132/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 127 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делот од член 127 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, неодржливо од уставно-правен аспект било оспореното законско решение, бидејќи работодавците најчесто во праксата не поднесувале иницијативи до Фондот на пензиското и инвалидското осигурување за утврдување на нови работни места на кои стажот на осигурување имало потреба да се смета со зголемено траење, па поради тоа вработените останувале фактички незаштитени по овој основ. Поради тоа, оспорениот дел од член 127 став 2 од Законот бил спротивен на членот 8 став 1 алинеи 3, 4 и 7, член 34, член 35 став 1 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 127 став 2 од Законот, работните места на кои стажот на осигурувње се смета со зголемено траење се утврдуваат по претходно прибавено мислење од соодветни стручни организации, на иницијатива на работодавците.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор.

Според членот 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.

Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Законот за пензиското и инвалидското осигурување, во дел VI – „Пензиски стаж“, ги уредил прашањата кои се однесуваат на „стаж на осигурување што се смета во ефективно траење“ и „стаж на осигурување што се смета за зголемено траење“. Со членот 125 е предвидено дека на осигурениците кои работат на особено тешки и по здравјето штетни работни места, како и на осигурениците кои работат на работни места на кои по наполнувањето определени години на живот не можат со успех да ја вршат својата професионална дејност, стажот на осигурување им се смета со зголемено траење. Степенот на зголемувањето на стажот на осигурување зависи од тежината на штетноста на работата, односно од природата на работата, така што работните места се распоредуваат во шест групи со тоа што секои 12 месеци ефективна работа се смета како 14, 15, 16, 17 односно 18 месеци стаж на осигурување.

Според членот 126-а од овој закон работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење затоа што работата на нив е особено тешка и штетна по здравјето се утврдуваат со правилник кој го донесува министерот за труд и социјална политика по претходно добиена согласност од соодветни стручни установи.

Со членот 126 од овој закон се утврдени условите кои треба да постојат за да се смета дека за определено работно место стажот на осигурување може да се смета со зголемено траење. Тоа значи, законодавецот со закон ги утврдил условите и критериумите за операционализација на оваа материја.

Со членот 127 став 1 од овој закон, е определено дека работните места на кои стажот на осигурување се смета за зголемено траење, а кои не се опфатени со правилникот од членот 126-а постапката за нивно утврдување, степенот на зголемувањето на стажот на осигурувањето на тие работни места ги утврдува Фондот со општ акт.

Според ставот 2 на овој член од Законот, работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, се утврдуваат по претходно прибавено мислење од соодветни стручни организации, на иницијатива на работодавците.

Според ставот 3 од овој член од Законот работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење утврдени според ставот 1 на овој член, подлежат на ревизија што ја врши Фондот на начин и според постапката утврдени со општ акт на Фондот.

Според ставот 4 од овој член од Законот ревизијата се врши најдоцна во рок од пет години од денот на утврдување на тие работни места.

Според ставот 5 од овој член од Законот за работните места на кои стажот на осигурување се смета со зголемено траење, работодавецот може да иницира постапка за промена на актот на Фондот, поради промена на техничко-технолошките услови на работа.

Според Судот, од изнесените одредби од Законот произлегува дека законодавецот со закон го утврдил правото на стаж на осигурување што се смета за зголемено траење, условите за негово определување и критериумите за операционализација на ова право со актите на надлежниот министер и Фондот за пензиското и инвалидското осигурување. Законот е донесен во 1993 година и имал голем број измени и дополнувања. Но, правото на стаж на осигурување што се смета со зголемено траење е право установено со Законот уште со неговото донесување, а операционализацијата на ова право според условите утврдени со Законот е препуштено да се разработи со актот на Фондот при што со измените во 2007 година, дополнет е Законот и со членот 126-а кој го овластува и министерот со правилник да ги утврди работните места на овој посебен стаж на осигурување.

Од уставно правен аспект, не е спорно дека законодавецот нема уставни пречки, врз основа на услови утврдени со законот, да овластува други органи или институции со свои акти да го операционализираат спроведувањето на Законот со цел да се овозможи флексибилност во уредувањето на одредени прашања прилагодени на потребите за успешно извршување на законските надлежности, а во тие рамки е и законското овластување со одредбите од членовите 126-а и 127 од Законот.

Во однос на остварувањето на правото на стаж на осигурување што се смета за зголемено траење произлегува дека, еден од начините за остварувње на ова право кој е предвиден со Законот претставува и можноста определена во членот 127 став 2 од Законот, според која, листата на работните места на кои овој стаж ќе може да се смета, може да биде дополнет и со други по иницијатива на работодавците, а во согласност со условите и постапката утврдени со Законот. Тоа значи дека иницијативата може да доведе до позитивна или негативна одлука, зависно од стручните мислења во рамки на постапката за испитување на основаноста на предложените работни места во кои се обавуваат предметните работни задачи.

Според Судот, ваквата законска можност по иницијатива на работодавците да се ангажираат надлежните органи да испитуваат определени работни места дали можат да бидат опфатени во стажот на осигурување што се смета со зголемено траење, е во суштина поволно законско решение во корист на вработените и не може да се прифати наводот во иницијативата дека противуставно било законското решение во оспорената одредба од Законот со која работодавците можеле да иницираат постапка за проширување на работните места во рамки на посебниот стаж. Имено, токму спротивно на наводите во иницијативата, со оспорениот дел од членот 127 став 2 од Законот, не се повредуваат правата од работен однос и од социјалното осигурување утврдени во одредбите од Уставот, и дека всушност спротивно станува збор за респектирање на овие уставни норми во законското решение со цел заштита на правата на вработените.

Од овие причини Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и не можат да ја доведат во прашање уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.132/2009
27 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски