121/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 3 став 3 и член 20 став 1 од Статутот на Здружението на возачи од Кичево, донесен од Собранието на Здружението на 27 февруари 2009 година.

2. Алексо Страшеноски од Кичево на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Статутот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, овластувањето од член 3 став 3 од Статутот, секретарот на Здружението самиот да оценува кој кандидат за зачленување ќе дал придонес за развој на Здружението и немало да нанесе штета на Здружението, ниту ќе го нарушел нејзиниот углед, па врз основа на таа оценка да издавал односно потпишувал пристапница, ја ограничувало уставно загарантираната слобода на граѓаните на здружување заради остварување и заштита на нивните права и уверувања, создавало нееднаквост и ја ограничувало слободата на човекот која била неприкосновена а му било ограничено и неговото избирачко право, поради што оспорената одредба не била во согласност со членовите 9, 12, 20 и 22 од Уставот на Република Македонија.

Исто така, определувањето во член 20 став 1 од Статутот, членови на Собранието на Здружението да можат да бидат само членовите кои имале платено три години членарина, значело членовите со една или две години членство и платена членарина да не можат да бидат бирани во Собранието на Здружението, со што тие граѓани биле дискриминирани и им се ограничувале уставните слободи и права, поради што и оваа одредба не била во согласност со наведените уставни одредби.

3. Судот на седницата утврди дека во член 1 од Статутот се определува дека Здружението е здружение на граѓани-возачи од Кичево кои се здружиле слободно со цел подобрување на сообраќајната култура, безбедност во сообраќајот на патиштата, техничката исправност на моторните возила и други прашања.

Во член 3 од Статутот се предвидува дека член на Здружението може да биде секој полнолетен и деловно способен граѓанин-државјанин на Република Македонија кој доброволно ќе пристапи кон Здружението со давање писмена изјава (став 1), а зачленувањето се врши со пристапница (став 2).

Според оспорениот став 3 од истиот член на Статутот, „пристапницата ја издава (потпишува) секретарот на Здружението на возачи – Кичево доколку смета дека новиот член ќе даде допринос за развојот на Здружението на возачи – Кичево и со неговото членување, работење и дејствување нема да нанесе штета и намалување на угледот на Здружението на возачи – Кичево“.

Според оспорениот член 20 став 1 од Статутот, Собранието на Здружението на возачи од Кичево брои 9 члена кои се избираат од Собир на активни членови на Здружението на возачи – Кичево со пристапница и редовно платена членарина за последните 3 (три) години, а кои се евидентирани во регистар и список кои еднаш годишно се ажурираат од страна на секретарот.

4. Според член 20 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања (став 1); граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека на граѓаните им се гарантира со Устав слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверување и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани.

Со оглед на тоа што со оспорените одредби од Статутот се определува секретарот на Здружението самиот дискреционо да оценува кој кандидат за зачленување ќе дал придонес за развојот на Здружението и немало да нанесе штета, ниту ќе го нарушел угледот на Здружението (член 3 став 3), како и што членови на Собранието на Здружението можат да бидат само членови кои платиле членарина последни три години (член 20 став 1), а не и другите членови, пред Судот се постави прашањето дали таквите одредби не ја доведуваат во прашање уставно загарантираната слобода на граѓаните да се здружуваат утврдена во член 20 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.121/2009
13 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски