127/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 261 став 1 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 во делот: „овластува осум испитни центри на територијата на Република Македонија согласно организацијата на соодветните организациони единици – Сектори за внатрешни работи на Министерството и тоа:

1. Испитен центар со седиште во Скопје,
2. Испитен центар со седиште во Битола,
3 Испитен центар со седиште во Велес,
4. Испитен центар со седиште во Куманово,
5. Испитен центар со седиште во Охрид,
6. Испитен центар со седиште во Струмица,
7. Испитен центар со седиште во Тетово,
8. Испитен центар со седиште во Штип.

од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити и критериумите во однос на просторните услови и материјално-техничката и информатичката опрема на испитните центри, водењето на евиденциите во врска со спроведените возачки испити и за формата и содржината на лиценцата за испитен центар („Службен весник на Република Македонија“ број 103/2007), донесен од министерот за внатрешни работи на Република Македонија.

3. Здружението на автошколи „Инструктор“ – Скопје, Момчило Денковиќ, адвокат од Куманово и Гаврило Анѓелков Милошевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативите оспорениот дел од одредбата од членот 261 став 1 од Законот и оспорениот дел од одредбата од членот 2 од Правилникот не биле во согласност со уставните принципи на слободата на пазарот и претприемништвото утврдени во членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 ставови 1 и 2 од Уставот. Имено, со оспорените одредби се создавале услови за монополско однесување на одредени приватни правни субјекти во регионалните организациони единици во Република Македонија на секторот за внатрешни работи при надлежното министерство. Практично, секоја организациона единица имала испитен центар (приватно правен субјект) кој монополски се однесувал на пазарот наметнувајќи високи цени за полагање на возачките испити кои несоодвествувале со реалните трошоци и биле 100% повисоки во однос на поранешниот начин за полагање, а граѓаните немале право на избор. Овој начин на функционирање на полагање на возачки испити во Република Македонија бил вистински пример на монопол на еден субјект во еден регион. Поради тоа, се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот и Правилникот, како несогласни со членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 ставови 1 и 2 од Уставот кои се однесувале на слободата на пазарот и претприемништвото.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 261 став 1 од Законот, работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач и проверката на стручноста на возачите – инструктори, ги вршат испитни центри во согласност со организацијата на соодветните организациони единици на Министерството за внатрешни работи, согласно со закон.

Со членот 2 од Правилникот е предвидено дека за извршување на работите на организирање и спроведување на возачкиот испит за кандидат за возач и проверката на стручноста на возачите-инструктори, Министерството за внатрешни работи овластува осум испитни центри на територијата на Република Македонија согласно организацијата на соодветните организациони единици – Сектори за внатрешни работи на Министерството и тоа:

1. Испитен центар со седиште во Скопје;
2. Испитен центар со седиште во Битола;
3. Испитен центар со седиште во Велес;
4. Испитен центар со седиште во Куманово;
5. Испитен центар со седиште во Охрид;
6. Испитен центар со седиште во Струмица;
7. Испитен центар со седиште во Тетово; и
8. Испитен центар со седиште во Штип;

5. Согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива, со Решение У.бр.144/2007 од 5 март и 22 октомври 2008 година не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 261 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Според образложението во наведеното решение произлегува:

„Со членовите 261, 262 и 263 од Законот било уредено прашањето на организирање и спроведување на возачки испит за кандидати за возачи и проверка на стручноста на возачите – инструктори од страна на испитните центри кои се организираат во согласност со организацијата на соодветните организациони единици на Министерството за внатрешни работи.

Испитните центри можат да организираат и спроведуваат возачки испити на кандидати за возачи и проверка на стручноста на возачи инструктори по добивање на лиценца доколку ги исполнуваат со закон предвидените услови и кои услови се однесуваат на техничка и кадровска определеност на правните лица кои на јавен конкурс претендираат да ја обавуваат оваа дејност односно услуга.

Имајќи ги предвид одредбите од Уставот според кои Собранието на Република Македонија како носител на законодавната власт донесува закони во сите области на општествениот живот, што значи, меѓу другото, да ги уреди прашањата и односите поврзани со безбедноста на сообраќајот на патиштата, Судот оцени дека право на законодавецот е и во оваа област да ги уреди прашањата кои се однесуваат на тоа кој ќе го организира и спроведува возачкиот испит и испитот на проверка на стручноста на возачите – инструктори, поради што не го постави прашањето за согласноста на членот 261 од Законот со Уставот.

Притоа, дали законодавецот ќе одлучи возачкиот испит и проверка на стручноста на возачот инструктор да го спроведува Министерството за внатрешни работи преку сопствени комисии, дали преку автошколата со учество на член на Комисијата од страна на Министерството за внатрешни работи како што тоа било случај претходно, или тој испит и проверка да ги спроведуваат испитните центри како што е предвидено со член на Комисијата, е прашање на целисходност, кое не може да се оценува од уставно правен аспект“.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи предвид дека одредбата од членот 261 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата веќе била ценета од Судот и со наведеното решение на Судот не била поведена постапка за оценување на уставноста, ниту во случајов има основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се настапени условите согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативите по однос на оспорениот дел од ставот 1 на членот 261 од Законот.

Со оглед на изнесената правна и фактичка состојба, а имајќи предвид дека со оспорениот дел од членот 2 на Правилникот само се операционализира наведеното законско решение, Судот, исто така утврди дека не постојат уставни пречки министерот за внатрешни работи, врз основа на Законот, да го уреди предметното прашање на начин како што е тоа уредено со оспорената одредба од Правилникот и од овој аспект таа не може уставно да се проблематизира од наводите во иницијативите.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.127/2009
27 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски