96/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 13 јануари 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 200-м ставови 1 и 3 од Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008 и 67/2009)

2. Љуљзим Хамиди, од с. Градец, општина Врапчиште, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, врз основа на оспорениот член од Законот за здравствена заштита, во текот на 2006 и 2007 година биле склучени спогодби за преземање на работници од средниот медицински персонал (забни техничари, медицински сестри), помеѓу здравствените домови како јавни установи и концесионираните, односно новооснованите приватни здравствени установи, со што била создадена нова категорија на здравствени работници т.н. „преземени“ работници што било во спротивност со член 54 став 3 и членот 9 од Уставот на Република Македонија. На овие работници им било ускратено правото на „наследна работа“ што било во спротивност со член 30 став 1 од Уставот.

Подносителот на иницијативата понатаму наведува дека на овие „преземени работници“ им било ограничено времетраењето на работниот однос на 5 години, што било во спротивност со член 22 од Законот за работните односи, според кој тие треба континуирано да работат, освен ако се ставени во категоријата што ја уредува член 23 точка 4 од Законот за работните односи. Овие работници биле во голем број, кој точно не бил утврден и тие се наоѓале во незавидна положба бидејќи немале сигурна иднина како нивните поранешни колеги. Многу од нив (забни техничари, медицински сестри и др. ) ја напуштиле работата, а другите чекале да помине петгодишниот период и да останат на улица.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 200-м став 1 од Законот за здравствена заштита, закупецот е должен да ги преземе здравствените работници кои, пред денот на влегувањето во сила на овој закон, биле распоредени на работно место во организационата единица што ја зема под закуп.

Согласно оспорениот став 3 на овој член од Законот, на лицата кои се преземени согласно со ставовите 1 и 2 на овој член не може да им престане работниот однос врз основа на технолошки вишок во наредните пет години од денот на преземањето.

4. Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Согласно членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност.

Оспорената одредба од Законот за здравствената заштита е една од повеќе одредби од Законот (внесени со измените на Законот од 2004 година), кои се однесуваат на трансформацијата на јавните здравствени установи.

Во член 200-к ставовите 1, 2 и 3 од Законот, кои одредби важат сега и кои се востановени со Законот за изменување и допополнување на Законот за здравствена заштита („Службен весник на Република Македонија„ бр.84/2005), се определува: „Деловите од објектите и опремата и постојните јавни здравствени установи во кои се врши примарна здравствена заштита, стоматолошка здравствена заштита и фармацевтска дејност се трансформираат, односно се приватизираат по пат на издавање под закуп на простор и опрема, под услов закупецот да основа приватна здравствена установа за вршење на соодветна дејност, во согласност со овој закон„. (став 1); Во ставот 2 на овој член е предвидено дека за вршење на дејноста од ставот 1 на овој член во јавните здравствени установи под закуп се издаваат просторот и опремата на деловите кои претставуваат организациона просторна, техничка и функционална целина (во натамошниот текст: организациона единица). Согласно ставот 3 на овој член од Законот, Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за здравство може да донесе одлука по пат на закуп да се трансформираат, односно приватизираат и други делови од јавните здравствени установи.

Со членот 200-л од Законот е предвидено дека организациона единица се издава под закуп на еден или повеќе здравствени работници со високо образование кои ги исполнувааат условите пропишани со овој закон (во натамошниот текст: закупец). При издавањето под закуп приоритет имаат здравствените работници од ставот 1 на овој член кои се распоредени на работни места во таа организациона единица најмалку шест месеци пред денот на влегувањето во сила на овој закон.

Одредбите од членот 200-м што се предмет на оваа иницијатива, подносителот ги оспорува од аспект на положбата, односно статусот на вработените лица од средно-стручниот медицински персонал, тврдејќи дека истите се ставени во неповолна положба и се дискриминирани бидејќи немаат загарантирана работа.

Наводите во инцијативата, Судот не ги прифати од следниве причини, на кои укажува и Министерството за здравство во својот одговор. Имено, со оспорените одредби на здравствените работници со средно и више образование затекнати на работа во моментот на издавањето на ординациите под закуп им се гарантира правото на работа во новооснованата приватна здравствена установа основана по пат на закуп, преку нивно преземање од јавната здравствена установа во која биле во работен однос. Значи интенцијата на законодавецот била токму да се обезбеди продолжување и задржување на работниот однос на оваа категорија на здравствени работници, со преземање и без јавно огласување, со гаранција дека на овие работници работниот однос не може да им престане врз основа на технолошки вишок во наредните пет години од денот на преземањето. При тоа, законодавецот не предвидел дека по истекот на пет години нивниот работен однос ќе престане, бидејќи се поаѓа од фактот дека приватната здравствена установа основана по основ на закуп, согласно член 200-у од Законот ќе склучи договор со Фондот за здравствено осигурување, ќе продолжи да работи и да остварува приход што е претпоставка дека нема да настапат услови за откажување на договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациони) согласно Законот за работни односи. Оттука, фактот што овие работници се преземаат, не значи создавање на нова категорија на вработени – „преземени работници“ како што ги нарекува подносителот на иницијативата, кои би биле во понеповолна положба од аспект на нивниот работен однос, туку сосема спротивното, со преземањето се овозможува овие работници да го задржат работното место и да продолжат да работат со лекарите со кои дотогаш работеле.

За Судот се неприфатливи и наводите во иницијативата дека на овие работници им било ускратено правото на „наследна работа“. Под претпоставка дека подносителот под овој термин го подразбира т.н. стекнато право, ова тврдење не може да се прифати од причина што правото на работа не претставува стекнато право. Меѓутоа, работниот однос и на овие вработени, како и на секој работник може да престане согласно услови и во постапка уредена со Законот за работните односи.

Поради наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од членот 200-м од Законот за здравствената заштита не може да се доведе под сомнение за нејзината согласност со Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 96/2009
13 јануари 2010 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски