Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членот 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 03 март 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 145, 146, 147 и 148 од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005, 19/2007 и 103/2008).
2. ДПТЦУ “ИСКРА 99” ДОО Кичево, Младен Китаноски и Нада Китаноска од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, на подносителите им било изготвено решение за наплата на такса, во кое не било од значење дали поседуваат радио или ТВ приемник во својство на правно лице и врз основа на истото им биле одземани средства од трансакциската сметка, бидејќи истото имало карактер на извршна исправа, иако благовремено поднеле жалба. Подносителите на иницијативата во дополнението на иницијативата наведуваат дека оспорената одредба на членот 145 од Законот била спротивна на уставното начело на владеењето на правото и претставувала владеење на апсолутизам и неправда и истата била вперена кон тоа по секоја цена да се полнат касите на грбот на граѓаните или фирмите кои едвај егзистираат. Оспорената одредба на членот 147 од Законот дозволувала на МРТ да врши пресметување, наплатување и насочување на средствата од радиодифузната такса на корисниците без претходно да биде извршен увид во просториите на правното лице и кај сопствениците на деловниот простор и со записник да било утврдено кои апарати истите ги поседувале. Понатаму, поставуваат прашање како можело некој да си земе за право да им ја испразни трансакциската сметка, ако правното лице не поседувало вакви апарати и ако не примиле лично никакво решение со право на жалба, заради што сметаат дека им било повредено правото на заштита на сопственоста од член 8 алинеја 6 и член 30 став 1 од Уставот, а воедно биле повредени и член 8 став 1 алинеи 3, член 51 и член 54 став 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со оспорниот член член 145 од Законот се определува дека средствата за покривање на трошоците за создавање и емитување на програмите и за техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, за одржување, употреба и развој на јавната радиодифузна мрежа, за регулирање и развој на радиодифузната дејност во Република Македонија, се обезбедуваат од радиодифузна такса. За пости-гнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис можат да се издвојуваат средства и од Буџетот на Република Македонија. Радиодифузната такса е јавна давачка. Од средствата на радиоди-фузната такса се финансират следниве корисници: ЈП Македонска радио-телевизија, ЈП Македонска радиодифузија и Советот за радио дифузија.
Според член 146 од Законот радиодифузна такса плаќа: секое семејно домаќинство во Република Македонија; хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби; правни лица и сопственици на деловен простор, на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор; по една радиодифузна такса и сопственици на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса. Владата на Република Македонија на предлог на Советот за радиодифузија ќе определи кои обврзници од ставот 1 на овој член во населени места што не се покриени со радиодифузни сигнали нема да плаќаат радиодифузна такса. Семејно домаќинство кое има слепо лице со оштетување на видот од над 90% и глуво лице со оштетување на слухот од над 60 децибели утврдено согласно со прописите за инвалидско осигурување е ослободено од плаќање на радиодифузна такса за станот во кој живее неговото семејно домаќинство.
Со членот 147 од Законот се уредува дека: работите во врска со пресметувањето, наплатувањето и насочувањето на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, како и водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, ги врши МРТ. Исто така, МРТ врз основа на регистарот на обврзници на радиодфузна такса донесува решение кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за извршување, за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи. Обврзникот е должен радиодифузната такса да ја плаќа месечно најдоцна до 15 во месецот, во спротивно за секое задоцнување се плаќа камата утврдена со закон. Наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон.
Според член 148 од Законот радиодифузната такса се плаќа секој месец во износ од 130 денари. Износот се менува еднаш годишно во зависност од висината на трошоците на живот за претходната година објавен од Државениот завод за статистика. Корисниците кои поседуваат само радиоприемник плаќаат една третина од утврдениот износ на радиодифузната такса од ставот 1 на овој член.
4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уста-вниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал.
Имајќи го во вид фактот дека Уставниот суд со Решение У.бр.153/2006 од 13 декември 2006 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 146 став 1 во целина и посебно на алинејата 3 од истиот член, како и на членот 147 став 2 во делот: „за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи“ од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005) и со Решение У.бр. 191/2009 од 10 февруари 2010 година, не повел постапка за оценување на уставноста на членовите 145 и 148 во целина од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Репу-блика Македонија“ бр.100/2005,19/2007 и 103/2008), поради тоа што Судот се произнел по прашањата кои повторно се покренувале со оваа иницијатива и оценил дека во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување по однос на оспорените одредби.
Во наведените постапки Судот изразил став дека радиодифузната такса се определува како јавна давачка, која е уставна категорија, бидејќи истовремено биле утврдени и обврзни-ците, основицата, висината и начинот на плаќање на оваа јавна давачка, поради што сметал дека оспорените одредби биле во согласност со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки на начин утврден со закон.
Судот, ги оценил како неосновани наводите дека граѓаните двапати ја плаќале радиодифузната такса, прво како физички лица и второ како правни лица или сопственици на деловен простор во случај кога едно исто физичко лице е основач на правно лице. Судот утврдил дека не постоела нееднаквост помеѓу физичките и правните лица, бидејќи нивниот статус е различен, тие во однос на правата, обврските и должностите не можат да се изедначуваат, односно во тој поглед не може да се стави знак на еднаквост помеѓу овие две категории на субјекти на правото. Од друга страна, со оглед на тоа што членот 9 од Уставот се однесува за еднаквоста само на граѓаните, а не и за правните лица, според Судот, ваквите и слични наводи во иницијтивите, не можело да претставуваат основ за изразување на сомневање во согласноста на оспорените одредби со член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.
Судот оценил дека обврската за плаќање на радиоди-фузната такса настанувала независно од тоа дали се користела или не услугата, при што не бил запазен принципот на еквивалентност во давањето што важел за облигационо правните односи и за другите јавни давачки. Судот, исто така, утврдил дека радиодифузната такса всушност била јавно правен, а не облигационо-правен однос. Судот изразил став дека висината на радиодифузната такса не ја утврдувала МРТ, туку истото било во надлежност на законодавецот, така што Собранието на Република Македонија во Законот за радиодифузната дејност ја определува висината на јавната давачка, во кој се дадени и критериумите за нејзино определување.
Со оглед на тоа што оспорените одредби од Решение У.бр.153/2006 од 13 декември 2006 година и Решение У.бр.191/2009 од 10 февруари 2010 година и во предметната иницијатива се оспоруваат од истите причини, Судот оцени дека во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради постоење на res judicata.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски , д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.78/2009
03 март 2010 година
С к о п ј е
мдш
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски