139/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Населба „Тафталиџе 1“ северен дел, општина Карпош-Скопје, бр.07-906/1 од 7 јуни 2005 година („Службен гласник на град Скопје“ бр.6/2005 од 20 јуни 2005 година), донесена од Советот на општина Карпош.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот за поведување на постапка за оценување на согласноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на Република Македонија“ број 2/2002 и 50/2003) и со Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ број 2/2002).

3. Велко Коцев од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одлука била донесена во неправилно спроведена постапка спротивно на одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и спротивно на членот 8 и членот 30 од Уставот, кои се однесуваат на заштита на сопственоста во правниот поредок. Имено, според наводите во иницијативата, оспорениот Детален урбанистички план не бил донесен во согласност со членот 5 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, со оглед на тоа што тој не бил изработен на основа на валидни и ажурирани геодетски подлоги туку на основата на авионски скици од 1978 година на кои до денес во целост не била вцртана реалната, постојна состојба на урбаното подрачје на терен, а со тоа и планирањето со Деталниот урбанистички план не било технички изработено на ажурирани геодетски подлоги. Со тоа Планот бил изработен на штета на имотните интереси на сопствениците на терен.

Во иницијативата, понатаму, се наведува дека во Извештајот за стручната расправа и јавната анкета на општината, по повод јавното излагање на Деталниот урбанистички план – Тафталиџе 1, северен дел, немало образложение зошто не биле прифатени забелешките од анкетните листови кои ги пополниле граѓаните, туку едноставно било констатирано дека не се прифаќале, што било спротивно на членот 18 став 3 и став 4 од Законот.

Во останатиот дел иницијативата се занимава со аспекти на несогласноста на Планот кој е донесен со оспорената одлука, со подзаконските акти, и тоа со Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и начинот и постапката за донесување на просторните и урбанистичките планови и Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Карпош донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за населба „Тафталиџе 1“ северен дел, број 07-906/1 од 7 јуни 2005 година која е објавена во „Службен гласник на град Скопје“ бр.6/2005“.

Во членот 1 од Одлуката е утврдено дека се донесува предметниот план, а во членот 2 е определен опфатот на подрачјето кое се планира со дефинирани граници на локалитетот.

Во членот 3 од Одлуката е определено дека Планот е изготвен со документациона основа за урбаното подрачје и планиран развој во рамки на Генералниот урбанистички план од 2002 година и просторот се однесува на индивидуални и заеднички стамбени објекти лоцирани долж булеварот „Партизански одреди“. Со планот се одредени максималната висина на објектите, регулационите линии и градежните линии.

Со членот 4 од Одлуката е утврдено дека Планот содржи планиран развој, документациона основа и графички дел, кои се опишани поодделно во оваа одредба од Одлуката.

Според членот 5, составен дел од оваа Одлука се текстуален дел, графички прилози, основни параметри за уредување на просторот и табеларен приказ на урбанистичките параметри.

Со одредбите од членовите 6, 7 и 8 од Одлуката е определено дека Планот се заверува со печат на Советот и потпис на Претседателот на Советот на општината, одделението за урбанизам на општината Карпош во рок од 60 дена од донесувањето на Планот ќе обезбеди комплетна документација за негова реализација и Планот се чува во одделението за урбанизам во општина Карпош.

Според членот 9 оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на град Скопје“.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009) влегол во сила и се применува од 1 јули 2005 година кога престанал да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002).

Постапката за донесување на оспорената Одлука започнала и се водела, а Одлуката била донесена во време на важењето на претходниот Закон за просторно и урбанистичко планирање.

Според член 2 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урба-нистички план.

Деталниот урбанистички план, според членот 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според став 2 од истата одредба, опфатот на урбаниот блок за кој се изработува детален урбанистички план може да изнесува максимум 30 хектари, а минималниот опфат зависи од големината на урбаниот модул опре-делен со сообраќајници, водотеци и слично, со максимално почитување на постојната состојба, доколку е во согласност со Генералниот урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пони-ско ниво мора да биде усогласен со Генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на Деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите прет-ставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета. Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според членот 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Според членот 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа односно јавната анкета, се врши стручна ревизија. Стручна-та ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Според членот 22 ставовите 6 и 7 и членот 23 од овој Закон, урбанистчките планови се донесуваат по издавањето согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Согласно цитираните законски одредби и од доказите во постапката на донесувањето на Деталниот урбанистички план за населба „Тафталиџе 1“ северен дел во општина Карпош, Судот утврди дека:

а) Нацрт-планот бил изработен од ДОО „ИН-ПУМА“ – Скопје со тех. број 143/2001 од јануари 2004 година и била извршена стручна ревизија на Нацрт-Планот од страна на АД „ЗУМ“ – Скопје во февруари 2004 година, како и Министерството за транспорт и врски се произнело со стручно мислење број 13-4190 од 7 мај 2004 година во однос на Нацрт-Планот дека бил во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, со Правилникот за облиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ број 2/2002), со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот („Службен весник на Република Македонија“ бр.2/2002 и 50/2003) и со Правилникот за стандарди и нормативи за проектирање на објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 69/1999, 102/2000 и 2/2002). Доставено е и стручно мислење од Главниот градски архитект на 27февруари 2004 година и одговор од изработувачот на Нацрт-Планот.

б) Градоначалникот на општината Карпош донел Одлука број 08-1337/1од 27 мај 2004 година за организирање на јавна анкета по Нацртот на Планот и дал соопштение објавено во весникот „Дневник“ на 9 јуни 2004 година во кое се известувале граѓаните за траењето на јавната анкета по Нацрт-планот во тек на 15 дена од денот на објавувањето на соопштението и можноста да извршат увид во изложениот план во Месната заедница „Тафталиџе 1“ и да достават писмени забелешки на анкетни листови.

Од Извештајот на работното тело на општината број 16-226/1 од 10 февруари 2005 година, за јавната анкета по Нацрт-Планот спроведена во период од 9 до 23 јуни 2004 година, произлегува дека биле доставени 47 анкетни листови со приговори на граѓаните за содржините на Нацрт-Планот, од кои 16 биле прифатени, а 31 биле одбиени. Во Извештајот се содржани поединечни образложенија од кои причини приговорите на граѓаните не биле прифатени, меѓу кои е содржан и одговорот од кои причини не бил прифатен приговорот на анкетниот лист доставен и од подносителот на иницијативата. Конкретно, во извештајот е одговорено дека приговорот од анкетниот лист на подносителот на иницијативата не се прифаќал поради тоа што: „при решавањето на Деталниот урбанистички план водено е сметка за парцелацијата која постоела и во претходниот Детален урбанистички план, но и за новите моменти како што е денационализација на одредени парцели и можност за предвидување површина за градба“.

Министерството за транспорт и врски дало согласност број 13-1328 од 21 февруари 2005 година на Предлог Деталниот урбанистички план за Населба „Тафталиџе 1“ северен дел, општина Карпош, по што била донесена оспорената одлука за донесување на Планот.

Тргнувајќи од правната и фактичката состојба Судот оцени дека постапката за донесување на предметниот план била спроведена во согласност со одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање кој важел во времето на спроведувањето на постапката. Оценувајќи ја оспорената одлука по однос на нејзината согласност со одредбите на Законот, кои ја уредувале постапката за донесување на Планот, произлегува дека надлежните органи ги запазиле сите фази на постапката и немало пропусти во постапката во делот на изготвениот Извештај за спроведената јавна анкета на Нацрт-Планот на што се однесуваат дел од наводите во иницијативата, при што треба да се има предвид дека Судот не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорената Одлука со подзаконските акти односно правилниците на кои се повикува подносителот во иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.139/2009
17 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски