и посебно ставот 1 во делот: “конечноста”, членот 22 ставови 1 и 2 во деловите: „конечно-ста“ и членот 38 став 1 во делот: „конечноста“ од Законот за експро-пријација (“Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/1995, 20/1998, 40/1999, 31/2003, 46/2005-укинат, 10/2008 и 106/2008), кои се предмет на анализа во оваа постапка.

Со тоа што оспорените законски одредби не обезбе-дувале судска заштита на законитоста на решенијата за експропри-јација, подносителот на иницијативата, предлага, согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да се донесе решение за запирање на извршувањето на решенијата за експропријација.

5. Судот на седницата утврди дека, според членот 2 став 1 алинеја 8 од Законот за експропријација, јавен интерес утврден со овој закон е уредувањето, рационалното користење и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредување на животната средина и на природата со изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот, меѓу кои и катна гаража.

Според содржината на член 19 став 1 од Законот, против решението на органот за експропријација може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението до Комисија на Владата на Република Македонија.

Во ставот 2 од истиот член од Законот е предвидено дека, против решението од ставот 1 на овој член може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението. Според ставот 3 од членот 19 од Законот, тужбата не го одлага извршувањето на второстепеното решение.

Според содржината на член 20 став 1 од Законот, корисникот на експропријацијата се стекнува со владение врз експроприраната недвижност 8 дена од денот на постигнувањето на порамнувањето (спогодбата) од член 17 став 2 или на спогодбата од член 38 на овој закон, ако корисникот на експропријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со конечноста на решението од член 17 став 4 на овој закон.

Во оспорениот член 20 став 2 од Законот, беше предвидено дека по исклучок од став 1 на овој член, а по барање на корисникот на експропријацијата кога експропријацијата се врши врз основа на решение во случаи на итност произлезена од: природен настан (земјотрес, поплава, пожар); воени дејствија, терористички акти; реализација на усвоен детален урбанистички план; реализација на годишна програма во врска со планирањето, финансирањето, изградбата, реконструкцијата, одржувањето и заштита на магистра-лните, регионалните и локалните патишта, донесена согласно со Законот за јавни патишта од Владата на Република Македонија, Градот Скопје, односно соодветната општина; реализација на утврде-ната потреба за изградба на енергетски објекти во Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија, усвоена од Владата на Република Македонија согласно со Законот за енергетика; реализација на одлуки за определување на услови за градба на објекти согласно со Законот за просторно и урбанистичко планирање; реализација на одлуки за изградба на објекти и изведување на работи предвидени со актите за планирање на просторот, донесени согласно со овој закон и други закони со кои е утврдено постоењето на јавен интерес, органот за експропријација, може да одлучи недвижноста да се предаде во владение по донесување на првостепеното решение.

Ставовите 2, 3 и 4 од членот 20 од Законот за експро-пријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1995, 20/1998 и 40/1999) биле укинати со Одлука на Уставниот суд У.бр.200/1999 од 24 мај 2000 година. Ставот 5 од членот 20 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1995, 20/1998 и 40/1999) бил укинат со Одлука на Уставниот суд У.бр.115/2002 од 18 декември 2002 година.

Ставовите 6 до 11 од членот 20 од Законот, според нивната содржина не можат да се поврзат со прашањата што се покренуваат со иницијативата, од каде истите не се предмет на анализа во оваа постапка.

Во членот 4 од Закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008) е предвидено дека во членот 20 став 1 од Законот, бројот “15” се заменува со зборот “осум”, а зборот “правоси-лноста” се заменува со зборот “конечноста”. Со членот 5 е предви-дено дека во членот 22 ставови 1 и 2 од Законот, зборот “право-силноста” се заменува со зборот “конечноста”, а во членот 6 дека во членот 38 став 1 од Законот, зборот “правосилноста” се заменува со зборот “конечноста”.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Репу-блика Македонија, една од темелните вредности на уставниот поре-док на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.

Со член 30 од Уставот се гарантира правото на сопстве-ност и правото на наследување (став 1). Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои призлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3). Во случај на експро-пријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).

Во член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Од наведените уставни одредби произлегува дека сопственоста не може да се одземе или ограничи, освен ако за тоа постои јавен интерес кој задолжително се утврдува со закон и дека во случај на одземање и ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Притоа, ниту во членот 30, ни во било кој друг член од Уставот не е дефинирано што се подразбира под терминот „јавен интерес“ и врз основа на кои критериуми тој се утврдува со закон. Според тоа, оценката за тоа што е јавен интерес Уставот ја препуштил на законодавецот, така што во тој поглед законодавецот ужива дискреционо право до одреден степен, односно до степен таквата негова оценка/одлука да не е очигледно без разумна основа.

Во оваа смисла со Законот за експропријација е утврден јавниот интерес за експропријација на сопственоста и поблиску се определува за какви објекти или други потреби за државата, може да се врши експропријација. Законот не само што го определува видот на јавниот интерес туку и неговиот досег, односно степенот и видот на одземање или ограничување на сопственоста.

а) Во конкретниот случај подносителот на иницијативата го оспорува членот 2 став 1 алинеја 8 во делот: „катна гаража“ од Законот за експропријација од причини што смета дека немало ниту разумна ниту прифатлива причина што ја наметнувала потребата, со експропријацијата да се навлезе во приватната сфера за да се изгради катна гаража, која била комерцијален објект.

Според оцена на Судот, вака изнесените наводи се неосновани од причина што согласно член 2 став 1 од Законот за експропријација, јавен интерес утврден со овој закон е уредување, рационално користење и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата, со изградба на децидно наброени објекти, меѓу кои и на катни гаражи. Во таа смисла наведената одредба е операционализација на членот 30 став 3 од Уставот, според кој сопственоста и правата кои произлегуваат од неа можат да бидат одземени или ограничени само кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во членот 3 пак од Законот се определува за чии потреби се врши експропријацијата, па во таа смисла само државата за свои потреби, за потребите на јавните претпријатија основани од државата, јавните фондови, образова-нието, воспитанието, науката, културата, здравството, социјалната заштита и спортот кога дејноста се врши како јавна (државна ) служба, како и општината и градот Скопје – за потребите на единиците на локалната самоуправа и за потребите на јавните претпријатија и фондовите основани од општините, односно градот Скопје можат да вршат експрпријација за свои потреби. Тука треба да се има предвид дека Уставниот суд ја оценувал уставноста на членот 2 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1995 и 20/1998) и со Решение У.бр.15/1999 од 28 април 1999 година, не повел постапка за оценување на уставноста, бидејќи застанал на гледиште дека сопственоста може да се одземе или ограничи само кога за тоа постои јавен интерес, кој мора да биде утврден со закон, а работа е на државата преку законодавната политика да ги утврди објектите со чија изградба и изведување на работите се остварува тој интерес, поради што не го поставил прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за експропријација со член 30 од Уставот.

Експропријацијата, како присилна мерка, секогаш води кон навлегување во приватната сфера, со оглед на тоа што значи одземање на приватната сопственост за потребите на државата или општината и децидно цитираните органи во членот 3 од Законот, меѓутоа, уставно е неоправдано и правно е невозможно истата да се примени заради остварување на приватни потреби и цели. Ова од причина што членот 3 став 1 точка 3 од Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 33/1995, 20/1998, 40/1999 и 31/2003) во кој беше предвидено експропријацијата да може да се врши за потребите на правни и физички лица за изградба на објекти и изведување на други работи од јавен интерес, предвиден во член 2 од Законот, е укинат со интервентна одлука на Уставниот суд У.бр.200/2007 од од 11 февруари 2009 година. Според тоа, експро-пријацијата не може да се спроведува за потребите на правни и физички лица. Тука треба да се има предвид дека не е од значење на кој начин ќе се реализира целта на експропријацијата по законски спроведената постапка, туку е од значење во фазата на реализа-цијата на експроприраното добро, неминовно да дојде до изградба на објектот од јавен интерес, односно да се врши дејност од јавен интерес. Сето друго би значело злоупотреба на целта на експро-пријацијата, кое нешто, пак, би било спротивно на определбата на Уставот и Законот за експропријација. Од друга страна, оспорениот дел од одредбата, воопшто не се занимава со прашањето на кој начин, по спроведената постапка на експропријација, ќе се реализира целта на експропријацијата. Според тоа, со предвидувањето на изградба на катна гаража како јавен интрес не се доведува во прашање уставната гаранција на сопственоста.

Во позитивната законска регулатива, инаку, катната гаража е дефинирана како градба за паркирање на возила на повеќе нивоа (член 57 точка 4 од Законот за градење „Службен весник на Република Македонија“ бр.130/2009). Оттаму, изградбата на катните гаражи по својата суштина е изградба на објекти од јавен интерес од причина што со нив, за подолг временски период, се решаваат урбано-сообраќајни проблеми со паркирање на возилата, се овозможува подобар пристап до станбените, деловните и други објекти, се ослободуваат околните сообраќајници и површини што дотогаш се користеле за незаконско паркирање на возилата и се решава проблемот со недостиг на просторот за паркирање. Според тоа, комерцијалниот ефект од изградба на вакви објекти е спореден, наспроти она што се добива како современо урбано-сообраќајно решение. Дефинитивно, изградбата на катните гаражи како објекти од пред се урбано-сообраќајен карактер води кон уредување, рацио-нално користење и хуманизација на просторот што според членот 2 став 1 од Законот е дејност од јавен интерес.

Конечно од наводите во иницијативата се добива впечаток дека подносителот на иницијативата не ја согледува неуставноста на оспорениот дел во изградбата на катните гаражи воопшто, туку на изградбата на конкретна катна гаража, како и тоа дека не го покренува прашањето за неуставност на одредбата во делот: “јавни паркиралишта“, иако и тие како градби на ниво на теренот, исто како и катните гаражи, служат за истата намена-паркирање на возила.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека делот: “катна гаража“ од членот 2 став 1 алинеја 8 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

б) По однос на останатите оспорени одредби во иниција-тивата се содржани генерални наводи во насока дека Законот за експропријација не содржел потполна правна заштита на сопстве-никот на недвижноста која е предмет на експропријација, предвидувал одземањето на сопственоста да се изврши пред да стане решението правосилно, значи пред да биде искористена судската заштита, а во некои одредби се предвидувало корисникот на експропријацијата да се стекне со владение на недвижноста по донесување на првостепеното решение. Притоа, како причини не се наведувале само случаите на итност, туку и реализација на усвоен детален урбани-стички план, реализација на годишна програма, утврдени рокови за градба итн. Можело слободно да се каже дека од уставно загарантираното право на сопственост, во Законот имало сосем малку. По однос на делот: „15 дена“ од член 19 став 2 од Законот е содржан и еден конкретен навод во насока дека треба да се поништи бидејќи предвидувал рок за тужба до Управниот суд различен од рокот предвиден во Законот за управните спорови, кој закон се донесувал со двотретинско мнозинство. Во овој дел од иницијативата не се посочува на конкретни одредби од Уставот кои според подносителот на иницијативата се повредени со оспорените одредби, но од целината на иницијативата, Судот оцени дека се бара оцена на уставноста по однос на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

Тргнувајќи од анализата на членот 19 став 2 од Законот произлегува дека со него се предвидува право на тужба до Управниот суд во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението. Притоа, подносителот на иницијативата не го оспорува предвиденото право на тужба, туку само определениот рок од 15 дена за поднесување на тужбата, сметајќи дека истиот треба да изнесува 30 дена, како што било предвидено во Законот за управните спорови, кој е закон донесен со двотретинско мнозинство.

Членот 2 став 6 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија„ бр.62/2006) гласи: „Кога во управен спор се оспоруваат актите од овој член, во постапката се применуваат одредбите од овој закон, ако со друг закон поинаку не е предвидено.“ Во членот 20 став 1 од Законот, пак е предвидено дека, тужбата се поднесува во рок од 30 дена од денот на доставувањето на управниот акт до странката. Според тоа, самиот Закон за управните спорови во членот 2 став 6 прави исклучок од општото правило тужбата да се поднесува во рок од 30 дена и остава можност за поинакво утврдување на рокот за тужба, ако со друг закон истиот поинаку е определен, како што е случајот со членот 19 став 2 од Законот за управните спорови.

Од значење е и фактот што согласно член 68 став 1 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 69/2006-исправка) тужбата, исто така, се поднесува во рок од осум дена од денот на доставувањето на одлуката за прекршок, што е уште една потврда на исклучокот од општото правило за поднесување на тужбата во рок од 30 дена.

Според Судот законското решение од оспорениот член 19 став 2 од Законот е направено согласно со Амандманот XXV точка 1 став 4 од Уставот (со кој е заменет членот 98 од Уставот на Република Македонија) според кој видовите, надлежноста, основа-њето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници, од причина што Законот за управните спорови како закон донесен со двотре-тинско мнозинство оставил можност во други закони да се утврди поинаков рок за тужба од оној што е утврден во членот 20 став 1 од Законот, водејќи сметка дека пократки рокови за тужба во одредени случаи се потребни заради спецификата на конкретната управно-правна материја.

в) По однос на определбата на законодавецот тужбата да не го одлага извршувањето на второстепеното решение од оспорениот став 3 од членот 19 од Законот, Судот оцени дека со тоа може да се доведе во прашање не само гарантираното право на сопственост од членот 30 од Уставот, туку и гарантираното право на судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања од членот 50 став 2 од Уставот. Ова од причини што оспорената одредба дава можност за преминување на сопственоста кај корисникот на експропријацијата пред донесениот поединечен акт да ја помине фазата на судска заштита, односно пред да биде оценета неговата законитост и истото да стане правосилно, од каде ваквата определба на законодавецот, според Судот не преставува доволна гаранција за заштита на сопственоста и остварување на праведниот надомест за експроприраната недвижност.

Врз основа на наведеното пред Судот основано се постави прашањето за согласноса на оспорениот член 19 став 3 од Законот со член 30 став 1 и член 50 став 2 од Уставот.

Од анализата на оспорениот членот 20 став 1 од Законот произлегува дека во него се уредува проблематиката на стекнување со владение на експроприраната недвижност од страна на корисникот на експропријацијата и тоа во рок од 8 дена од денот на постигну-вањето на порамнувањето (спогодбата) од член 17 став 2 или на спогодбата од член 38 на овој закон, ако корисникот на експро-пријацијата и сопственикот на експроприраната недвижност поинаку не се договорат, односно со конечноста на решението од член 17 став 4 на овој закон.

Во членот 17 став 2 од Законот е предвидено дека, расправата може да заврши со порамнување (спогодба) за надомест. Според ставот 4 од истиот член од Законот, ако не се постигне спогодбата од став 2 на овој член, органот за експропријација во зависност од фактите и околностите утврдени во постапката ќе донесе решение по предлогот за експропријација.

Во членот 38 став 1 од Законот е предидено дека, корисникот на експропријацијата и поранешниот сопственик или носителот на други имотни права можат да постигнат спогодба до конечноста на решението за експропријација, а ако таква спогодба не се постигне органот за експропријација е должен во рок од осум дена по конечноста на решението за експропријација да закаже расправа заради спогодување за надоместот.

Според ставот 2 од членот 38 од Законот, ако по одржаната расправа за спогодување, не се постигне спогодба, органот за експропријација е должен во рок од осум дена по одржаната расправа предметот со сите списи да го достави до надлежниот суд.

Од анализата на оспорениот член 20 став 1 од Законот, посебно и како целина со член 17 став 2 и член 38 од Законот произлегува дека со нив се уредува предавање во владение на експроприраната недвижност за ситуации кога помеѓу корисникот на експропријацијата и сопственикот на експроприраното добро е постигнато порамнување, односно спогодба, што значи дека помеѓу нив се поситигнала согласност на волјите за сите спорни елементи од постапката за експропријација, поради што и не постои правна пречка владението на предметната недвижност да премине од сопственикот на експроприраното добро на корисникот на експропријацијата. Според тоа, Судот не наоѓа повреда на правото на сопственост во определбата на законодавецот за преминување на владението кај корисникот на недвижноста, кога тој и сопственикот на експро-прираната недвижност постигнале порамнување, односно спогодба за предметот на експропријација и висината и видот на надоместокот, која пак спогодба има својство на извршна исправа.

Втората ситуација од членот 20 став 1 од Законот се однесува на предавање во владение на експроприраното добро во случаите кога помеѓу учесниците во постапката нема да се постигне спогодба за надоместокот, во кој случај органот што ја спроведува експропријацијата носи одлука по однос на оправданоста на предлогот за експропријација и определува недвижноста да премине во владение на корисникот на експропријацијата по донесување на решение по предлогот за експропријација, односно пред целосно спроведена постапка за експропријација.

Тргнувајќи од гледиштето на Судот дека определбата на законодавецот за предавање на недвижноста во владение пред спроведена еспропријациона постапка ги повредува правата кои произлегуваат од член 30 од Уставот, изразено во Одлуката У.бр.200/1999 од 24 мај 2000 година со која, меѓу другото се укинати ставовите 2, 3 и 4 на член 20 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/95, 20/98 и 40/99), Уставниот суд оцени дека делот: „ односно со конечноста на решението од член 17 став 4 на овој закон.“ од членот 20 став 1 од Законот може да се стави под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и член 30 од Уставот. Имено, според Судот не може да се најде уставно оправдана и рационална потреба за преминувањето во владение на експроприраната недвижност од поранешниот сопственик кај корисникот на недвижноста во фаза кога органот кој ја спроведува постапката донел одлука само по однос на оправданоста на предлогот за експропријација, но законитоста на таквата негова одлука се уште не е потврдена од повисок орган и кога се уште постои правна можност за утврдување на неоснованост на предлогот за експропријација од страна на повисокиот орган или пак од надлежниот суд. Од друга страна, на овој начин ниту поранешниот сопственик, ниту корисникот на доброто не го остваруваат правото на сопственост во целост, бидејќи со ваквото законско решение поранешниот сопственик ги задржува правото на користење и правото на располагање со стварта, а кај корисникот на експрпријацијата преминува правото на владение.

Врз основа на наведеното пред Судот се постави прашањето за согласност на оспорениот дел од членот 20 став 1 од Законот со одредбите од Уставот.

г) Анализирајќи ги посебно член 22 ставови 1 и 2 и член 38 став 1 од Законот, од аспект на промена на изразот: “правосилност“ во изразот: “конечност“ произлегува дека законодавецот во овие одредби пристапил кон скратување на постапката за експропријација со поврзување на преземањето на одредени дејствија, наместо сметано од правосилноста, сметано од конечноста. Во таа смисла, учесниците во постапката можат да постигнат спогодба до конечноста на решението за експропријација, корисникот на експропријацијата може до конечноста на решението за експропријација да се откаже од предлогот на експропријација, а учесниците можат да бараат поништување на решението за експропријација веднаш по неговата конечност, ако тоа заеднички го бараат, што во крајна линија преставува и правен механизам за заштита од неоправдано одолго-влекување на постапката за експропријација.

Според тоа во промена на изразот: “правосилност“ во изразот: “конечност“ во членовите 20 став 1, 22 ставови 1 и 2 и 38 став 1 од Законот, Судот не утврди повреда на правото на сопстве-ност од членовите 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот.

д) Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување на истата.

По однос на останатите ставови (2 до 11) од член 20 од Законот Судот ја отфрли иницијативата, поради следново:

Наводот од иницијативата за неуставно одземање на сопственоста поради случаите на итност, реализација на усвоен детален урбанистички план, реализација на годишна програма, утврдени рокови за градба се заснова на цитирање на содржината член 20 став 2 од Законот, кој Уставниот суд го укинал. Поточно, ставовите 2, 3 и 4 од членот 20 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр. 33/1995, 20/1998 и 40/1999) биле укинати со Одлука на Уставниот суд У.бр.200/1999 од 24 мај 2000 година. Ставот 5 од членот 20 од Законот за експропријација (“Службен весник на Република Македонија” бр.33/1995, 20/1998 и 40/1999) бил укинат со Одлука на Уставниот суд У.бр.115/2002 од 18 декември 2002 година.

Според тоа подносителот на иницијативата оспорува одредби (член 20 ставови 2 до 5) што не се повеќе дел од правниот поредок, што преставува процесна пречка за постапување.

Истата пречка постои и по однос на ставовите 6 до 11 од членот 20 од Законот, бидејќи истите, според нивната содржина не можат да се поврзат со прашањата што се покренуваат со иницијативата.

Врз основа на наведеното Судот оцени дека не се исполнети деловничките услови од членот 27 од Деловникот, за донесување на решение за запирање на извршувањето на поеди-нечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби од Законот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението под точката 1 Судот го донесе со мнозинство гласови

У.бр.173/2009
24 март 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски