Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 декември 2009 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на
а) Решението за одземање од владение градежно неизградено земјиште на Игнатов Дуков Александар, а за изградба односно дооформување на градежна неизградена парцела за изградба на индивидуална станбена зграда, бр.12-2721/1, донесено од Собранието на општина Кавадарци на 26 февруарри 1990 година.
б) Решението за доделување на градежно неизградено земјиште во општествена сопственост по основ на конкурс на Душко Дуков бр.15-1694/2, донесено од Одделението за имотно правни работи Кавадарци на 8 декември 1993 година.
в) Договорот за купопродажба на недвижен имот бр.02-2160/9 ,склучен на 6 април 1962 година помеѓу Димо Илов Липтов од Кавадарци како продавач на недвижен имот и Народниот одбор на општина Кавадарци како купувач.
2. Илија Липтов од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените акти не биле во согласност со Уставот и законите кои важеле во времето на нивното донесување, од кои причини истите требало да бидат поништени.
3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 15 став 1 од Законот за градежното земјиште („Службен весник на СРМ“ бр.10/1979), Секретаријатот за станбено комунални работи и урбанизам , донел Решение бр.12-2721/1 од 26 февруари 1990 година,со кое од поранешниот сопственик Игнатов Дуков Александар од Кавадарци му се одзема од владение градежно неизградено земјиште КП.12870/2 во површина од 54 м2, а за изградба, односно дооформување на градежна парцела.
На поранешниот сопственик му се признава предимствено право да конкурира за добивање на предимство при конкурсната постапка.
Понатаму, Судот утврди дека врз основа на член 36 од наведениот Закон за градежното земјиште, Одделението за имотно правни работи Кавадарци,донело Решение бр.15-2694/2 од 8 декември 1993 година,со кое на Дуков Александар Душко му се доделува градежно неизградено земјиште во општествена сопственост по основ на конкурс како најповолен понудувач на конкурсот за изградба на индивидуална станбена зграда во површина од 152 м2.
Во оспорениот Договор за купопродажба на непокретен имот заклучен на 6 април 1962 година помеѓу Диме Илов Липтов од Кавадарци како продавач на недвижен имот и Народниот одбор на општина Кавадарци како купувач покрај другото, е предвидено дека продавачот Диме Илов Липтов се согласува да го отстапи недвижниот имот станбена зграда со помошни простории и куќен плац на зградата за потребите на Одборот, а за оформување на градско пазарче и изградба на општствена зграда под услови како накнада за отстапениот имот да му биде изградена станбена зграда со димензии 8 х 8м2 на приземје без подрум, градежен плац, да му изгради шупа за сместување на дрво во површина од 5 х 3 м2, и неговото семејство до изградба на станбената зграда да биде сместено во станбена зграда без да плаќа кирија.
4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува.
Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, содржината на оспорените акти и наводите во иницијативата, Судот оцени дека наведените акти по својата содржина и правно дејство се поединечни односно конкретни акти, а не прописи во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, затоа што со нив не се утврдуваат односи на општ начин и на неопределен број на субјекти во правото.
Со оглед на тоа што оспорените акти не се прописи, туку поединечни, односно конкретни акти, за кои согласно Уставот, Уставниот суд не е надлежен да ја за оценува нивната согласност со Уставот и законите, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.222/2009
23 декември 2009 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски