238/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 24 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
– член 129 став 2 во делот: „два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од нив“,
– член 134 став 1 во делот: „ два члена на Управниот Одбор или лице овластено од него“,
– член 135 став 3 во делот: „два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од нив“ и
– член 138 став 1 во делот: „два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од него“ од Колективниот договор на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија-Скопје, склучен помеѓу Синдикалната организација на ЕВН Македонија и Управниот Одбор на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија-Скопје под бр. бр.02-17694/1 од 10 декември 2008 година.

2. Александар Стевановиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на делови од повеќе одредби од Колективниот договор на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија-Скопје, означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со цитирање на оспорените, но и други одредби (член 140 став 2 и член 141) од Колективниот договор на ЕВН Македонија и се наведува дека со прво и површно читање на овие одредби можело да се заклучи дека со нив се вршела операционализација на уставната одредба од Амандманот XXI став 2 на Уставот, како и на член 86, член 93 став 1 и член 181 ставови 1 и 2 од Законот за работните односи, со кој се гарантирало правото на приговор-жалба против поединечните акти на Друштвото, донесени во прв степен, со кои се одлучува за правата, обврските и одгово-рностите на работниците. Меѓутоа, ако се анализирале подлабоко овие одредби ќе се заклучело дека истите биле неуставни и незаконити, бидејќи за правата, одговорностите и обврските на работниците одлучувале два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено од нив. Тоа, пак, значело дека одлучува колективен орган составен од два члена и тоа: два члена на Управниот Одбор на Друштвото, или други лица овластени од двата члена на Управниот Одбор на Друштвото. Со оспорените одредби била предвидена можност да одлучува и само едно лице овластено од двата члена на Управниот Одбор.

Притоа, во членовите 139 став 3, 140 став 1 и 141 став 1 од Колективниот договор, било предвидено дека, против одлуките донесени од наведените органи работникот имал право на приговор, по кој одлука донесувал Управниот Одбор, па се поставувало прашањето, дали тоа така било во практиката, односно дали цитираните одредби тоа го гарантирале?

Подносителот на иницијативата наведува дека според одредбите од Статутот на Друштвото, со друштвото управува Управен Одбор, кој е составен од три члена: претседател-генерален директор, заменик претседател, заменик генерален директор и еден член. Управниот Одбор работи ако се присутни повеќе од половина од вкупниот број на членови. Одлуките на Управниот Одбор се сметаат за донесени ако за нив гласале повеќе од половина од вкупниот број на членови на Управниот Одбор. Во случај на поделба на гласовите, гласот на претседателот на Управниот Одбор е одлучувачки. Оттаму, ако два члена на Управниот Одбор веќе одлу-чувале и донеле одлука во прв степен во врска со правата, обврските и одговорностите на работникот, а Управниот Одбор брои вкупно три члена, основано се поставувало прашањето дали истиот, кога ќе одлучува по приговорот во втор степен ќе можел со успех да ја изврши својата контролна функција над актите донесени во прв степен во врска со правата, обврските и одговорностите на работниците. Од изнесеното, со сигурност можело да се извлече правен заклучок дека и во прв и во втор степен одлучува ист орган (Управен Одбор на Друштвото) кое нешто се однесувало и на случајот кога одлучувало овластено, или овластени лица и во двата степени, бидејќи тоа, односно тие лица ги овластиле двата члена на Управниот Одбор. Според тоа, оспорените одредби не го обезбедувале правото на жалба-приговор, односно двостепеност на постапката на ниво на работодавач, кое право се гарантирало со одредбите од Уставот и Законот за работните односи.

Исто така, од анлизата на оспорените одредби можело да се заклучи дека биле непрецизни, произволни, бидејќи немале прецизна регулатива за начинот на донесување на одлуките од двата членови на Управниот Одбор и на овластените лица, не бил определен бројот на лицата на кои ќе можело да им биде пренесено овластувањето за одлучување во прв степен и со кое мнозинство ќе работат и ќе се донесуваат одлуките и слично.

Поради наведеното, а и поради необезбедената двосте-пеност при одлучувањето се повредувало начелото на владеењето на правото содржано во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Воедно, биле повредени и член 9, член 51 ставови 1, 2 и 3 од Уставот, Амандманот XXI на Уставот, како и на член 86, член 93 и член 181 од Законот за работните односи.

3. Судот на седницата утврди дека, според воведната реченица на член 129 став 2 од Колективниот договор, одлуката за откажување на договорот за вработување ја донесуваат два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од нив.

Според член 134 став 1 од Договорот, со писмен налог на два члена на Управниот Одбор или лице овластено од него, работникот може да се отстрани од работа се до донесување на одлуката за откажување на договорот за вработување, особено ако:

1. со своето присуство го загрозува животот и здравјето на работниците или други лица или ги оштетува средствата од поголема вредност;
2. неговото присуство штетно се одразува врз работењето на Друштвото;
3. неговото присуство го оневозможува утврдувањето на повредата на работните обврски и
4. против него е покрената кривична постапка за кривично дело сторено на работа или во врска со работата.

Според член 135 став 3 од Договорот, одлуката за изрекување парична казна ја донесуваат два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од него.

Според член 138 став 1 од Договорот, за правата, обврските и одговорностите на работникот во прв степен одлучуваат два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од нив, освен во случаите кога со закон и другите акти на Друштвото не е поинаку определено.

Воведната реченица од членот 129 став 2, членот 134 став 1, членот 135 став 3 и членот 138 став 1 од Договорот се оспоруваат во скоро идентичен дел кој гласи: „ два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од него/нив.“

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно Амандманот XXI со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Членот 86 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“бр. 62/2005,106/2008 и 161/2008, 130/2009 и 149/2009) е со наслов: „Надлежен орган за изрекување на отказ на договорот за вработување и на парична казна“. Во него е предвидено дека, одлуката за откажување на договорот за врабо-тување и за изрекување на парична казна ја донесува работодавачот или од него овластениот работник.

Членот 93 од истиот закон е со наслов: „ Приговор против одлука за откажување на договорот за вработување со отказен рок“. Во ставот 1 од овој член од Законот е предвидено дека, против одлуката за отказ на договорот за вработување со отказен рок рабо-тникот има право на приговор до органот на управување, односно работодавачот.

Членот 181 од Законот е со наслов: „Остварување на правата кај работодавачот и судска заштита“. Според ставот 1 од оваа одредба од Законот, ако работникот смета дека работодавачот не му ги обезбедува правата од работниот однос или крши кое било од неговите права од работниот однос има право да поднесе писмено барање до работодавачот кршењето да го отстрани, односно да ја исполни својата обврска. Според ставот 2 од истиот член од Законот, ако работникот смета дека со писмена одлука на работодавачот е прекршено неговото право, има право во рок од осум дена од врачувањето на одлуката со која било прекршено правото, да бара од работодавачот, истото да го отстрани.

Во конкретниот случај, со оспорените одредби од Коле-ктивниот договор не се предвидува поднесување на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државна управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања како што предвидува Амандманот XXI на Уставот, туку се уредува дека одлуките за: откажување на договорот за врабо-тување, за отстранување од работа се до донесување на одлуката за откажување на договорот за вработување, за изрекување на парична казна, како и воопшто за правата, обврските и одговорностите на работникот во прв степен ги донесуваат два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од нив/него. Оспо-рените делови од одредбите, како и нивната целина воопшто не се однесуваат на уредување на правото на приговор против донесените одлуки.

Приговорот е специфично правно средство што се вложува, меѓу другото и во случаите кога вработените не се согласуваат со донесената одлука во врска со нивните права, обврски и одговорности што ги имаат кај конкретен работодавец. Притоа, ова правно средство остава можност за внатрешно решавање на настанатата состојба и одбегнување на натамошно водење на судска или управна постапка, доколку по повод приговорот доносителот на актот против кој се вложува приговорот согледа дека повредил нечии права. Значи, не станува збор за заштита на права во постапка пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања, туку станува збор за заштита на права, обврски и одговорности што произлегуваат од работен однос. Притоа, не се задира во правото на вработениот на судска заштита доколку е незадоволен од одлуката донесена по повод приговорот.

Според тоа, оспорените делови од одредбите на Колективниот договор не можат да се доведат во корелација со содржината на Амандманот XXI на Уставот.

Во Колективниот договор правото на приговор е уредено во членовите 139, 140 и 141.

Според членот 139 од Договорот, против одлуката донесена во прв степен во врска со неговите права, обврски и одговорности, работникот има право да поднесе приговор до органот кој одлучува во втор степен (став 1). По приговорот на работникот во втор степен одлучува Комисија за заштита на правата (став 2). По приговорот на работникот донесен против одлуката за откажување на договорот за вработување одлучува Управниот Одбор на Друштвото (став 3).

Според член 140 од Договорот, против одлуката за откажување на договорот за вработување без отказен рок донесена во прв степен работникот има право на приговор до Управниот Одбор на Друштвото (став 1). Управниот Одбор на Друштвото е должен да донесе одлука во рок од осум дена од денот на поднесување на приговорот (став 4). Кога не е донесена одлука по приговорот во рокот од став 4 од овој член или кога работникот не е задоволен со одлуката донесена по приговорот, има право да поведе спор пред надлежниот суд (став 5).

Според член 141 од Договорот, против одлуката за откажување на договорот за вработување со отказен рок донесена во прв степен работникот има право на пригвор до Управниот Одбор на Друштвото (став 1). Ставовите 4 и 5 од членот 141 од Договорот се идентични по содржина со цитираните ставови 4 и 5 од членот 140.

Одредбите од Статутот бр.02-11105/1 од 20 ноември 2007 година, на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија-Скопје ги уредуваат, помеѓу другото и прашањата поврзани со составот и надлежностите на органите што одлучуваат за правата, обврските и одговорностите на работникот во прв и втор степен.

Според член 14 од Статутот, со Друштвото управува Управен Одбор кој се состои од 3 членови. Членовите на Управниот Одбор ги избира Надзорниот Одбор.

Според член 19 точка 15 од Статутот, сите членови на Управниот Одбор ги водат и ги вршат работите од надлежност на Управниот Одбор, а особено одлучува за приговорите за заштита на правата на работниците во случаите утврдени со закон.

Во членот 22 од Статутот е определено дека, одлуките на Управниот Одбор се сметаат за донесени ако за нив гласале повеќе од половина од вкупниот број членови на Управниот Одбор, присутни на состанокот. Во случај на поделба на гласовите, гласот на Претседателот на Управниот Одбор е одлучувачки.

Во членот 24 од Статутот е определено дека, Друштвото го застапуваат двајца членови на Управниот Одбор колективно (Генерални Директори) или еден член на Управниот Одбор (Генерален Директор) заедно со едно лице на кое му е дадено генерално полномошно („прокурист“) именуван од Надзорниот Одбор.

Во членот 25 точка 11 од Статутот е определено дека генералните директори, помеѓу другото, имаат надлежност да одлучуваат во прв степен за поединечните права, обврски и одгово-рности на вработените.

Тргнувајќи од анализата на член 86, член 93 и член 181 од Законот за работните односи произлегува дека во нив е определено дека одлуката за откажување на договорот за вработување и за изрекување на парична казна ја донесува работодавачот или од него овластениот работник; против одлуката за отказ на договорот за вработување со отказен рок работникот има право на приговор до органот на управување, односно работодавачот, како и тоа дека работникот кој смета дека со писмена одлука на работодавачот е прекршено неговото право има право да бара од работодавачот да го отстрани прекршувањето на неговото право.

Со оглед на тоа што во оспорените одредби се предви-дува за правата, обврските и одговорностите на работникот во прв степен да одлучуваат два члена на Управниот Одбор на Друштвото или друго лице/а овластено/и од нив/него произлегува дека оспоре-ните делови на одредбите се во согласност со членот 86 од Законот за работните односи кој определува дека одлуката за откажување на договорот за вработување и за изрекување на парична казна ја донесува работодавачот или од него овластениот работник. Против вака донесената одлука, според останатите одредбите на Коле-ктивниот договор и Статутот работникот има право на приговор на начин како што е определено во членовите 93 и 181 од Законот.

Имајќи предвид дека станува збор за право на приговор против одлуки донесени во врска со работниот однос на вработените во ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија-Скопје, а не за право на жалба против поединечни правни акти донесени во управна постапка во прв степен што се води пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, кои, пак, се уредуваат со закон, Судот оцени дека оспорените делови од одредбите не можат да се доведат во релација и да се подведат под сомнение по однос на нивната согласноста со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како и со Амандамнот XXI на Уставот на Република Македонија.

Имајќи предвид дека оспорените делови од одредбите на Колективниот договор, посебно и како целина со останатите цитирани одредби од Договорот го уредуваат правото на приговор на рабо-тниците и органот кој одлучува по приговорот на начин како што е предвидено во посочените одредби од Законот за работните односи произлегува дека не може да се покрене и прашањето за нивната несогласност со наведениот закон.

Во контекст на сето наведено, а имајќи предвид и тоа што во членот 32 став 5 од Уставот е предвидено остварувањето на правата на вработените и нивната положба да се уредуваат со закон и со колективни договори произлегува дека е право на работодавачот врз основа на Законот за работните односи и соодветниот колективен договор да се определи дали тој или од него овластено лице ќе одлучува по повод поднесен приговор на работникот, како и да определи кој ќе одлучува во второстепената постапка со цел преку ова специфично правно средство да се остави можност за внатрешно решавање на настанатата состојба и одбегнување на натамошно водење на судска или управна постапка.

Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека оспорените делови од одредбите на Колективниот договор, се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 ставови 1, 2 и 3 од Уставот, Амандманот XXI став 2 на Уставот, како и со член 86, член 93 и член 181 од Законот за работните односи.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.238/2009
24 март 2010 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски