272/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на годишни сметки за финансово работење на Македонската авторска агенција, ДОО Скопје за 2004, 2005, 2006, 2007 и 2008 година.

2. Тихомир Димитриевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите, означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, годишните сметки за финансово работење на Македонската авторска агенција ДОО Скопје за 2004, 2005, 2006, 2007 и 2008 година, биле неуставни и незаконити, поради незаконито работење и дејствија на 14 основачи-сосопственици на Агенцијата од кои причини подносителот бара нивно поништување.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се бара оценување на уставноста и законитоста на годишни сметки за финансово работење на Македонската авторска агенција за 2004, 2005, 2006, 2007 и 2008 година, што се однесувале на: трошоци за месечни плати на работниците на Агенцијата и утврдување и распределба на добивките, пооделно по години и по основачи (сосопственици-здружувачи) на истото друштво, за 5-те години.

4. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Поаѓајќи од правните елементи кои го определуваат прописот кој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото, Судот, утврди дека во конкретниот случај, оспорениот акт нема карактер на пропис, подобен за уставносудска оцена во смисла на член 110 од Уставот, поради што оцени дека во конкретниот случај не се исполнети условите Уставниот суд да се впушта во анализа на основаноста на наводите во иницијативата и согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд, се настапени условите за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 272/2009
23 декември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски