194/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Урбана заедница 8,урбан блок 8.2 Општина Охрид бр.. 07-472/5 ,донесена од Советот на општина Охрид на 26 февруари 2009 година („Службен гласник на општина Охрид“ бр.2/2009).

2. Власе Трајковски од Охрид, преку полномошникот Јован Костовски адвокат од Охрид на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука, со која е опфатен и просторот на катастарската парцела 16739 за КО Охрид и со која е предвидено обележување со знак за бесправна градба и не е предвидена градба на објекти, не била во согласност со член 4 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со Правилникот за стандардите и нормативите за урбанистичко планирање. Имено со фактот што легално изграден објект – семејна станбена зграда на подносителот се изоставувала од деталниот урбанистички план и се означувала со знак на бесправна градба се повредувало начелото на рационално уредување и користење на просторот, бидејќи во изградбата на објектот подносителот вложил 200.000 евра сопствени средства.

Доносителот на одлуката немал основ да отстапи од наведеното начело бидејќи не била предвидена никаква содржина на просторот опфатен со КП.16739. Ова дотолку повеќе, што доносителот на планот не ги имал предвид управните акти врз основа на кои е извршена изградба и тоа:

1) Одобрение за градба УП.бр.06/204 од 24 септември 1968 година со кое се одобрува изградба на индивидуална станбена згграда на КП.6627 за КО Охрид (по нов премер КП.16739),

2) Одобрение за градба Уп.бр.11.1181/87 од 30 септември 1987 со кое се одобрува доградба.

3) Решение УП.бр.03-1128/3-72 од 30 декември 1972 година со кое се дозволува употреба на новоизградената индивидуална зграда на Ул. „Ванчо Питошки“ бр.13.

4) Допис У.бр.163/90 од 29.03.1991 година од Уставниот суд до Трајковски Власе со кој се известува дека претставникот на Собранието на општина Охрид на 22.03.1991 година го известил Судот дека му е овозможено реализирање на поединечни акти со кој се предвидува доградба на неговата индивидиуална станбена зграда.

5) Копие од Катастарски план бр.09-160/2 од 3 април 2007 година на општина Охрид според кој на КП.16739 КО Охрид е предвидена изградба на семејна станбена зграда П+1+ПК.

6) Копие од катастарски план 1223/3962 од 3 јуни 2007 година на кој е прикажана изградената куќа со габарит од 109 м.к. и

7) Копие од катастарски план 1207/2 854 од 22 септември 2008 година на кој е прикажана изградената куќа со габарит од 109 м.к.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорената одлука била во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок и тоа владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Имајќи го предвид наведеното подносителот на иницијативата предлага да се поништи оспорената одлука, а до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членовите 11, 22 и 25 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005 и 137/2007) Советот на општина Охрид на седницата одржана на 26 февруари 2009 година донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за урбана заедница 8 Урбан блок 8.2. општина Охрид со која со член 1 било определено дека се донесува Детален урбанистички план за Урбана заедница 8 Урбан блок 8.2. опфат 1.

Во членот 2 од Одлуката е определен опфатот на просторот со површина од 15,50 ха со граници Јане Сандански, Карпош Војвода, Бул. АСНОМ и Ванчо Питошки.

Во членот 3 од одлуката е утврдено дека наведениот урбанистички план со тех.бр.1978/2008 е изработен од АД „ЗУАС“ Скопје и содржи:

– плански развој – текстуален дел и тарифни парцели.
– документациона основа со текстуален дел и графички прилози.
Во член 4, пак, е предвидено дека Деталниот урбанистички план се заверува со потпис и печат на претседателот на Советот, а според член 5 од Одлуката Деталниот урбанистички план се чува, следи и реализира во Секторот за урбанизам, зашттита на животната средина и комунален развој. Според член 6, одлуката влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Охрид“.

Во понатамошната постапка и покрај фактот што подносителот на иницијативата не ја оспорува постапката за донесување на планот е утврдено дека Планот е изработен како приоритетна Програма на Владата на Република Македонија во скратена постапка веднаш во фазата на Предлог-план.

Во согласност со Програмата за изработка на детални урбанистички планови за општина Охрид за 2008 година, Секторот за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој, донел Програма за изработка на Детален урбанистички план на дел од ДУП за 8-ма Урбана единица Охрид У.З 8. УБ.8.2..

Предлог-планот за Урбана заедница 8 Урбан блок 8.2. Охрид бил изработен од АД за урбанизам, архитектура и инженеринг „ЗУАС“ Скопје под тех. бр. 1978/2008 од декември 2008 година.

Во текстуалниот дел на предлог планот (стр.38) „Посебни услови за изградба“ е предвидено дека посебните услови за изградба се однесуваат на секоја градежна парцела во рамките на Блокот поединечно, освен за градежните парцели 1.6. од блок 1, 3.12 од блок 3 и 8.7. од блок 8 каде се евидентирани постојни градби со статус на бесправни градби и за истите не се предвидува површина за градење, односно не се третирани со овој план согласно член 14 став 5 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање.

На Предлог-планот била извршена стручна ревизија од страна на Комисија за вршење на стручна ревизија формирана од Министерството за транспорт и врски бр.16/1417/1 од 12 декември 2008 година.

По извршената стручна ревизија изработувачот на планот АД „ЗУАС“ изготвил извештај за постапување по стручната ревизија во кој извештај е даден одговор по забелешките на стручната ревизија.

За организирање на јавната анкета и јавната презентација по предлог-планот, градоначалникот на општина Охрид, донел Решение за организирање на јавна анекта и јавна презентација бр.09-962/12 од 24 декември 2008 година и Соопштение бр.09-962/13 од 24 декември 2008 година за организирање на јавна анкета и јавна презентација на предлог-планот.

Според решението за организирање на јавна анкета и јавна презентација, јавната анкета траела од 25 декември 2008 до 13 јануари 2009 година, а јавната презентација била одржана на 5 јануари 2009 година во салата на општина Охрид, кое решение било објавено во дневниот печат.

Од Записникот бр.09-962/14 од 5 јануари 2009 година, изработен од Секторот за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој е констатирано дека на јавната презентација претставникот на изработувачот на планот ги запознал присутните со предлозите што се нудат со планот при што од страна на некои граѓани имало дадено забелешки.

На 13 јануари 2009 година, градоначалникот на општина Охрид донел Решение за формирање на Комисија за изработка на извештај по спроведената јавна анкета и јавна презентација со предлог план бр.09-962/16.Надлежната комисија по спроведената јавна анкета и јавна презентација по предлог планот изготвила извештај бр.09-962/15 од 16 јануари 2009 година во кој извештај поединечно се опфатени прифатените, неприфатените и делумно прифатените забелешки на граѓаните.

На 26 јануари 2009 година, Секторот за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој изготвил известување бр.09-160/4, за постапување по забелешките од јавната анкета и јавната презентација.

Судот утврди дека во врска со предлог-планот за урбана заедница 8 Урбан блок 8.2. општина Охрид побарала мислење од Министерството за животна средина и просторно планирање и од Министерство за култура.

Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна редина со допис бр.11-14/2 од 20 јануари 2009 година, дала позитивно мислење по предметниот план.

Министерството за култура, Управа за заштита на културни наследства со допис бр.08-206/2 од 27 јануари 2009 година, ја известила општината Охрид дека во рамките на опфатот на урбанистичкиот план не постоело регистрирано ниту евидентирано културно наследство, а доколку при реализација на планот се појавело археолошко наоѓалиште требало да се постапи согласно Законот за културното наследтво.

По спроведување на наведената постапка и изготвување на потребните акти за преземените дејствија, а по барање на општината Охрид, Министерството за транспорт и врски дало Согласност на Предлог- Деталниот урбанистички план за Урбана заедница 8 во Урбан блок 8.2. бр.16-1716/1 од 17 февруари 2009 година.

По добивањето на согласност Советот на општина Охрид на 26 февруари 2009 година ја донел оспорената одлука.

Во натамошната постапка е утврдено дека општинскиот инспекторат преку овластени градежни инспектори, а по барање на Секторот за урбанизам, заштита на животната средина и комунален развој од Охрид доставиле податоци за бесправно изградени објекти бр.17-1-1455/1 од 20 октомври 2008 година што значи пред започнување на постапка за донесување на планот.

Во овој допис е констатирано дека бесправно изградениот објект на УЗ.8. Урбан блок 82 се наоѓа на КП.14955 – помошен објект на КП.16739 поткровје на индивидуална станбена зграда на КП.15017 доградба на индивидуална станбена зграда на КП.15052/3 поткровје на индивидуална станбена зграда.

Од увидот извршен во документационата основа на планот односно во текстуалниот и во графичкиот дел на планот е констатирано дека во рамките на третираниот плански опфат евидентирани се три градби со статус на бесправни градби (КП.16739, КП.15052/3 и КП.15017).

Од увидот извршен во Изводот од планот, кој по барање на Трајковски Власе – подносител на иницијативата, бр.09-1113/2 од 27 април 2009 година, издаден од градоначалникот на општина Орхид е констатирано дека според Деталниот урбанистички план за урбана заедница 8. Урбан блок 8.2. на предметната КП. не е предвидена градба, односно градежна парцела 3.12. (16739) е обележана со знак на бесправна градба.

Во одговорот доставен од општина Охрид во однос на наводите на подносителот на иницијативата дека спротивно на законот легално изградениот објект не е вцртан во Деталниот урбанистички план, се наведува дека објектот на КП.16739 како дел бесправно изграден не е вклопен во планот за накнадни градежни интервенции врз него при што објектот останува во состојба на издаденото одобрение за градба.

Од увидот извршен во целокупната документација за постапката за донесување на планот како и од одговорот на доносителот на оспорениот Детален урбанистички план, а поаѓајќи од наводите во иницијативата, очигледно е дека подносителот на иницијативата го премолчува фактот што тој бесправно изградил поткровје и во суштина бара преку вцртување на делот од објекти кој неспорно го изградиле со одобрение да го легализира и делот кој е бесправно изграден.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и уредувањето и хуманизација на просторот и заштита и уредување на животна средина и на природата.

Според член 1 од Законот за просторно и убранистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007), со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реали-зацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови:
1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Според член 11 од Законот, детален урбанистички план се донесува за плански опфат, за кој е донесен генерален урбанистички план.
Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфрастру-ктурата.
Графичките прикази на планот од ставот 2 на овој член содржат: граница на планскиот опфат, регулациони линии, парце-лација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбата изразена во метри до венец, намена на земјиштето и градбите, планско решение на секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури.
Текстуалниот дел на планот од ставот 2 на овој член содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба за поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуни-кациските инфраструктури, други параметри за спроведување на планот, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнувања и друго.
Нумеричкиот дел од ставот 2 на овој член содржи: податоци за површините на градежни парцели, планираните површини за градење, максималната висина на градбите изразена во метри до венец, податоци за инфраструктурните водови и градби и друго.
Деталните урбанистички планови во чии што плански опфат постојат споменици, споменички целини и други заштитени добра со статус на културно наследство, треба да содржат детални параметри за заштита на недвижното културно наследство.
Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план.
Податоците за постојната состојба, можностите за просторен развој и програмските проекции за просторниот развој претставуваат документациона основа на деталниот урбанистички план, кој а е прилог на планот.

Според член 14 од Законот, сите постојни надземни и подземни градби во рамките на планскиот опфат се евидентираат на ажурирана геодетска подлога во документационата основа на планот.
Во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра коишто имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторските основи.
Во документационата основа на планот на ажурирана геодетска подлога се евидентираат сите градби кои до почетокот на изработката на урбанистичкиот план се изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење.
Во планските решенија на урбанистичките планови со плански одредби се уредуваат условите за градење само за градби кои ќе се градат по донесувањето на планот. За легално изградените градби на чиешто место со планот не се предвидуваат услови за градење за нови градби или за доградба и надградба на старите, не се предвидуваат услови за градење, туку градбите само се потврдуваат како постојни.
Во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење.

Во членот 26 став 8 од Законот е предвидено дека, урба-нистичките планови за кои Владата на Република Македонија донела одлука за приоритетна изработка на урбанистички планови од членот 16 став 3 на овој закон, се донесуваат по скратена постапка во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на план. На предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно со членот 21 став 3 од овој закон и се спроведува стручна расправа согласно со членот 23 од овој закон и јавна презентација и јавна анкета согласно со членот 24 од овој закон. Јавната анкета трае десет работни дена и се организира во рок од седум работни дена од изготвувањето на планската документација. Стручната расправа се одржува во рок од пет дена по извршената стручна ревизија, а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа. Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршувањето на јавната анкета, а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена. На предлогот на планот се бара согласност од надлежниот орган од членот 25 став 2 на овој закон, која се издава во рок од пет работни дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на Законот за просторното и урбанистичко планиање како и утврдената фактичка состојба, Судот оцени дека наводите во иницијативата не се основани. Ова затоа што, според Судот, а имајќи го предвид член 14 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање во конкретниов случај, со оспорениот урбанистички план се утврдуваат услови за градење на КП.16739, на која на постојниот објект е изградено поткровје, спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање и спротивно на Законот за градење.

Самиот факт што предметниот објект изграден на наведената парцела не кореспондира со издадената техничка документација што е констатирано од страна на надлежните органи, односно таа отстапува, или поточно речено илегува надвор од планираното што не може да претставува основ за било каков сомнеж за уставност и законитоста на планот.

Според тоа Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот план со одредби од Уставот и Законот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основоа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.194/2009
20 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски