Вовед
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот, означен во точката 1 од ова решение.
Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Правилникот за постапките за издавање на работни дозволи и формата и содржината на посебните видови на работни дозволи, немало законска основа за нивно постоење во правниот поредок на Република Македонија, бидејќи со Одлука на Уставниот суд на Република Македонија, У.бр. 2/2008 од 20 ноември 2008 година, укинати биле сите одредби од Законот за вработување и работа на странци, во кои било предвидено ограничување за нови вработувања или работа, ако странецот или работодавачот биле прекршочно казнети во претходниот период или ако ја прекршиле законската регулатива за работните односи.
Подносителот на иницијативата смета дека со нивното понатамошно постоење во правниот поредок се повредувал членот 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 2, член 25, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, Законот за вработување и работа на странци и член 106 став 5 од Кривичниот законик, според кој никој немал право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, од кои причини предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Правилникот.
3. Судот, на седницата утврди дека со оспорените одредби од Правилникот, се пропишувала обврска за работодавачот или странецот, покрај останати докази, кон барањето за добивање на работна дозвола да приложуваат и изјава дека не се казнувани за прекршок според одредбите од Законот за вработување и работа на странци (ЗВРС) или дека не им била изречена казна за прекршок според одредбите од ЗВРС, односно за прекршок според прописите за работните односи.
Судот, утврди и дека со Одлука У.број 2/2008 од 20 ноември 2008 година, Уставниот суд ги укинал член 7 став 2 точка 3, точка 4 во делот: „ако ја прекршил законската регулатива за работните односи“, член 8 став 11 во делот: „дека не му е изречена прекршочна санкција за сторен прекршок согласно со овој закон и“, член 12 став 10 во делот: „ако не му била изречена прекршочна санкција за сторен прекршок согласно со овој закон во тој период и“, став 11 во делот: „и кој во тој период не му била изречена прекршочна санкција за сторен прекршок утврден во овој закон“, став 12 во делот: „ако странецот за време на важноста на претходната работна дозвола не му била изречена прекршочна санкција согласно со овој закон и“, член 13 став 2 точка 4, член 15 став 5 во делот: „ако во последните три години пред поднесувањето на барањето за работна дозвола на странскиот работодавач или странец, не му била изречена прекршочна санкција согласно со овој закон“, член 22 став 3 во делот: „Дозволата ќе се издаде , доколку во последните две години пред поднесувањето на барањето за работна дозвола на странецот, не му е изречена прекршочна санкција за сторен прекршок согласно со овој закон“, член 25 став 6 во делот: „и доколку за странецот како физичко лице немало изречена прекршочна санкција во текот на тој период за извршен прекршок, во согласност со овој закон“, член 26 став 3 во делот: „Дозволата за работа се издава, доколку последните три години пред да се поднесе барањето за работна дозвола на клиентот, кој ја врши услугата или лицето кое е наведено во ставот 1 на овој член, не му била изречена прекршочна санкција за извршен прекршок во согласност со овој закон“, член 42 став 1 во делот: „лажна изјава за изречена прекршочна санкција за прекршок согласно со овој закон или“ и став 3 во делот: „лажна изјава за изречена прекршочна санкција за прекршок согласно со овој закон или“ од Законот за вработување и работа на странци („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007).
Овие одредби од Законот за вработување и работа со странци се укинати со образложение дека со нив се определувале штетни последици за работодавач од Република Македонија или странство и за странец ако им била изречена прекршочна санкција според овој или друг закон во одреден претходен период. Последиците се движеле од обврска да даваат податоци за изречените прекршочни санкции, преку одбивање на барањата за продолжување на дозволите за работа, до парична казна за давање на невистинити податоци околу изречените прекршочни санкции, односно дека оспорените законски одредби предвидувале и други последици, покрај оние последици кои порано биле изречени со правосилна судска одлука врз основа на конкретна фактичка состојба и утврдена вина. Исто така, со оспорените законски одредби се излегувало надвор од односот казниво дело и судски изречената казна за неговиот сторител, на тој начин што со закон и надвор од евентуално изречена судска казна се определувале и други последици за определени лица, со што се ограничувале слободите и правата на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија.
4. Според членот 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот и владеењето на правото се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според членот 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.
Според членот 14 став 2 од Уставот никој не може повторно да биде суден за дело за кое веќе бил суден и за кое е донесена правосилна судска одлука.
Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 106 став 5 од Кривичниот законик “Службен весник на Република Македонија”, број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008 и 114/2009), никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност, a според ставот 6 од истиот член од Законот, на граѓаните по нивно барање, може да им се дадат податоци за нивната осудуваност или неосудуваност само ако овие податоци им се потребни заради остварување на нивните права во странство.
Согласно членот 8 став 10 од Законот за вработување и работа на странци (во натамошниот текст: ЗВРС) “Службен весник на Република Македонија”, број 70/2007 и 5/2009), министерот надлежен за работите од областа на трудот ја пропишува постапката за издавање на работни дозволи и формата и содржината на поединечните видови на работни дозволи, како и формата и содржината на образецот на сертификатот.
Според оспорениот член 11 алинеја 1 од Правилникот за постапките за издавање на работни дозволи и формата и содржината на посебните видови на работни дозволи, при секое повторно барање за издавање на дозвола, барањето покрај доказите наведени во член 10 на Правилникот, мора да содржи помеѓу другото и изјава на странецот дека не е казнуван за прекршок според одредбите на ЗВРС.
Според оспорениот член 12 став 2 алинеја 2 од Правилникот, странецот кон барањето за издавање на лична работна дозвола, помеѓу другото потребно е да приложи и изјава дека не е казнуван за прекршок по одредбите на ЗВРС во времето на важењето на претходната работна дозвола.
Според оспорениот член 16 став 4 алинеја 5 од Правилникот, работодавачот кон барањето за продолжување на дозволата за прво вработување, што било временски ограничено на четири месеци, помеѓу другото е должен да приложи и изјава, дека работодавачот и странецот во времето на важечката дозвола за вработување не ги прекршиле одредбите на ЗВРС.
Според оспорениот член 19 став 1 под г) алинеја 1 од Правилникот, кон барањето за ново вработување на странец, работодавачот е должен да приложи доказ за исполнување на условите на работодавачот помеѓу другото и изјава дека во последните три години пред поднесувањето на барање не му била изречена казна за прекршок според одредбите од ЗВРС, односно за прекршок според прописите за работните односи, и според став 2 алинеја 5 од истиот член од Правилникот, доказ за исполнување на условите на странецот помеѓу другото и изјава, дека во последните три години пред поднесувањето на барањето не му била изречена казна за прекршок, согласно со одредбите на ЗВРС.
Според оспорениот член 20 став 2 алинеја 5 од Правилникот, за ново вработување на странец кај работодавач, кој е физичко лице кон барањето се приложува и доказ за исполнување на условите на странецот помеѓу другото и изјава, дека во последните три години пред поднесувањето на барањето не му била изречена казна за прекршок според ЗВРС.
Според оспорениот член 21 став 1 алинеја 5 од Правилникот, кон барањето за ново вработување на странец што има специфична професија и занимање, што не може да се добие со школување и оспособување во Република Македонија, како доказ за исполнување на условите на работодавачот, помеѓу другото потребно е да се приложи изјава на работодавачот, дека во последните три години пред поднесувањето на барањето не му било изречена казна за прекршок според одредбите на ЗВРС, односно за прекршок според прописите за работните односи, а според став 2 од истиот член од Правилникот, како доказ за исполнување на условите на странецот, потребно е да се приложи изјава, дека во последните три години пред поднесувањето на барањето не му била изречена казна за прекршок според ЗВРС.
Според оспорениот член 22 алинеја 3 од Правилникот, ако работодавачот повторно побара издавање на дозвола за вработување за истиот странец, кон барањето помеѓу другото, работодавачот потребно е да приложи изјава, дека во последната година пред поднесувањето на барањето не била изречена казна за прекршок согласно одредбите од ЗВРС.
Според оспорениот член 26 став 3 алинеја 4 од Правилникот, странскиот работодавач кон барањето за издавање дозвола за работа за изведување на прекугранични услуги, потребно е да приложи помеѓу другото и изјава, дека на подносителот во последната година пред поднесување на барањето не била изречена казна за прекршок според ЗВРС и дека во времето на изведувањето на услугите на територијата на Република Македонија, преместениот работник ќе обезбеди работноправни услови во согласност со македонското законодавство.
Според оспорениот член 29 став 2 алинеја 5 од Правилникот, странски работодавач кој поднесува барање за издавање на дополнителни дозволи за работа, помеѓу другото кон барањето потребно е да приложи и изјава, дека на преместениот работник во последните три години пред поднесувањето на барањето не му била изречена казна согласно со одредбите од ЗВРС.
Според оспорениот член 33 став 3 алинеја 6 од Правилникот, кон барањето за издавање на дозвола за работа за преместени работници, странскиот работодавач помеѓу другото потребно е да приложи и изјава, дека на подносителот и на преместениот работник во последните три години пред поднесувањето на барањето за издавање на дозвола за работа не била изречена казна за прекршок согласно одредбите од ЗВРС.
Според оспорениот член 34 став 3 алинеја 7 од Правилникот, кон барањето за издавање дозвола за работа за преместување на лица во рамките на здруженијата на компанијата, странскиот работодавач помеѓу другото потребно е да приложи и изјава, дека на подносителот и преместениот работник во последните три години пред поднесувањето на барањето за издавање на дозвола за работа не им била изречена казна за прекршок согласно одредбите од ЗВРС.
Според оспорениот член 38 став 3 алинеја 3 од Правилникот, кон барањето за издавање на дозвола за работа за сезонски работи, работодавачот помеѓу другото потребно е да приложи и изјава, дека на поднесувачот во последните три години пред поднесување на барањето не била изречена казна за прекршок според одредбите на ЗВРС односно прекршок според прописите за работните односи, а според алинеја 9 од истиот член од Правилникот и изјава на странецот, дека во последните две години пред поднесувањето на барањето не му била изречена казна за прекршок согласно одредбите од ЗВРС.
Според оспорениот член 39 став 3 алинеја 5 од Правилникот, кон барањето за издавање на дозвола за сезонска работа во областа на земјоделството и шумарството, во случаи, да не се работи за засновање на работен однос, со барањето работодавачот помеѓу другото потребно е да приложи и изјава на странецот, дека во последните две години пред поднесување на барањето не била изречена казна за прекршок согласно одредбите од ЗВРС, а според став 5 алинеја 5 од истиот член од Правилникот, во случај, да работодавачот поднесе барање за издавање на дозвола за работа во иста календарска година во два или три термини за време до 30 дена, кога не заснова работен однос, кон барањето помеѓу другото потребно е да приложи и изјава на странецот, дека во последните две години пред поднесувањето на барањето не била изречена казна за прекршок согласно одредбите од ЗВРС.
Според оспорениот член 43 став 3 алинеја 5 од Правилникот, кон барањето за издавање дозвола за работа за договорни услуги кои се извршуваат од странец, нарачателот на услугата помеѓу другото потребно е да приложи и изјава на нарачателот и странецот, дека во последните три години пред поднесувањето на барањето не им била изречена казна за прекршок согласно одредбите од ЗВРС.
Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби, наспрема содржината на оспорените одредби од Правилникот, според кои странец, работодавач кој вработува странци или странски работодавач, се обврзани покрај останатите документи за добивање на соодветна работна дозвола, кон барањето да приложат и изјава дека не се казнувани за прекршок според одредби од Законот за вработување и работа на странци (ЗВРС) или дека не им била изречена казна за прекршок според одредби од ЗВРС, односно за прекршок според прописите за работните односи, Судот, утврди дека истото претставува ограничувачки услов за стекнување со соодветна работна дозвола, спротивно на уставните и законски норми. Ова од причини што утврдувањето на тој факт за едно лице не може да биде обврска за поединецот кој е во прашање туку за органот што одлучува во конкретниов случај за издавање на соодветна работна дозвола, а на кој му стои на располагање службена казнена евиденција.
Поаѓајќи од фактот дека со Одлуката на овој суд У.број 2/2008 од 20 ноември 2008 година, се укинати одредби од наведениот закон во кои било предвидено ограничување за нови вработувања или работа, ако странецот или работодавачот биле прекршочно казнети во претходниот период или ако ја прекршиле законската регулатива за работните односи, што значи оспорениот акт го изгубил својот основ, Судот, утврди дека со оспорените одредби од Правилникот се операционализираат одредби од Законот кои не се во правниот поредок со што се повредува уставниот принцип на владеењето на правото утврден во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Врз основа на наведеното, Судот оцени дека во овој случај основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со член 8 став 1 алинеи 1 и 3, член 9, член 13 став 1, член 14 став 2, член 25, член 32 ставови 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија, член 106 став 5 од Кривичниот законик и одредбите од Законот за вработување и работа на странци.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У. Бр. 235/2009
13 јануари 2010 година
Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски