Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 и 27 јануари 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 4 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 35 став 1 точка 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот се однесувала генерално за сите членови на Советот и кога членот на Советот е осуден за сторено кривично дело за кое му била изречена казна затвор од најмалку шест месеци или на поблага казна за друго кривично дело кое го правело недостоен да ја врши функцијата член на Советот, без оглед на видот на кривичното дело и неговата природа. Со оспорената одредба од Законот се ограничувало, по сила на закон, правото на едно лице да продолжи да ја врши својата функција и во случаи кога кривичното дело за кое тоа лице било осудено не е во никаква врска со вршењето на оваа функција, па оттука формулација на оспорената одредба била непрецизна и нејасна и како таква не обезбедувала правна сигурност на граѓаните, како еден елемент на уставниот принцип на владеењето на правото. Поради овие причини подносителот на иницијативата смета дека со оспорената одредба од Законот се повредувале членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9 став 2, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот.
3. Судот на седницата утврди дека со членот 35 став 1 точка 4 од Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија е предвидено дека на член на Советот му престанува мандатот ако е осуден со правосилна пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца или на поблага казна за друго кривично дело кое го прави недостоен да ја врши функцијата член на Советот.
4. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.
Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Со одредбата од членот 13 став 1 од Уставот е определено дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Со членот 14 став 1 од Уставот е определено дека никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Според ставот 2 на истиот член од Уставот, секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
Според членот 106 став 1 од Уставот, Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон.
Со Амандманот XXX од Уставот се заменуваат ставовите 2 и 3 на членот 106 од Уставот и се брише членот 107 од Уставот на Република Македонија.
Со овој амандман е утврдено:
„Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители.
Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Јавниот обвинител на Република Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Македонија за време од шест години со право на повторно именување.
Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот.
При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.
За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот.
Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.
Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија и јавните обвинители се уредува со закон.
Функцијата Јавен обвинител на Република Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон.
Се забранува политичко организирање и дејствување во Јавното обвинителство“.
Со Законот за Советот на јавните обвинители на Република Македонија се уредуваат надлежноста, составот и структурата на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, мандатот на неговите членови, основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот, како и основите и постапката за избор, престанок на функцијата и разрешување на јавните обвинители и други прашања во врска со работата на Советот.
Според одредбите од овој закон, Советот е самостоен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршувањето на нивната функција (член 2), Советот има својство на правно лице (член 4), Советот е составен од 11 члена од кои: – по функција членови на Советот се јавниот обвинител на Република Македонија и министерот за правда, – еден член на Советот избираат јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија – по еден член на Советот избираат јавните обвинители од подрачјата на вишите јавни обвинителства Битола, Гостивар, Скопје и Штип, од своите редови, – еден член на Советот припадник на заедница која не е мнозинство во Република Македонија, го избираат сите јавни обвинители во Република Македонија од своите редови, – тројца членови на Советот ги избира Собранието на Република Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија (член 6); мандатот на избраните членови на Советот трае четири години со право на уште еден избор (член 7 став 1) Советот е надлежен да дава мислење на Владата на Република Македонија по предлогот за именување и разрешување на Јавен обвинител на Република Македонија, ги избира и разрешува јавните обвинители, утврдува престанок на функцијата јавен обвинител и одлучува во втор степен во постапка за утврдување дисциплинска одговорност на јавните обвинители, одлучува за утврдување на нестручно и несовесно вршење на функцијата јавен обвинител, ја следи нивната работа и одлучува за привремено оддалечување од функцијата, постапува по претставки и поплаки за работата на јавните обвинители, со одлука го определува бројот на јавните обвинители во јавните обвинителства, донесува Деловник за работа и врши други работи утврдени со закон (член 9).
Во членот 35 став 1 од Законот се набројани причините поради кои на членот на Советот му престанува мандатот, меѓу кои во точката 4 законодавецот го предвидел оспорениот основ, а во ставот 3 од овој член од Законот, законодавецот посебно утврдил дека во случајот од ставот 1 точка 4 на овој член мандатот престанува со денот на правосилноста на пресудата.
Според Судот, имајќи ги предвид изнесените уставни и законски одредби и улогата и статусот на Советот на јавните обвинители на Република Македонија утврдени со закон, а врз основа на уставносудската анализа на оспорената одредба во рамки на целината на одредбите од Законот, за оспорениот член 35 став 1 точка 4 од Законот не може основано да се постави прашањето за согласноста со Уставот од наводите кои се изнесени во иницијативата. Имено, од оспорената законска одредба произлегува дека со неа не се дозволува членот на Советот да ја врши својата (јавна) функција доколку е осуден со правосилна судска одлука, што имало за последица, односно предизвикува престанок на мандатот на членот на Советот.
Во членот 35 од Законот конкретно се наведени условите, односно основите за престанок на мандатот на член на Советот, што е во согласност со Амандманот XXX од Уставот на Република Македонија во кој е предвидено дека надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон.
Основот, односно условот за престанок на мандатот на член на Советот кога истиот е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца или друго кривично дело кое го прави недостоен да ја врши функцијата член на Советот, произлегува од потребата со закон да бидат уредени прашањата за постоење на подобност на лицето за ефикасно вршење на функцијата член на Советот и континуитет во текот на фактичкото вршење на функцијата, што би било оневозможено доколку лицето е на издржување казна затвор. Предвидениот основ ја исклучува можноста да се јават елементи на сомнение што би го направиле членот на Советот недостоен за вршење на оваа функција дотолку повеќе што тоа би било основ со кој членот на Советот би го изгубил кредибилитетот за вршење на функцијата член на Советот, а во конкретниот случај и фактичка неможност да ја извршува функцијата, доколку е осуден на казна затвор.
Во оспорената одредба не станува збор за повреда на принципот на презумпција на невиноста на лицето утврден во член 13 став 1 од Уставот, ниту на начелото на законитост во казненото право изразено преку забраната за казнување утврдена во член 14 став 1 од Уставот. Ова од причина што оспорениот член 35 став 1 точка 4 од Законот, се однесува на лице кое веќе ја врши функцијата член на Советот и според која мандатот му престанува заради неговото осудување во периодот додека ја врши таа функција. Оттука, ова преставува класичен услов за престанок на мандатот поради осуда со правосилна судска пресуда, бидејќи такво лице не може да дава гаранција дека Советот на јавните обвинители на Република Македонија успешно ќе функционира. Имено, оспорената одредба е во функција на гаранција на успешно обавување на оваа јавна функција. Од овие причини во случајов не може да се прифати наводот во иницијативата дека оспорената законска одредба не била во согласност со утврдените принципи во членовите 13 и 14 од Уставот на Република Македонија. Во конкретниот случај не се работи за правни последици од осудата кои настапуваат по сила на законот, од која претпоставка се раководел подносителот на иницијативата оспорувајќи ја законската одредба.
Тргнувајќи од овластувањето дадено во Амандманот XXX точка 1 став 8 од Уставот на Република Македонија, право на законодавецот е со закон да ја обезбеди и гарантира самостојноста и независноста на Советот на јавните обвинители, преку издигање на кредибилитетот на Советот со состав на членови кои би можеле законито и квалитетно да ги извршуваат своите функции уредувајќи ги за таа цел основите поради кои на членот на Советот му престанува мандатот. Судот утврди дека ваквата законска одредба, не е во несогласност со одредбите од Уставот, и не може да се проблематизира од причините изнесени во иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови на 20 јануари 2010 година во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов и на 27 јануари 2010 година во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.63/2009
20 и 27 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски