191/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 49 став 2 алинеја 8 од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005, 19/2007 и 103/2008).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на: член 2 став 1 алинеја 1, член 6, член 11, член 12, член 13, член 18, член 19, член 38, член 54, член 145, и член 148 од Законот означен во точка 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите 146 и 147 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Панче Докузов адвокат од Штип и Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот за радиодифузната дејност означен во точката 1 од ова решение и за секоја од нив се содржани причините за нивното оспорување.

5. Судот на седницата утврди дека според член 49 став 2 алинеја 8 од Законот, кон пријавите, кандидатите, меѓу другото, ја доставуваат следнава документација и податоци: документ од надлежните институции за платени даноци и за бонитетот на подносителот.

Според наводите во иницијативата пропишувањето на еден ваков ограничувачки фактор, односно услов, значело пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми, поради што се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 32 ставовите 1 и 2, член 33 и член 51 од Уставот на Република Македонија.

Според член 32 ставовите 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Согласно член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јаввни давачки и да учествува во намирувањето на јаввните расходи на начин утврден со закон.

Според член 3 став 1 од Законот, радиодифузната дејност е емитување и пренос на радио и/или телевизиски програмски сервиси независно од техничките средства за пренесување, во кодиран или некодиран облик, наменети за прием од страна на јавноста.

Во член 41 од Законот се уредува дека дозволата за вршење радиодифузна дејност се издава за емитување и пренос на одреден радио или телевизиски програмски сервис независно од техничките средства за пренос под услови, на начин и по постапка утврдени со овој закон (став 1). Забрането е вршење на радиодифузна дејност без дозвола (став 2).

Според член 43 став 1 од Законот, за издавање дозвола Советот за радиодифузија распишува конкурс.

Имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и наводите во иницијативата, според Судот, со оспорената одредба се оневозможува на кандидатите за доделување дозволи за вршење на радиодифузна дејност да учествуваат на конкурсот доколку не биле платени даноците.

Тргнувајќи од тоа дека секој има уставна обврска да ги намирува јавните давачки и дека во рамките на начинот на плаќање на јавната давачка постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот оцени дека пропишувањето на овој ограничувачки услов, значи пречекорување на дозволениот праг и излегување надвор од соодветните законски механизми. Ваквото ограничување на можноста за јавување на конкурост за добивање дозвола за вршење на радиодифузна дејност води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено, како и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 49 став 2 алинеја 8 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот.

6. Законот за радиодифузната дејност ги уредува условите и начинот на вршење на радиодифузната дејност и работите од јавен интерес во областа на радиодифузијата (став 1).

Во членот 2 од овој закон законодавецот ја утврдува целта на овој закон.

Оспорениот член 2 став 1 алинеја 1 од Законот предвидува дека, меѓу другото, целта на овој закон е да обезбеди слобода на изразување во радиодуфзната дејност во согласност со Уставот на Република Македонија и со меѓународните договори што ги ратификувала и кон кои пристапила Република Македонија.

Со иницијативата на Панче Докузов се оспорува членот 2 став 1 алинеја 1 од Законот, од причини што одредбата била во спротивност со Амандманот XXV од Уставот, бидејќи сите меѓународни договори кои ги има ратификувано и кон кои Република Македонија има пристапено, според иницијативата, не значело дека истите биле во согласност со Уставот. Имено, за да оспорената одредба биде во духот на уставното начело, според подносителот на иницијативата, законодавецот требало да нагласи дека слободата на изразување во радиодифузната дејност требало да биде во согласност со Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани врз основа на Уставот.

Според Амандман XXV од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.

Забранети се вонредни судови.

Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од анализата на оспорениот дел на членот 2 од Законот, а во корелација со наводите содржани во иницијативата, Судот оцени дека наведениот Амандман XXV од Уставот, нема допирни точки со оспорената одредба од причини што истиот го регулира прашањето за независноста и самостојноста на судската власт, а оспорената одредба се однесува, односно ја уредува целта на Законот. Оттука, во недостаток на други причини за оспорување на уставноста на оваа одредба од Законот, истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината уставност, односно согласност со Амандман XXV од Уставот.

7. Со оспорениот член 6 од Законот за радиодифузната дејност е предвидено дека радиодифузна дејност може да врши радиодифузер под услови и на начин утврдени со овој и друг закон.

Според наводите во иницијативата наведеното законско решение во членот 6, било спротивно со начелото на владеењето на правото акцептирано во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи давањето можност вршењето на радиодифузната дејност да се врши и со други закони, оставало простор за анархија и неодговорно работење во оваа дејност.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Во членот 7 од Законот за радиодифузната дејност е предвидено дека радиодифузер може да биде јавно радиодифузно претпријатие, трговско радиодифузно друштво и непрофитна радиодифузна установа.

Според член 8 од истиот Закон, јавно радиодифузно претпријатие се основа за целата територија на Република Македонија и врши функција на јавен радиодифузен сервис (став 1). Јавното радиодифузно претпријатие од ставот 1 на овој член работи на начин и под услови утврдени со овој закон (став 2).

Согласно член 9 од Законот, трговско радиодифузно друштво можат да основаат правни и физички лица под услови утврдени со овој и друг закон.

Членот 10 од Законот, предвидува дека образовни, културни и други установи и здруженија на граѓани можат да основаат непрофитна радиодифузна установа со цел да се задоволат потребите и интересите на специфични целни групи (став 1). Повеќе субјекти од ставот 1 на овој член можат да добијат дозвола за емитување на програма на една фреквенција по принципот на поделба на времето на емитување (тајм-шеринг) (став 2).

Оспорената одредба на членот 6 од Законот, е поместена во Глава II со наслов „Радиодифузери“. Од анализата на истата, а во корелација со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според Судот во таа одредба, а во контекст на останатите одредби од Законот, не станува збор за повреда на принципот на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причини што, оспорениот член се однесува на радиодуфузери кои можат, како такви да бидат утврдени со овој и со друг закон, ако се има во вид фактот дека радиодифузер може да биде и правно или физичко лице, кои се регистрираат согласно одредбите и од други закони.

Членот 1 од Законот, на кој се укажува во иницијативата, и со кој, според подносителот на иницијативата, се предизвикувала анархија во оваа област, според мислењето на Судот ги регулира, односно уредува условите и начинот на вршењето на радиодфузната дејност. Оттука, овие два члена во Законот уредуваат два сосема различни институти: 1) радиодифузна дејност и 2) радиодифузери, според што е сосема логичен различниот начин на уредување на истите. Од овие причини не можат да се прифатат наводите во иницијативата дека оспорената одредба од Законот не била во согласност со Уставот.

8. Со членот 11 од Законот е утврдено дека политички партии, државни органи, органи на државната управа, јавни претпријатија, единици на локална самоуправа, носители на јавни функции и членови на нивните семејства, не можат да вршат радиодифузна дејност ниту да бидат основачи, соосновачи или да стекнуваат учество во сопственоста на радиодифузерите.

Во членот 12 од Законот се утврдува дека радиодифузерот може да започне со вршење на радиодифузната дејност по добивање на дозвола за вршење на радиодифузна дејност. Јавното радиодифузно претпријатие дозволата за вршење радиодифузна дејност ја добива со овој закон.

Според член 13 од Законот, за обезбедување на разновидноста на понудата на програмските сервиси и зашттита на плурализмот на сопственоста на медиумите се утврдува постоење на недозволена медиумска концентрација.
Недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, се смета дека постои кога радиодифузер:

– учествува во основачкиот капитал на друг радиодифузер спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон;
– учествува во основачки капитал на друштвото од областа на печатот кое издава дневен весник или на новинска агенција;
– учествува во основачкиот капитал на друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или друштво за телекомуникациски услуги;
– истовремено емитува радио и телевизиска програма освен за субјектот кој врши јавен радиодуфузен сервис;
– истовремено емитува радио и/или телевизиска програма и издава дневен весник што се дистрибуира на подрачјето на кое се емитува радио и/или телевизиската програма и
– истовремено емитува радио и/или телевизиска програма и се занимава со дејност на новинска агенција, друштво за спроведување активности и истрага и обезбедување, друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или на друштво за телекомуникациски услуги.

Недозволена медиумска концентрација, во смисла на овој закон, се смета дека постои и кога како основачи на радиодифузери се јавуват физички или правни лица кои се истовремено:

– основачи на други радиодифузери спротивно на одредбите од членот 14 на овој закон;
– основачи на друштво од областа на печатот кое издава дневен весник што се дистрибуира на подрачјето на кое се емитува радио и/или телевизиската програма;
– основачи на новинска агенција;
– основачи на друштво за реклама и пропаганда, друштво за истражување на пазарот и јавното мислење, друштво за спроведување активности на истрага и обезбедување, друштво за дистрибуција на аудиовизуелни дела, друштво за филмска продукција или на друштво за телекомуникациски услуги и
– поврзани лица во смисла на одредбите од овој закон.

Со членот 18 од Законот е утврдено:

„Поврзани лица, во смисла на овој закон, се лицата кои се меѓусебно поврзани преку управување, капитал или на друг начин и кога тие поради таквата поврзаност заеднички ја креираат деловната политика, односно дејствуваат на координиран начин заради остварување заеднички цели, или кога едно лице има можност да насочува или значајно да влијае врз друго лице при одлучувањето за деловното работење или за програмскиот концепт на радиодифузерот.

Како поврзани лица се сметаат:

– членовите на семејството (родители, деца, браќа и сестри, посвојувачи и посвоени деца);
– лица во брачната или вонбрачната заедница;
– членовите на потесното семејство на брачниот другар;
– имателите на удели во сопственоста, односно на други права врз чија основа учествуваат во управувањето на радиодифузерот, со најмалку 25% од гласачките права;
– лицата кои кај два радиодфузера имаат вкупен удел во сопственоста, односно други права врз чија основа учествуваат во управувањето кај секоја од нив со најмалку 25% од гласачките права;
– лицата кои со маркетиншки или друг вид договор за деловна соработка, во една година остваруваат повеќе од 30% од приходите од рекламирање, телешопинг и спонзорство на радиодифузер и
– лицата кои се членови на управниот или надзорниот одбор во радиодифузер, како и лицата кои се сметаат за повразни со членовите на управниот или надзорниот одбор на организацијата, на начин кој е утврден со овој член“.

Сите овие одредби од Законот со иницијативата се оспоруваат од причина што истите биле во спротивност со член 55 од Уставот на Република Македонија. Имено, забраната на единиците на локалната самоуправа и на членови на пошироко семејство да не можат да вршат радиодифузна дејност, да бидат основачи и соосновачи на радиодифузер била во спротивност со наводната неспојливост-ин копатибилност на инвестирањето во радиодифузер. Со лимитирање на правата на правните и физичките лица со оспорените одредби од Законот се повредувал член 55 од Уставот на Република Македонија.

Во член 8 став 1 алинеи 7 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е утврдена и слободата на пазарот и претприемништвото.

Основите на економските односи се регулирани во точката 4 од Глава II од Уставот, во која е содржан членот 55, каде се предвидува дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Од наведените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото неможе да се сфати во апсолутна смисла на зборот и дека таа не е само работа на субјектите на пазарот, туку и државата како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството. Имено, државата како регулатор на економската политика е должна да води сметка и за почитување на другите темелни вредности на економскиот и политичкиот систем на државата.

Според Судот, целта на законодавецот во оспорените членови 11, 12, 13 и 18 од Законот, не била да се ограничи вршењето на дејноста како една од основните економски права на субјектите на пазарот, туку државата како гарант на економската и политичката стабилност да врши ограничување на вршењето на радиодифузната дејност заради исполнување на целта на законот, а тоа е: слобода на изразувањето во радиодифузната дејност во согласност со Уставот на Република Македонија и со меѓународните договори што ги ратификувала и кон кои пристапила Република Македонија, заштита на интересите на корисниците, постигнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, образовниот и научниот развој: поттикнување на развој на творештвото, јазикот и традициите во радиодфиузната дејност, унапредување и поттикнување на конкуренцијата и развој на радиодифузната дејност.

Тргнувајќи од наведените причини, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на наведените оспорени членови со член 55 од Уставот на Република Македонија.

9. Во член 19 од Законот се предвидува дека странско физичко или правно лице може да основа или да учествува во сопственоста на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон што важат за домашните физички или правни лица.

Според наводите во иницијативата овој член од Законот бил во спротивност со член 59 од Уставот бидејќи им давал можност на странските физички и правни лица да можат да основаат или да учествуваат во сопственост на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон. Имено, според иницијативата, правото на домашните инвеститори се намалувало во однос на вложениот капитал и истото требало да важи и за странските инвеститори, поради што основано се поставувало прашањето за согласност на оспорената одредба со членот 59 од Уставот.

Согласно член 59 од Уставот, на странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивката (став 1). Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или друг пропис (став 2).

Радиодифузер, според член 4 став 1 точка 1 од Законот, е правно или физичко лице кое има уреднички одговорности при составување на програмите на радиото, односно телевизиските програмски сервиси наменети за прием од страна на јавноста која ја пренесува или за него ја пренесуваат трети лица во целост и неизменета.

Условите за издавање на дозвола за вршење на радиодифузна дејност, која е дефинирана во член 3 од Законот, се предвидени во Глава V од Законот, со наслов: „Дозвола за вршење радиодифузна дејност“ и тие се однесуваат подеднакво за сите учесници на конкурсот без оглед дали станува збор за домашни правни и физички лица или за странски правни и физички лица.

Од анализата на оспорениот член 19 од Законот, според Судот, воопшто не може да стане збор за намалување на вложениот капитал, на што во иницијативата се укажува, туку оваа одредба го утврдува правото на странско физичко или правно лице да основа или да учествува во сопственоста на домашен радиодифузер под истите услови утврдени со овој закон што важат и за домашните физички или правни лица. Оттука, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 19 од Законот со член 59 од Уставот.

10. Според член 38 од Законот, доколку Советот за радиодифузија во вршењето на работите од својата надлежност констатира непочитување на одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон, како и на условите утврдени со дозволата за вршење на радиодифузна дејност на радиодифузерот може да му изрече една од следниве мерки:

– писмена опомена,
– писмена опомена со барање за објавување,
– времена забрана за рекламирање и телешопинг од еден до седум дена и
– времена забрана за емитување на програмскиот сервис за период од најмногу три месеца,

Мерката писмена опомена се изрекува во случај на која било сторена повреда од ставот 1 на овој член.

Мерката писмена опомена со барање за објавување се изрекува во случај кога радиодифузерот и покрај писмената опомена, продолжува со вршење на истата повреда за која му е изречена писмената опомена.
Мерката времена забрана за рекламирање и телешопинг од еден до седум дена се изрекува во случај на повреда на одредбите од главите VI или VII на овој закон.
Мерката за времена забрана за емитување на програмскиот сервис за период од најмногу три месеца се изрекува во случај кога радиодифузерот и покрај времената забрана за рекламирање и телешопинг, продолжува со вршење на истата повреда за која му е изречена времената забрана за рекламирање и телешопинг.
Мерката времена забрана за емитување на програмскиот сервис за период од најмногу три месеца може да се изрече како прва мерка на повреда од членот 20 ставови 1 и 2, членот 69 и членот 70 на овој закон.
Со одлуката со која се изрекуваат мерките од ставот 1 на овој член се утврдува и рокот кој не може да биде пократок од седум и не подолг од десет дена во кој треба да се отстранат сторените повреди со непочитување на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и условите утврдени со дозволата за вршење на радиодифузната дејност.
Против одлуката од ставот 7 на овој член може да се поднесе тужба до надлежниот суд во рок од 15 дена од денот на добивањето на одлуката. Постапката пред надлежниот суд е итна. Тужбата не го одлага извршувањето на одлуката.
Мерките од ставот 1 алинеи 1 и 2 на овој член го исклучуваат покренувањето на прекршочна постапка во случај на отстранување на повредите заради кои се изречени.

Според наводите во иницијативата ова законско решение се косело со поделбата на државната власт на законодавна, изршна и судска, односно истата била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, бидејќи со истата имало директен атак и мешање во ингеренциите на судската власт.

Согласно член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Оспорениот член 38 од Законот е поместен во Глава IV, со наслов „Совет за радиодифузија“.

Според член 21 од овој закон Советот за радиодифузија е независно регулаторно непрофитно тело со јавни овластувања во радиодфузната дејност утврдени во овој закон.
Советот има својство на правно лице.
Советот за радиодифузија при остварувањето на своите надлежности, утврдени со овој закон, се грижи за обезбедување на слободата и плурализмот на изразувањето, за постоење на разновидни, независни и самостојни медиуми, економски и технолошки развој на дејноста и за заштита на интересите на граѓаните во радиодфузната дејност.
Седиштето на Советот за радиодифузија е во Скопје.

Според член 23 од Законот, Советот за радиодифузија е составен од девет члена. Членовите на Советот за радиодифузија ги избира и разрешува Собранието на Република Македонија.

Според член 37 од Законот за радиодуфзната дејност, Советот за радиодифузија ги врши следниве работи:
1) ја спроведува стратегијата за развој на радиодифузната дејност во Република Македонија,
2) одучува за доделување, одземање и обновување на дозволите за вршење радиодфузна дејност,
3) ги координира активностите со Агенцијата за електронски комуникации при донесување на Планот за доделување и користење на радиофреквенции во делот што се однесува на радиодифузијата,
4) врши надзор врз работата на субјектите кои вршат радиодифузна дејност од аспект на почитувањето на одредбите на овој закон, дозволата за вршење радиодифузна дејност и актите на Советот за радиодифузија, што се однесуваат на програмските содржини,
5) донесува одлуки, правила, заклучоци, упатства, препораки и други акти, утврдува ставови и предлози за спроведување на Законот за радиодифузната дејност,
6) го информира органот надлежен за заштита на авторските и сродните права кога се сомнева дека е сторена повреда на авторски и сродни права за кои поседува докази,
7) разгледува претставки од граѓаните во врска со радио и телевизиските програми и програмските сервиси реемитувани преку јавните комуникациски мрежи и во врска со работата на радиодифузерите и редовно ја известува јавноста во врска со преземените мерки,

8) презема мерки пропишани со закон против радиодифузерите што не ги извршуваат своите обврски утврдени со закон, дозволата за вршење радиодифузна дејност и актите на Советот за радиодифузија,
9) дава мислење и учествува при подготвувањето на закон, прописи и други акти што се однесуваат на радиодфузната дејност, како и при склучувањето, односно пристапувањето на Република Македонија кон меѓународни договори од областа на радиодифузијата и го обезбедува нивното спроведување,
10) одобрува листа на настани од посебен интерес за јавноста на Република Македонија и презема мерки за заштита на правото на пристап на јавноста до овие настани, за да се оневозможи некој радиодфузер, со добивањето исклучиво право на пренос на настанот, да лиши значителен дел од населението од можноста да го следи настанот,
11) донесува акти за организација и систематизација на работите и задачите на стручната служба,
12) издава потврди за изршена регистрација на радио и телевизиски програмски сервиси што се реемитуваат преку јавна комуникациска мрежа,
13) донесува и спроведува мерки утврдени со овој закон, поднесува прекршочни и кривични пријави и врши други работи предвидени со овој или друг закон и
14) врши други работи утврдени со овој закон.

За вршење на работите од ставот 1 на овој член органите на државната управа, државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа, институциите основани со закон и радиодифузерите се должни на барање на Советот за радиодифузија да му доставуваат потребни документи, податоци и информации.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби, како и од содржината на оспорениот член, Судот го прифати тврдењето во иницијтивата дека оспорениот член 38 од Законот бил во спротивност со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот. Ова од причина што со законското решение предвидено во член 38 од Законот не се врши атак на судската власт, од причина што во случајов станува збор за преземање односно донесување на мерки кои се во рамките на надлежностите на Советот за радиодфузија, како независно регулаторно непрофитно тело со јавни овластувања во радиодифузната дејност утврдени во овој закон. Имено, од анализата на наведените одредби од Законот за радиодифузната дејност како и од целината на Законот, произлегува дека Советот за радиодифузија е надлежен за спроведување на Законот за радиодифузна дејност.

Јавните овластувања на телата и органите произлегуваат од Уставот на Република Македонија, па аналогно на тоа, ги има овие овластувања со Законот за радиодифузна дејност.

Во однос на положбата на регулаторните тела, воопшто, Судот оцени дека Уставот на Република Македонија не содржи одредби кои директно се однесуваат на регулаторните тела, за разлика од одредбите кои се однесуват на органите на државната управа. Уставната основа за постоењето на регулаторните тела може индиректно да се изведе од одредбите на Амандман XX од Уставот, според кој за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, како и од Амандман XXI, според кој правото на жалба или друг вид на правна заштита на поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација или друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Имајќи предвид дека регулаторните тела, како што е Советот за радиодифузија, вршат јавни овластувања определени со закон, произлегува дека овие уставни одредби се однесуваат и на регулаторните тела, па така со Амандман XX на регулаторните тела им се дадени овластувања и да изрекуваат санкции, во случајов мерки, што всушност претставува еден од начините на кој тие ја остваруваат својата функција на контрола заради примена на законите и другите прописи од нивната надлежност.

Според Судот, аргументите истакнати погоре се однесуваат и за оспорениот член 54 од Законот во кој е утврдено дека учесниците на конкурсот кои не се задоволни од одлуката имаат право во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето да поднесат тужба до надлежниот суд. Постапката пред надлежниот суд е итна.

Тргнувајќи од наведените причини пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените членови 38 и 54 од Законот со член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот.

11.Според член 145 од Законот средствата за покривање на трошоците за создавање и емитување на програмите и за техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, за одржување, употреба и развој на јавната радиодифузна мрежа, за регулирање и развој на радиодифузната дејност во Република Македонија, се обезбедуваат од радиодифузна такса.

За постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис можат да се издвојуваат средства и од Буџетот на Република Македонија.

Радиодифузната такса е јавна давачка.

Од средствата на радиодифузната такса се финансират следниве корисници:

– ЈП Македонска радио-телевизија,
– ЈП Македонска радиодифузија и
– Советот за радио дифузија“.

Според член 146 од Законот, радиодифузна такса плаќа:

1. секое семејно домаќинство во Република Македонија,
2. хотели и мотели, по една радиодифузна такса за секои пет соби,
3. правни лица и сопственици на деловен простор, на секои 20 вработени или други лица кои го користат деловниот простор, по една радиодифузна такса и
4. сопственици на угостителски и други јавни објекти опремени со радио или телевизиски приемник, за секој приемник плаќаат по една радиодифузна такса.
Владата на Република Македонија на предлог на Советот за радиодифузија ќе определи кои обврзници од ставот 1 на овој член во населени места што не се покриени со радиодифузни сигнали нема да плаќаат радиодифузна такса.
Семејно домаќинство кое има слепо лице со оштетување на видот од над 90% и глуво лице со оштетување на слухот од над 60 децибели утвврдено согласно со прописите за инвалидско осигурување е ослободен од плаќање на радиодифузна такса за станот во кој живее неговото семејно домаќинство“.

Според член 147 од Законот, работите во врска со пресметувањето, наплатувањето и насочувањето на средствата од радиодифузната такса на корисниците од членот 146 на овој закон, како и водењето на регистарот на обврзници за плаќање на радиодифузна такса, ги врши МРТ.
МРТ врз основа на регистарот на обврзници на радиодфузна такса донесува решение кое има карактер на извршна исправа согласно со Законот за ивршување, за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи. Обврзникот е должен радиодифузната такса да ја плаќа месечно најдоцна до 15 во месецот, во спротивно за секое задоцнување се плаќа камата утврдена со закон. Наплатата се врши на сметка на МРТ која уплатените средства ги насочува на корисниците наведени во членот 145 на овој закон, во износи утврдени во членот 149 на овој закон“.

Според член 148 од Законот, радиодифузната такса се плаќа секој месец во износ од 130 денари. Износот се менува еднаш годишно во зависност од висината на трошоците на живот за претходната година објавен од Државениот завод за статистика.

Корисниците кои поседуваат само радиоприемник плаќаат една третина од утврдениот износ на радиодифузната такса од ставот 1 на овој член.

Според наводите во иницијативата со оспорените членови од Законот се повредувал принципот на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, принципот на поделба на државната власт – член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот и применувањето на еднаква правна положба на субјектите на пазарот предвидена во член 55 од Уставот.

Според наводите во иницијативата на Панче Докузов, радиодифузната такса не можело да биде јавна давачка, од причина што јавната давачка не подразбирала противуслуга. Со оспорените членови на Законот се продолжувал режимот на водење на селективна и непринципиелна социјална политика на начин што Законот предвидувал секое домаќинство кое има слепо лице со оштетен вид од 90% и оштетен слух од 60 децибели да се ослободи од плаќање на такса, што значело дека поради овие инвалидизирани лица останатите членови од семејството бесплатно ќе гледале ТВ односно немаат обврска да плаќаат радиодифузна такса. На тој начин со ваквото законско решение се рушело уставното начело за еднаквост помеѓу граѓаните врз основа на инвалидитет, болест, хендикепираност и слично.

Во член 147 од Законот била дадена можност јавната давачка да ја регулира и распределува МРТ, како правно лице со сопствен приход и дополнителни приходи од Буџетот на Република Македонија, со што истото било во повластена положба спрема другите субјекти.

Со давањето на дискреционо право на МРТ за определување, односно менување на јавна давачка, според наводите во иницијативата се повредувале погоренаведените уставни начела.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.153/2006 од 13 декември 2006 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 146 став 1 во целина и посебно на алинеја 3 од истиот член, како и на членот 147 став 2 во делот: „за утврдување на годишниот износ на радиодифузната такса со кое обврзникот се задолжува да ја плати во 12 месечни износи“ од Законот за радиодифузната дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.100/2005).

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал.

Имајќи го во вид фактот дека Уставниот суд со наведеното Решение се произнел по прашањата кои сега повторно се покренуваат со оваа иницијатива, Судот оцени дека во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување по однос на овие оспорени одредби на членовите 146 и 147 од Законот, поради тоа што во овој дел иницијативата ја отфрли, согласно цитирната деловничка одредба.

12. По однос на наводите во иницијативата во врска со членот 145 и членот 148 од Законот, во кој се определува карактерот на радиодифузната такса како јавна давачка и се определува фиксна такса во износ од 130,00 денари месечно со можност за измена во зависност од висината на трошоците за живот за претходна година утврдени од Државниот завод за статистика поради што истиот давал дискреционо право на МРТ за менување на оваа јавна давачка, Судот оцени дека се неосновани. Ова од причина што од анализата на содржината на оспорените одредби, јасно произлегува дека висината на радиодифузната такса не ја утврдува МРТ, туку истото е во надлежност на законодавецот, така што Собранието на Република Македонија во Законот за радиодифузната дејност ја утврдува висината на јавната давачка, и се дадени и критериумите за нејзино определување. Оттука, погрешно е толкувањето на оваа одредба од страна на подносителот на иницијативата.

Врз основа на наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членовите 145 и 148 од Законот со Уставот.

13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

14. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението по однос на точката 1 и точката 2 во делот за членот 11 од Законот, е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.191/2009
10 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски