5/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 11 од Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија“ бр.34/2006, 126/2006 и 84/2007).

2. Радован Србиноски од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот 11 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 11 став 1 од Законот е определено дека одлуките во стечајната постапка се донесуваат во форма на решение и заклучок. Според ставот 2 од овој член од Законот, со заклучокот се издава налог на службено лице или на орган на стечајната постапка за вршење одделни дејства, а за сите други случаи Судот одлучува со решение, ако со овој закон поинаку не е определено.

Според наводите во иницијативата, членот 11 од Законот не бил во согласност со преамбулата на Уставот на Република Македонија, како и со членот 8 алинеја 3 и членот 50 од Уставот, меѓутоа, во иницијативата не се изнесени аргументи за несогласноста на оспорениот член од Законот со Уставот. Со оглед на тоа, а имајќи го предвид и фактот дека во иницијативата не се наведени причини во што се состоело ограничувањето или повредата на уставните права поради кои подносителот со иницијативата бара Судот да покрене постапка за оспорување на уставноста на одредбата од Законот и во иницијативата се изнесени само податоци за конкретен предмет од стечајната постапка во која иницијаторот учествувал, Судот оцени дека согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија се настапени условите за отфрлање на иницијативата, поради постоење на процесни пречки за одлучување.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.5/2010
17 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски