Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА Одлуката за давање на трајно користење на движна ствар, број 07-49/11 од 29 јануари 2009 година („Службен гласник на општина Струга“ бр.17/2009) донесена од Советот на општина Струга.
2. СЕ СТАВА НАДВОР ОД СИЛА Решението за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука.
3. Оваа одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Македонија“.
4. Уставниот суд на Репубика Македонија по повод иницијатива поднесена од Рамиз Мерко, градоначалник на општина Струга, со Решение У.бр.54/2009 од 28 октомври 2009 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за давање на трајно користење на движна ствар број 07-49/11 од 29 јануари 2009 година, донесена од Советот на општина Струга.
5. Судот на седницата утврди дека Советот на општина Струга на 29 јануари 2009 година ја донел оспорената одлука во која во членот 1 било утврдено дека со оваа одлука на досегашните корисници, членовите на Советот на општина Струга, им се давале на трајно користење движните ствари, лап-топ (Net-Book) и тоа на 26 поединечно набројани лица. Оваа одлука, според членот 2, влегла во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Струга“.
6. Според Амандманот XVII точка 1 од Уставот, со кој се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот на Република Македонија, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.
Согласно член 31 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/2002), органи на општината се советот и градоначалникот.
Согласно член 45 од истиот закон, членовите на советот имаат право на надоместок за присуство на седници и надоместок на патните и дневните трошоци, во рамките утврдени со закон.
Во делот од Законот за локалната самоуправа, кој се однесува на „Сопственост на општината“, е предвидено дека општината има право на сопственост на ствари, парични средства и права, вредноста на сопственоста на општината се проценува и искажува при изготвувањето на годишната сметка и со сопственоста општината располага и стопанисува како добар домаќин, на начин утврден со закон (член 64); општината може да ги продава стварите во сопственост на општината само по пат на јавно наддавање, во согласност со закон, продажната цена на стварите не смее да биде помала од нивната пазарна вредност и финансиските средства добиени од продажбата на стварите во сопственост на општината може да се инвестираат само за стекнување на нови или реконструкција на постојните ствари во сопственост на општината (член 66); и стварите во сопственост на општината можат да се дадат на користење на други субјекти по пат на јавно наддавање, во согласност со закон (член 67).
Со Законот за дополнување на Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката („Службен весник на Република Македонија“ бр.121/2007) кој е влезен во сила на 13 октомври 2007 година, е додаден дел V-а со пет нови членови 29-а до 29-д.
Во делот V-а „Надоместоци на членовите на советите на општините и членовите на Советот на град Скопје“, со членот 29-а од Законот, е предвидено дека на членовите на советите на општините и на членовите на Советот на градот Скопје им припаѓа надоместок за присуство на седниците на советот и надоместок на патни и дневни трошоци, кои се обезбедуваат и исплаќаат од буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според членот 29-б од Законот, месечниот надоместок за присуство на седниците на советот се утврдува во процентуален износ од просечната месечна нето плата во Републиката исплатена за претходната година, но не повеќе од 70% (а со измените на Законот во 2008 година, процентот е 84%). Висината на месечниот надоместок за присуство на седниците се утврдува со одлуката за извршување на буџетот на општината и Буџетот на градот Скопје.
Според членот 29-в од Законот, на претседателите на советите за раководењето и организирањето на работата, надоместокот од членот 29-б се зголемува за 30%.
Од одредбата на членот 29-г од Законот, произлегува дека надоместокот се исплатува за присуство на седниците, а се намалува за 30% за секое отсуство од седница и не се исплатува за неприсуство на ниту една седница на советот.
Според членот 29-д од Законот, на членовите на советите на општините и на градот Скопје им се исплатуваат надоместоци за патни и дневни трошоци за службени патувања во земјата и странство според прописите кои се однесуваат на државните службеници вработени во општинската администрација и во администрацијата на градот Скопје.
Со членот 2 од Законот за дополнување на овој закон, е уредено дека постојните одлуки на општините и на градот Скопје со кои се определени надоместоците на членовите на советите на општините и на градот Скопје ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека ниту со Законот за плата и другите надоместоци на пратениците во Собранието на Република Македонија и другите избрани и именувани лица во Републиката, ниту со Законот за локалната самоуправа не е уредено право на членовите на советот на општината со своја одлука да одлучуваат да примаат и друг надоместок кој не е утврден со закон преку располагање со парични и други средства на општината во вид на компензација односно давање во нивна сопственост на движни ствари кои се сопственост на општината и на тој начин самостојно да одлучуваат за зголемување на надоместокот кој им е веќе со закон регулиран. Во случајов со оспорената Одлука членовите на Советот на општина Струга утврдиле такво право за надоместување во своја корист, а на сметка на имотот во сопственост на општината и со свој акт уредувале прашање за надоместок што е во надлежност на уредување со закон.
Поаѓајќи од наведеното Судот утврди дека оспорената Одлука е спротивна на начелото на владеењето на правото определено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, на членот 51 од Уставот според кој прописите треба да бидат во согласност со Уставот и со закон, како и спротивна на одредбите од наведените закони.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.
8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.54/2009
23 декември 2009 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски