212/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 4 и 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 127/2006 и 114/2009).

2. Цветан Трајковски од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените членови од Законот биле во спротивност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, од причина што со стапувањето во сила на овој закон и воведувањето на лиценца за вршење на превоз во патниот сообраќај се воведувала дополнителна давачка за фирмите кои се занимавале со транспорт, а биле регистрирани пред донесувањето на овој закон. Воведувањето на лиценцата како што било наведено во оспорените членови според наводите во иницијативата претставува дополнителен товар на финансиските средства на фирмите кои се занимавале со оваа дејност.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата смета дека оспорените членови и обврската од нив неможело да се однесува на затекнатите фирми и нивните управители кои функционирале пред донесувањето на овој закон, поради што предлага истата да се укине.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 4 од Законот за превоз во патниот сообраќај домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај врз основа на лиценца.

Лиценцата за вршење на превоз на патници и стока во меѓународниот патен сообраќај се издава и на еден од светските јазици.

Трошоците настанати во врска со издавање на лиценците и другата потребна документација за вршење на превоз во патниот сообраќај ги сноси превозникот.

Во членот 8 од истиот Закон се предвидува дека:

Лиценца од членот 7 на овој Закон може да добие домашно правно или физичко лице, ако ги исполнува следниве услови:

1) Да е впишан во Централниот регистар на Република Македонија и да има регистрирано приоритетна дејност главна приходна шифра вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај;

2) Да е сопственик на една или повеќе регистрирани возила за превоз или да има договор за лизинг, што ги исполнувало посебно техничко-експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз во внатрешниот и/или меѓународниот патен сообраќај, при штто за меѓуопштинска и меѓународен линиски превоз на патници да е сопатник или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет од најмалку 22+1 седиште по возило, за општински линиски превоз на патници да е сопатник на две или повеќе регистрирани возила или да има договор за лизинг за возила со најмалку 16+1 седишта, а за слободен превоз и посебен линиски превоз на патници да е сопственик или да има договор за лизинг за најмалку две возила со капацитет со најмалку 8+1 седиште по возило, сите ги исполнуваат посебните техничко експлоатациони услови пропишани за возила за вршење на одделни видови на превоз;

3) Да има вработено во редовен работен однос возачи во зависност од бројот на моторните возила, минимум еден возач по возило (автобуси, товарни возила) што ги исполнуват условите пропишани со прописите за безбедност на сообраќајот на патиштата;

4) Да има вработено авто-такси возачи;

5) Во возилото со кое се врши авто-такси превоз на патници да има вградено фискален апарат;

6) Управителот или овлстеното лице одговорно за превоз да има сертификат за професионална компетентност;

7) Да има солидна финансиска состојба;

8) Да има добар углед;

9) Да има во сопственост капацитет за паркирање и одржување на возилата со кои го врши превозот, односно места за задржување на возилата за време кога истите не се користат, или договор заверен на нотар за обезбедено право на користење на таков капацитет за период од најмалку четири години и

10) Да има вработено возачи кои имаат сертификат за учество во меѓународниот превоз на патници и стоки.

Одредбите од ставот 1 точка 7 на овој член не се однесуват за добивање на лиценца за вршење на превоз во внатрешниот патен сообраќај.

Одредбите од став 12 точка 9 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за вршење на авто-такси превоз на патници.

Одредбите од ставот 1 точка 10 на овој член се однесуваат само за добивање на лиценца за меѓународен превоз на патници и стока.

Одредбите од ставот 1 точки 1 и 7 на овој член не се однесуваат за добивање на лиценца за превоз на патници и стока за сопствени потреби во внатрешниот и меѓународниот сообраќај.

Начинот и постапката за добивање и одземање на лиценцата за одделни видови на превоз ги пропишува министерот за транспорт и врски.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 52 од Уставот на Република Македонија законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став 1) и не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Превозот во патниот сообраќај е регуиран со Законот за превоз во патниот сообраќај.

Според член 1 од овој закон, со овој закон се уредуваат условите и начинот за вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај.

Според член 2 од Законот, превозот на патници и стоки во меѓународниот патен сообраќај се врши согласно со овој закон и меѓународни договори и спогодби што ги ратификувала Република Македонија.

Условите за вршење на превоз во патниот сообраќај се утврдени во Глава II од Законот, каде во членот 4 став 1 е предвидено дека домашен превозник може да врши превоз на патници и стока во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај на територијата на државните членки врз основа на лиценца.

Видовите на лиценци за вршење на одделни видови на превоз се утврдени во член 7 од Законот каде се предвидува дека за вршење на одделни видови на превоз во патен сообраќај се издаваат следниве видови лиценци:
1) во внатрешниот патен сообраќај за:
– општински линиски превоз на патници, односно за линиски превоз на патници за градот Скопје;
– меѓуопштински линиски превоз на патници,
– слободен превоз на патници и постоен линиски превоз на патници,
– превоз на патници за сопствени потреби,
– авто-такси превоз на патници,
– јавен превоз на стоки и
– превоз на стоки за сопствени потреби.

2) во меѓународниот патен сообраќај за:
– меѓународен линиски превоз на патници,
– меѓународен слободен превоз на патници,
– меѓународен превоз на патници за сопствени потреби,
– меѓународен јавен превоз на стока,
– меѓународен превоз на стока за сопствени потреби.

Лиценца од ставот 1 на овој член не е потребна ако станува збор за вршење на превоз со возила наменети за потребите на јавната безбедност, одбраната и потребите на државните органи, за превоз со поштенски возила или на возила за интервенции, за медицински и хуманитарен превоз, за превоз на сопствени потреби кај правни и физички лица го вршат со возила чија најголема носивост не надминува 3.500 кг. и за превоз со специјални возила кои дополнително се адаптирани за посебна намена и со нив не може да се врши превоз како со стандардните возила и служат за превоз за сопствени потреби.

Формата и содржината на лиценците од ставот 1 на овој член и извод од лиценцата за секое возило од членот 4-а на овој закон, ја пропишува министерот за транспорт и врски“.

Условите за добивање на лиценца се утрдени во членот 8 од Законот според кој „лиценца од членот 7 на овој Закон може да добие домашно правно или физичко лице, ако ги исполнува условите предвидени во оваа оспорена законска одредба.

Од наведената законска регулатива произлегува дека превозот на патници и стоки во внатрешниот и меѓународен патен сообраќај може да врши домашен превозник врз основа на лиценца издадена од Министерството за транспорт и врски.

Со иницијативата се оспорува членот 4 од Законот, во кој се предвидува обврска, односно услов за вршење на патен сообраќај превозникот да поседува лиценца, како и останатите услови за добивање на лиценца предвидени во членот 8 од овој закон, од причини што со воведувањето на овие услови, според наводите во иницијативата се создавал дополнителен товар на финансиските средства на фирмите кои се занимавале со оваа дејност и истите не можеле да се однесуваат и на фирми кои биле регистрирани пред донесување на Законот и вршеле ваква дејност.

Според Судот, меѓутоа, ваквите наводи се неосновани, од причина што легитимно право на законодавецот е да ги утврди условите и начинот на вршење превоз на патници и стоки во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, во која смисла и да го услови вршењето на овој превоз со доставување на лиценца под услови утврдени со закон. Тоа, истовремено, според Судот, значи и овластување на законодавецот да цени и по потреба да ги менува, дополнува или укинува условите за вршење на овој превоз, вклучително и условите за добивање на лиценца со цел допрецизирање на одредбите и усогласување на оваа регулатива со правната регулатива изразени преку Директивата на Европската унија со која се регулира превозот на патници и стока во патниот сообраќај, односно прашањето за пристапот на пазарот, а која Република Македонија како земја кандидат за членство во Европската унија има обврска истата правна регулатива да ја имплементира во националното законодавство.

Ценејќи ги оспорените членови 4 и 8 од Законот, од уставно-правен аспект (во корелација на член 52 став 4 од Уставот), Судот оцени дека сите лица, кои сакаат да стекнат лиценца за вршење превоз во патниот сообраќај, треба да ги исполнуваат пропишаните услови со законот кој е во сила, а тоа значи дека сите правни лица кои ја вршат оваа дејност за која се регистрирани, односно впишани во Централниот регистар и ја имаат регистрирано дејноста вршење на превоз на патници и стока во патниот сообраќај, имаат обврска да ги исполнуваат сите услови предвидени во Законот кои се предуслов за вршење на оваа дејност, а тоа е добивање на лиценца под услови предвидени во членот 8 од овој закон.

Според Судот, вака пропишаните услови за добивање на лиценца, како и самиот услов за поседување на лиценца не подразбираат повратно дејство на Законот, како што се тврди во иницијативата, затоа што неспорно е дека Законот, односно режимот кој го предвидува истиот за добивање на лиценца важи по влегување во сила на законските одредби, а нема ретроактивно дејство и истиот се применува во иднина што значи дека обврската на овие правни лица настапува по влегување во сила на законот, и истите имаат обврски да ги исполнуват сите услови што ги пропишал законодавецот чие легитимно право е да ги менува и истите дополнува, во зависнот од условите на пазарот. Оттука, не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека оспорените членови од Законот не се во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како вво точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.212/2009
27 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски