Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 јануари 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Детален урбанистички план за централното градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг„, дел од БЛОК 1, БЛОК 6 и БЛОК 7 – општина Центар, број 07-1768/4 од 9 јули 2008 година, донесена од советот на општина Центар („Службен гласник на општина Центар“ бр.7/2008).
2. Проф.д-р Мирјана Најчевска, Стамен Филипов и Сашо Тодоровски, сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека Уставниот суд веќе одлучувал по оспорената одлука и не повел постапка за нејзино оценување на уставноста и законитоста, но според подносителите на иницијативата, постоеле основи за поинакво одлучување, а во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот.
Подносителите на иницијативата сметаат дека Судот бил доведен во заблуда, поради што ги немал во вид точните факти за правилно одлучување по предметот. Имено, подносителите на иницијативата наведуваат дека Општината Центар немала спроведено јавна презентација и анкета на нацрт-планот, бидејќи била направена замена на теза и на Судот му било посочено дека тие биле направени со Соопштението за Јавна презентација и јавна анкета за Предлог план за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план, во дневниот весник „Време„, но се работело за Предлог-план, а не за нацрт-план. Оттука, според подносителите на иницијативите, не била спроведена јавна презентација и јавна накета за Нацрт-планот, со што бил повреден член 24 од Законот за просторно и урбанистично планирање.
Понатаму, Соопштението за јавната презентација и анкета на Предлогот не било објавено во дневниот весник „Дневник„, како што се наведува во Решението за објавување на јавната презентација, со што била повредена одредбата на член 52 став 4 на Уставот – односно ретроактивното дејство на Решението за објавување на Решението за јавна презентација и анкета.
Со оспорената Одлука, бил повреден член 24 став 4 од законот, бидејќи со Решението за јавна презентација и јавна анкета, градоначалникот на општината презел дејствија што не биле во негова ингеренција. Имено, Законот предвидувал дека јавната анкета трае најмалку 10 работни дена, а во решението било наведено дека јавната анкета ќе трае 10 дена од денот на објавувањето на Соопштението.
По однос на карактерот на Извештајот од јавната анкета, што согласно член 24 став 6 од Законот, подносителите тврдат дека истиот бил фалсификуван.
Понатаму, се наведува дека оспорениот Детален урбанистички план не бил усогласен со Генералниот урбанистички план на град Скопје, со што бил повреден член 11 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Оспорената одлука, исто така, била донесена во спротивност со член 17 став 5 од Законот, бидејќи партиципативното тело во случајов не било консултирано.
Подносителите на иницијативите, исто така, укажуваат на пропустите на инволвираните државни органи при носењето на нивните решенија, а посебно укажуваат на согласноста на Министерството за транспорт и врски – за уредување на просторот, како и на негативното мислење и известувањето од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство, а во врска со нивната хронолошка сукцесивност.
Во иницијативата, исто така, се наведува дека со изработувањето и донесувањето на оспорениот Детален урбанистички план не се обезбедувало уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, иако било предвидено во член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, и во член 2, член 4 став 2 точки 3 и 9 и член 31 ставовите 1 и 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, според наводите во иницијативата, сите овие членови упатувале на обемна и ефективна јавна расправа, а посебно за централниот плоштад на главниот град Скопје, како културно место поврзано и значајно за жителите на градот.
Поради наведените причини, се предлага поништување на оспорената одлука и истовремено се предлага донесување на решение за времена мерка.
3. Судот на седницата утврди дека според член 1 од оспорената одлука, се врши изменување и дополнување на Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар Скопје, согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје („Службен гласник на Град Скопје“ бр.8/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006 и 140/2007) и Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/2006).
Во член 2 од Одлуката се предвидува дека во границите на урбаниот опфат на „Мал Ринг“ од 54.0 ха со оваа одлука се врши измена во рамките на
– дел од Блок Б1 со површина од 0.15 ха;
– дел од Блок Б6 со површина од 0.28 ха;
– дел од Блок Б6 со поввршина од 0.87 ха;
Границата на планскиот опфат на Детален урбанистички план централно градско подрачје на град Скопје – „Мал Ринг“ општина Центар-Скопје е прикажана во графичките прилози и е дефинирана помеѓу:
– на север Булеварот „Гоце Делчев“;
– на исток Булеварот „Војвода Васил Аџиларски“;
– на југ Булеварот „Даме Груев“;
– на исток Булеварот „Даме Груев“ и Булеварот „ВМРО“.
Во членот 3 од Одлуката се наведува дека во утврдените граници на опфатот од член 2, се содржани документационата основа, планската документација, условите за градба, како и графичкиот дел и планираниот развој.
Според член 4 од ова одлука, составен дел на оваа одлука се:
– Текстуален дел на планот;
– Графички прилози;
– Нумерички дел;
– Услови за градба;
– Стручна ревизија;
– Одговор на ревизија;
– Мислење за заштитно-конзерваторски услови од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр.08-214/2 од 29.01.2007 година;
– Решение за одобрување на заштитно-конзерваторските основи за културното наследство во границите на опфатот на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ општина Центар-Скопје од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство бр.08-398/3 од 2.03.2007 година.
– Решение за Јавна презентација и Јавна анкета бр.08-633/1 од 4.03.2008 година;
– Соопштение за Јавна презентација и Јавна анкета бр.08-633/2 од 4.03.2008 година;
– Решение за формирање стручна комисија бр.08-8251 од 20.03.2008 година;
– Извештај по спроведена јавна презентација бр.26-327/5 од 24.03.2008 година;
– Извештај од Јавна анкета бр.26-327/6 од 26.03.2008 година;
– Известување за постапување по Извештај од јавна анкета бр.26-327/7 од 26.03.2008 година;
– Мислење по Предлог-изменување и дополнување на ДУП за Централно градско подрачје „Мал Ринг“ (Б1, Б6 и Б7) од Град Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот бр.08/13-1421/1 од 16.06.2008 година;
– Одговор на мислење за изменување и дополнување на Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 од јуни 2008 година;
– Согласност од Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот бр.16-7418/2 од 20.06.2008 година.
Во член 5 од Одлуката, се предвидува дека изменувањето и дополнувањето на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје („Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар Скопје, се заверува со печат на општина Центар – Скопје и потпис на Претседателот на Советот на општина Центар во седум примероци од кои:
– Еден се чува во архивата на општина Центар;
– Еден се чува во Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар – Скопје;
– Еден се доставува до надлежниот државен архив;
– Еден се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат;
– Еден се доставува до Државнииот завод за геодетски работи;
– Еден се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам;
– Седмиот примерок се изложува во општина Центар – Скопје заради достапност на јавноста.
Согласно член 6 од Одлуката, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар во рок од 30 дена од донесување на планот е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон.
Картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.
Согласно член 7 од истата одлука, Одлуката за донесување на измени и дополнување на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ дел од Блок Б1, Блок Б6 и Блок Б7 општина Центар Скопје, со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во општина Центар – Скопје.
Во член 8 од оваа одлука, е предвидено дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар“ – Скопје.
4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
По увидот во писмената документација, поднесеното мислење од Советот на Општина Центар, а во корелација со наводите во поднесената иницијатива, Судот оцени дека со поднесената иницијатива се оспорува постапката за донесување на оспорената одлука, што беше предмет на оценување во предметот У.бр.154/2008 и по кој Судот зазема став дека Советот на Општина Центар при донесување на Одлуката во целост ги испочитувал сите фази во постапката, односно во целост ги испочитувал сите одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, што е од суштинско значење за донесување на Деталниот урбанистички план.
Според Судот, во поткрепа на утврдениот став на Судот е и фактот што во конкретниов случај станува збор за донесување на Детален урбанистички план во скратена постапка, во која Урбанистичкиот план бил изработен и донесен како предлог-план, а врз основа на Програма за приоритетна изработка на урбанистичките планови во Република Македонија во 2008 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/2008), во која постапка урбанистичкиот план се изработува, односно донесува само како предлог на план, а во смисла на член 26 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Во ваков вид на постапки согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање се врши стручна ревизија, се спроведува јавна презентација и јавна анкета, писмено се известува секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање, односно неприфаќање на неговите забелешки или предлози, се бара согласност на деталниот план од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, како и мислење од градоначалникот на градот Скопје.
Имајќи го во вид фактот дека во претходната постапка, односно во Решение на Уставниот суд У.бр.154/2008 од 25 февруари 2009 година одговорот на прашањето, кое сега повторно во оваа иницијатива се поставува, Судот во целост се произнелл и утврдил дека Советот на општина Центар при донесување на оспорената одлука во целост ги испочитувал одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно Одлуката ја донел во законито спроведена постапка, поради што Судот оцени дека наводите истакнати и во сега поднесената иницијатива не се од влијание за поинакво одлучување.
При градењето на правното мислење, Судот, го имаше во вид и наводот истакнат во иницијативата дека со оспорената одлука се повредувал членот 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, но истиот не е поткрепен со аргументи, односно причини за негово оспорување.
Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.
Од увидот во целината на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање, а посебно оние кои ја регулираат постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедувањето токму на овие темелни вредности, а посебно на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.
Во услови кога Уставниот суд во Решението У.бр.154/2008 од 25 февруари 2009 година, утврдил став дека Советот на општина Центар во целост ја испочитувал утврдената прецизна регулатива во врска со постапката за донесување на деталниот урбанистички план (кој е предмет на оценување), Судот утврди дека оспорената одлука не е во спротивност со уставните начела на членот 8 став 1 алинеи 3 и 10, од Уставот, односно дека со истата не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија по однос на владеењето на правото, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот како универзална вредност која во целост е заштитена со донесување на оспорената одлука. Поточно, со изнесените наводи во иницијтивата не се доведува под сомнение фактот дека со изработувањето и донесување на оспорениот Детален урбанистички план се обезбедува уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредување на животната средина, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
По однос на наводот истакнат во иницијативата, дека со донесување на оспорената одлука се повредувал член 14 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/2004) исто така, Судот утврди дека не е од влијание за поинакво одлучување, од причина што Уставниот суд не е надлежен да се впушти во намената и карактерот на просторот, од причина што тоа е во надлежност на органите кои што учествуваат во донесувањето на урбанистичкиот план, а Уставниот суд има надлежност да ја цени постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, согласно одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање која правна легислатива е во функција на обезбедување и уредување на просторот и заштита и унапредување на животната средина.
Имено, единиците на локалната самоуправа и нивните органи и јавни служби се одговорни за остварувањето на заштитата на културното наследство во рамките на нивните надлежности при донесување на урбанистичките планови. Во тој контекст општината прибавила Мислење за заштитно-конзерваторски услови бр.08-214/2 од 29 јануари 2007 година како и Решение за одобрување на заштитно-конзерваторски основи за културно наследство бр.08-398/3 од 22 март 2007 година, од Министерството за култура – Управа за заштита на културното наследство.
Имајќи ги во вид наведените аргументи, Судот оцени дека во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, поради што во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи иницијативата да ја отфрли.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.108/2009
13 јануари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски