208/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 19 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32, член 51, член 52 став 4 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот. Ова затоа што обврската што им се наметнувала само на соработниците вработени во научните установи не била пропорционална мерка со целите за кои била утврдена, со оглед дека преставувала прекумерно ограничување на нивните права и слободи, а истовремено претставувала загрозување на нивната правна сигурност, како елемент на владењето на правото, ако се имало предвид и последицата што оваа категорија на вработени ќе ја трпат доколку во утврдениот рок не бидат избрани или нема да се стекнат со соодветното научно звање.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 19 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за научно истражувачката дејност соработниците вработени во научните установи кои до денот на влегувањето во сила на овој закон имаат стекнато научен степен магистер, доколку до 15 септември 2013 година не бидат избрани во научно звање им престанува работниот однос, а според став 2, соработниците вработени во научните установи кои до денот на влегувањето во сила на овој закон немаат стекнато научен степен магистер доколку до 15 септемвври 2015 година не бидат избрани во научно звање, им престанува работниот однос.

4. Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок е утврден принципот на владеењето на правото.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 2 од овој член од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, додека според ставот 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Согласно член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на вонредна состојба според одредба на Уставот.

Според член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и два автентично толкување на законите.

Поаѓајќи од наведеното, неспорно е дека Собранието на Република Македонија како носител на законодавнста власт може да донесува закон за сите области на општеството, што значи, меѓу другото и за уредување на прашања и односи поврзани со научно истражувачката дејност.

Со Законот за научно истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2008 и 103/2008) се уредуваат начелата, целите, јавниот интерес, остварувањето на научно истражувачката дејност, субјектите на научно истражувачката дејност и начинот на финансирање на научно истражувачката дејност (член 1 став 1).

Научно-истражувачката дејност ги опфаќа фундаменталните и применетите истражувања чии резулти содржат изворност / оригиналност, а се насочени кон проширување и унапредување на дејноста и на вкупните знаења (член 2 точка 1).
Јавниот интерес во научно истражувачка дејност преставуваат истражувања кои се: придонес за развој на научната мисла и подигање на научното ниво на сите подрачја, полиња и области на науката, придонес за трансфер на светските знаења, технологии и вештини, општ услов за вкупниот развој на Република Македонија од областа на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ како и граѓаните кои живеат во нејзините гранки кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошначкиот народ и другите што живеат во Република Македонија (член 5).

Јавниот интерес во научно-истражувачката дејност претставува и оспособувањето и усовршувањето на кадрите за научно истражувачка работа, како и подобрување и осовременување на научно истражувачката инфраструктура која е во функција на остварување на истражувањето од став 1 на член 5 .

Во Главата IX „Истржувачи “ во Законот е определено кои лица односно истражувачи можат да вршат научно истражувачка работа во субјектите на научно истражувачката дејност или поточно речено според Законот за научно истражувачка дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2008) истражувач се избира во научни и соработнички звања. Научни звања се: научен соработник, виш научен соработник и научен советник, а соработнички звања беа: помлад асистент – истражувач и асистент – истражувач (член 35).

Понатаму во одредбите од членовите 36 до 45 од наведениот закон се уредени прашања кои се однесуваат на: постапката за избор во научни и во соработнички звања, засновање на работен однос на лицата избрани во научни односно соработнички звања, роковите за кои се врши изборот во научни односно соработнички звања, избор во звање по истекот на рокот за кои е извршен изборот, предвремен избор во повисоко звање, лица кои не се избрани во звањата како и предвремен престанок на изборот во научно и соработничко звање.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачката дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008), истражувачка дејност можат да ја вршат само истражувачи избрани во научни звања поради што во целиот закон односно во сите негови одредби каде се спомнуваат соработнички звања тие се избришани.

Понатаму, во измените на Законот по членот 45 се додава нов член 45-а, според кој на факултет односно научните установи од редот на студентите на студии од трет циклус преку јавен конкурс можат да се избираат соработници – истражувачи за потребите на научно истражувачката дејност и наставно-образовниот процес при што условите и начинот на избор на соработници истражувачи и нивните права и обврски се утврдуваат со статутот на универзитетот односно научната установа, а меѓусебните права и обврски се уредуваат со договор.

Оваа одредба согласно членот 18 од измените на Законот ќе се применува од 15 септември 2011 година.

Од анализата на членот 19 од измените на Законот кој е оспорен со иницијативата произлегува дека со него законодавецот предвидел преоден режим, односно период во кој соработниците вработени во научните установи кои до денот на влегување во сила на законот имаат стекнато научен степен магистер и соработниците вработени во научните установи кои до денот на влегување во сила на законот немаат стекнато научен степен магистер во суштина треба во определен период (2013 – 2015) да се стекнат со научен степен докторант и да бидат избрани во научно звање. Доколку, пак, овие лица не бидат избрани во научно звање работниот однос им престанува.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за научно истражувачката дејност, а посебно на оспорениот член, како и наводите од иницијативата, Судот оцени дека тие не се основани од причина што научно истражувачката дејност како дејност од јавен интерес се реализира и преку оспособување и усовршување на кадри за научно истражувачка дејност што ја вршат лица избрани во научни звања, што лицата избрани во научни звања и лицата избрани во соработнички звања, пред измените на Законот засновале работен однос на определено време од 5 односно 3 години и по протек на времето за кое биле избрани тие повторно подлежат на избор, односно реизбор при што доколку не бидат избрани им престанува работниот однос.

Според тоа, а поаѓајќи од фактот што според Законот, научно истражувачката дејност можат да ја вршат само лица избрани во научни звања, а не и лица избрани во соработнички звања, Судот оцени дека со оспореното законско решение од член 19 се дава можност на постојните и идните магистри во определен период да се стекнат со повисок научен степен докторант и да бидат избрани во научно звање, а доколку не бидат избрани им престанува работниот однос, на кој начин не се доведува во прашање начелото на еднаквост, правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото и другите одредби од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.Ова дотолку повеќе, што и лицата кои веќе имаат стекнато звање докторант ,а не бидат избрани повторно по протекот на времето за кое се избрани или поради други причини утврдени во законот им престанува работниот однос.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.208/2009
24 март 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски