240/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 февруари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 2 од Тарифникот за изменување и дополнување на Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.105/2009).

2. Славко Секулов, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 3 став 2 од Тарифникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одредба од измените на Тарифникот кои влегле во сила во 2009 година, било уредено ретроактивно дејство на одредба од Тарифникот, која на овој начин требало да важи за претходниот период од 19 јуни 2007 година, поради што со оспорената одредба се повредувал членот 52 од Уставот на Република Македонија. Во дополнението на иницијативата се укажува дека со ретроактивниот карактер на оспорената одредба од Тарифникот се предвидувало пресметување на друга основа за определување на надоместок која ќе важела од 19 јуни 2007 година и поради тоа субјектите кои во поранешниот период не ги исплаќале уредно надоместоците за експлоатација на минералните суровини ќе имале помал долг од оние кои уредно ги плаќање надоместоците, а со тоа се предизвикувале штетни финансиски последици по приходите во Буџетот на Република Македонија односно се намалувал приходот на општината на чие подрачје работел концесионерот. Оттука, ретроактивноста предвидена со оспорената одредба од Тарифникот имала негативни последици спрема граѓаните и немала уставна основаност. Од овие причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Тарифникот и Судот да донесе времена мерка за забрана на нејзината примена до донесувањето на конечна одлука на Судот.

3. Судот на седницата утврди дека Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи за вршење детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2007) е донесен од Владата на Република Македонија. Овој Тарифник влегол во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно бил објавен на 11 јуни 2007 година и влегол во сила на 19 јуни 2007 година.

Во членот 4 став 1 од овој Тарифник, меѓу другото, е утврдено дека „За експлоатација на минералните суровини, концесионерот плаќа надоместок за металични минерални суровини и тоа:

1) износ од 0,5% од пазарната вредност на олово-метал по тон и тоа за секој тон произведен оловен концентрат од страна на концесионерот;

2) износ од 0,5% од пазарната вредност на цинк-метал по тон и тоа за секој тон произведен цинков концентрат од страна на концесионерот;

3) во износ од 0,5% од пазарната вредност на бакар – метал по тон и тоа за секој тон произведен бакарен концентрат од страна на концесионерот;

4) во износ од 0,5% од пазарната вредност на никел-метал, произведен од страна на концесионерот;

5) во износ од 0,5% од пазарната вредност на соодветниот метал, кој е добиен од експлоатираната минерална суровина или концентрат од страна на концесионерот и тоа за секој тон произведен концентрат или руда од страна на концесионерот;

6) во износ од 0,5% од пазарната вредност на антимон-метал по тон и тоа за секој тон произведен концентрат на антимон од страна на концесионерот“.

Во ставот 2 на членот 4 од Тарифникот е утврдено дека плаќањето на концесиските надоместоци од став 1 на овој член се врши на секои три месеци за продадените количини на минералните суровини од страна на концесионерот, односно најкасно до 15-ти во месецот кој што следи, по истекот на трите месеци кои служат како основа за пресметка.

Во ставот 3 на членот 4 од Тарифникот е утврдено дека основата за пресметување на концесиските надоместоци заради експлоатација на металичните минерални суровини ќе биде официјалниот извештај за просечното движење на цените на металите на Лондонската берза за метал за период од три месеци наназад (пазарна вредност) и за ова има квартално објавување во „Службен весник на Република Македонија“ од страна на Министерството за економија.

Во 2009 година, овој Тарифник бил изменет и дополнет во месец февруари, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 19/2009 и во месец август, објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.105/2009.

Со членот 2 од последните измени и дополнувања на Тарифникот, е предвидено:

„Во членот 4 став 1 алинеја 2 точките: 1, 2, 3, 4, 5 и 6 процентот „0,5%“ се заменува со процентот „1%“.

Во став 1 алинеја 2, во точките 1, 2, 3, 5 и 6 зборовите: „и тоа за“ се заменуваат со зборот „во“.

Со членот 3 од овие измени и дополнувања на Тарифникот е предвидено:

„Одредбата од член 2 став 1 од овој тарифник ќе се применува од 1 јануари 2010 година.

Одредбата од член 2 став 2 од овој тарифник ќе се применува од 19 јуни 2007 година“.

Значи, со иницијативата се оспорува членот 3 став 2 од измената на Тарифникот, или попрецизно текстот на следнава одредба: „Одредбата од член 2 став 2 од овој тарифник ќе се применува од 19 јуни 2007 година“.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според ставот 4 од овој член од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Законот за минерални суровини („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2007, 88/2008 и 52/2009) во дел V „Надоместоци за вршење на детални геолошки истражувања и за концесии за експлоатација на минерални суровини“ во членот 62 ја утврдил обврската за надоместок за вршење детални геолошки истражувања, а во членот 63 ја утврдил обврската за надоместок за концесија за експлоатација на минерални суровини.

Согласно членот 62 од овој закон имателот на дозвола и концесија и договор за концесија за детални геолошки истражувања на минерални суровини плаќа еднократен надоместок за просторот, во зависност од видот на минералната суровина определен во дозволата за вршење на детални геолошки истражувања.

Согласно членот 63 од овој закон, концесионерот е должен да плаќа:

1) годишен надоместок за користење на просторот доделен со концесијата за експлоатација, а во зависност од видот на минералната суровина што е предмет на концесијата за експлоатација и
2) надоместок за експлоатација на минерална суровина, предмет на концесијата.

Според членот 64 став 1 од овој закон, Владата на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини, донесува Тарифник во кој ги утврдува висината на надоместоците за вршење на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини од членовите 62 и 63 на овој закон, а во зависност од видот, количината и квалитетот на минералната суровина.

Врз основа на членот 64 од Законот, е донесен Тарифникот во 2007 година, кој е два пати изменет и дополнет, во февруари и во август 2009 година. Од изнесените одредби од Тарифникот, имајќи ги предвид неговите измени и дополнувања, Судот го утврди следново:

– концесионерот плаќа надоместок за експлоатација на минерални суровини, во кои спаѓаат и „металични минерални суровини“,

– плаќањето е континуирано на секои три месеци на начин и услови утврдени со одредбите од Тарифникот,

– процентите на пазарната вредност на металичните минерални суровини од 0,5% се менува на 1% од 1 јануари 2010 година, а тоа значи процентот на надоместокот е повисок во иднина.

– специфика е дека со измените на Тарифникот во август 2009 година зборот „и тоа за“ е изменет „во“, и кај металичните минерални суровини, надоместокот за експлоатација се плаќа во износ на процентот од пазарната вредност на металот по тон „во“ секој тон произведен концентрат од страна на концесионерот. Тоа значи, се плаќа процентот од пазарната вредност на металот по тон во секој тон произведен концентрат, а според одговорот на Владата на Република Македонија, ова оспорено решение не било неповолно решение за негово важење ретроактивно од 19 јуни 2007 година. Имено, според одговорот на Владата, термините „и тоа за“ или „во“ секој тон произведен концентрат, кои со Тарифникот и неговите последни измени и дополнувања во август 2009 година, биле употребени при нормирањето на предметното прашање, претставувало само прецизирање на основната одредба од членот 4 став 1 алинеја 2 точките 1, 2, 3, 5 и 6, за пресметување на надоместокот и надоместокот фактички во пресметувањето се врзувал за реално произведениот концентрат во секој тон на соодветниот метал, уште од 2007 година при постоењето на терминот „и тоа за“ секој тон произведен концентрат, но во случајов само заради прецизирање, важноста на новото решение („во“ секој тон) се однесувало ретроактивно од 19 јуни 2007 година како што предвидувал оспорениот член 3 став 2 од Тарифникот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека нема основ за проблематизирање на оспорената одредба од Тарифникот како несогласна со членот 52 од Уставот, поради тоа што таа регулирала повратно дејство на одредба од Тарифникот со цел преку нејзината важност од 19 јуни 2007 година, кога бил донесен Тарифникот, правата и обрските за обврзниците еднакво да важат во однос на пресметувањето на надоместокот за користење концесии, а со тоа и основот за пресметување на надоместокот не ги доведувал во неповолна положба обврзниците без оглед кога настанале нивните обврски по донесувањето на Тарифникот од 2007 година.

Тргнувајќи од напред наведените причини Судот оцени дека оспорената одредба од Тарифникот е во согласност со членот 52 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.240/2009
3 февруарри 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски